Економија
Се намалува мазутот, цените на дизелот и бензините остануваат непроменети

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,53 % во однос на одлуката од 7.5.2024 година.
Од 10.5.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 86,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 88,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 74,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 74,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,609 (денари/килограм)
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 1,223 денар/кг и сега ќе изнесува 44,609 денари/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 2,939 %, кај дизелот 1,523 %, кај екстра-лесното масло 1,341 % и кај „мазутот“ намалувањето е 3,608 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,015 %.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски предлага пет различни потрошувачки кошнички: Не се исти потребите на еден пар пензионери и на еден млад брачен пар

На првата седница Економско-социјалниот совет во кој ќе членуваат претставници на сите синдикати, ќе се разгледува нов начин на пресметување на минималната потрошувачка кошничка. Премиерот Христијан Мицкоски денес каже дека место досегашната пресметка на минималните трошоци за четиричлено семејство, тоа дека се прави за пет различни видови домаќинства.
„Претставниците на синдикатите, на работодавачите и на Владата на таа седница ќе разговараат и за потрошувачката кошничка која мислам дека треба да биде поделена во пет сегменти: потрошувачка кошничка за самец, потрошувачка кошничка за млад брачен пар, за тричлено семејство, за четиричлено семејство и потрошувачка кошничка за пензионери. Мислам дека во иднина треба да опфатиме анализа на пет потрошувачки кошнички затоа што потребите на луѓето се според возраста, се разбира, но исто така и потребите на луѓето се во зависност од бројноста, како е сочинета една заедница. Ова ќе биде мој предлог кој што сум го разговарал со академската фела и ова е предлог што сум го добил од таму у мислам дека е добар за разгледување и за дебата на тој Економско – социјален совет. Да имаме неколку потрошувачки кошнички бидејќи потребите на еден пар пензионери не се исти како на еден млад брачен пар или пак тричлено и четиричлено семејство или, пак, на самец“, рече премиерот Мицкоски.
Тој кажа дека е веќе завршен процесот на утврдување репрезентативност на синдикатите, пречка поради која не можеше да се одржи ниту седницата на која требаше да се разговара за барањето на синдикатот минимална тапата да биде 500 ерва. Премиерот очекува седницата на Економско – социјалниот совет да биде закажана во најскоро време.
Економија
Дурмиши-Џабаров: средбата е мост кон јужниот гасен коридор, кон пазарите во Кавказот

Министерот за економија Бесар Дурмиши, денеска оствари средба со официјална делегација од Република Азербејџан, предводена од министерот за економија Микаил Џабаров по повод одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.
„Вашата посета денес не е само дипломатски гест, туку симболичен и суштински момент. Оваа годишнина е повод за сеќавање, но и можност за визија, да ја зацврстиме и продлабочиме нашата економска и стратешка соработка,“ истакна Дурмиши.
Во рамките на разговорите беше потенциран и интересот за соработка во рамки на енергетиката, земјоделството, туризмот, фармацијата, инфраструктурата и инвестициите во мали и средни претпријатија.
Дурмиши порача дека денешната средба претставува мост кон јужниот гасен коридор, кон пазарите во Кавказот и кон една заедничка, стабилна и економски поврзана иднина.
„Убеден сум дека ова е само почеток на едно ново, посилно партнерство,“ заклучи Дурмиши.
Економија
Oхрабрува растот на извозот на земјоделски производи во првите 5 месеци, оценува Мицкоски

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека според податоците на Државниот завод за статистика забележан е нагорен тренд на извозот на земјоделските производи и како Владата ќе ги задржи овие параметри на среден и на долг рок, изјави:
„Точно е тоа, имаме раст на извозот во првите пет месеци, од речиси шеесетина, близу седумдесет проценти, што е добро, охрабрувачки за земјоделците. Добро е и за државата, бидејќи e помал дефицит што се однесува до увозот на храна.
Нашиот фокус како Влада е да ги помагаме земјоделците, тие да произведуваат за да може и да извезуваат, но и да ги задоволат трпезите на македонските граѓани. Така ќе продолжиме и во иднина, со тоа што планираме тој систем на субвенционирање да биде насочен кон вистинските земјоделци. Кон оние коишто вистински произведуваат, а не кон оние малкумина коишто се обидуваат на грбот на земјоделците да профитираат. Така функциониравме и до сега, така ќе продолжиме да функционираме и понатаму.“