Економија
Се намалува цената на бензините, дизелот останува непроменет
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,80 % во однос на одлуката од 29.5.2023 година.
Малопродажната цена на бензинот „евросупер БС-98“ се намалува 1,00 денар/л.
Малопродажните цени на бензинот „евросупер БС-95“ и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат 0,50 денари/л.
Малопродажната цена на „евродизелот (Д-Е V)“ не се менува.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 0,571 денари/кг и сега ќе изнесува 39,604 денари/кг.
Од 6.6.2023 година, од 00.01 часот. максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
моторен бензин „евросупер БС-95“ – 80,00 (денари/литар)
моторен бензин „евросупер БС-98“ – 82,00 (денара/литар)
дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ – 69,00 (денари/литар)
масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 67,50 (денари/литар)
„мазут М-1 НС“ – 39,604 (денари/килограм)
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 2,411 %, кај дизелот 0,843 %, кај екстра-лесното масло 0,878 % и кај мазутот намалувањето е 2,585 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 0,621 %.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Тренчевска: Владата крати пари за најранливите во Буџетот, социјалната заштита под удар
Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, во своето обраќање пред собраниската Комисија за финансирање и буџет истакна дека предлог-буџетот за 2026 година кој го предлага Владата не само што не обезбедува фискална консолидација, туку ја продлабочува фискалната нестабилност и создава сериозни ризици за економијата и граѓаните.
Наместо реални реформи и стабилност, буџетот нуди нереални проекции, енормно задолжување и директно прекршување на фискалните правила утврдени со Законот за буџети.
„Владата проектира дефицит од 3,5% спротивно на законскиот лимит од 3%, што претставува уште едно нарушување на фискалната дисциплина, а проекциите за раст и инфлација воопшто не се во согласност со податоците на Народната банка и ММФ. Тоа потврдува дека буџетот се темели врз нереален оптимизам и лажна слика за стабилност“, нагласи Тренчевска.
Таа потсети дека иако буџетот е наречен „развоен“, капиталните инвестиции се намалени за речиси 7 милијарди денари во однос на 2025 година, а реализацијата на капиталните расходи „до овој момент изнесува само 46%, што ја разобличува предизборната реторика за ‘градежна офанзива’“.
Тренчевска особено нагласи дека најголемиот удар во буџетот е направен врз Министерството за социјална политика, демографија и млади.
„Иако формално буџетот изгледа зголемен, суштинската анализа покажува дека средствата за најважните програми се драстично скратени. Се кратат надоместоците за лицата со попреченост, за децата, за болните и изнемоштени, за примателите на гарантирана минимална помош, за детските и образовните додатоци, за старите лица и за сите ранливи категории. Намалувањето изнесува скоро 2 милијарди денари“, истакна Тренчевска.
Таа додаде дека Владата кратела и средства за социјални услуги, деинституционализација, заштитни друштва и блок-дотации за градинките, што директно ќе ја влоши состојбата на терен.
„Во 2026 година нема да има ниту зголемување на правата од социјална и детска заштита, и покрај ветувањата и амандманите што Владата ги користеше за предизборни цели“, рече пратеничката на СДСМ.
Тренчевска предупреди дека проектираниот трансфер кон Фондот за пензиско осигурување достигнува повеќе од 62 милијарди денари, односно 1 милијарда евра – највисок досега.
Ова, според неа, „ја разголува несериозноста на владините политики кои го зголемија дефицитот на фондот за само 16 месеци од 32,5 на 45%“.
„Со ваквото зголемување се нарушува стабилноста на фондот и се доведуваат во неизвесност сегашните и идните пензионери“, посочи Тренчевска, додавајќи дека оптималниот сооднос за стабилен пензиски систем е 3:1, а овој сооднос ќе продолжи да паѓа со оглед на најавените затворања на компании и отпуштања на околу 1.000 работници, како и отпуштањата во текстилната индустрија„ истакна пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска.
Економија
Ангелова: Буџетот за 2026 обезбедува зголемени средства за социјална заштита, како и за раст и редовна исплата на пензиите
На денешната седница за Предлог-буџетот за 2026 година се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова, која се осврна на делот кој се однесува на социјалната заштита и поддршката на граѓаните, истакнувајќи дека цврсто стои зад буџетската рамка, затоа што обезбедува зголемени средства за социјална заштита и поддршка на ранливите категории.
„Предлог Буџетот за 2026 година обезбедува зголемени средства за социјална заштита, и поддршка на ранливите категории – децата, лицата со попреченост, самохраните родители, старите лица и сите кои се соочуваат со сиромаштија и социјална исклученост. Со Буџетот се обезбедува редовна исплата на платите и пензиите, како и континуирана социјална заштита. Средствата за социјална заштита се проектирани на 206,3 милијарди денари, што е раст од 6,7 проценти. Платите изнесуваат 52,6 милијарди денари, или 7 проценти повеќе во однос на оваа година, во кое е опфатено зголемување на платите со порастот на минималната плата“, вели Ангелова.
Пратеничката Ангелова посочи дека ќе продолжи растот на пензиите и во наредниот период но и дека ќе се продолжи со мерки кои обезбедуваат одговорно управување со јавните финансии, постепено намалување на расходите и одржливо ниво на буџетски дефицит и јавен долг како и засилена фискална дисциплина и транспарентност.
„Во пензискиот систем се вклучени сите зголемувања реализирани во износ од 5.000 денари во септември 2024 и март 2025 година, како и последното зголемување од 1.000 денари. Растот на пензиите ќе продолжи и во наредниот период, со цел поддршка на стандардот на пензионерите. Со овој Предлог – буџет за 2026 година ќе има засилена фискална дисциплина, поголема ефикасност во капиталните инвестиции, централизирана контрола и транспарентност, јасна процедура за субвенции и трансфери, подобра контрола врз општините, транспарентност во повратот на приходи, редовно известување и отчетност, правна сигурност и предвидливост и поголема одговорност на институциите“, рече Ангелова.
Економија
Битиќи: Новиот буџет носи рекордно задолжување
На денешната комисиска расправа за финансирање на буџет, пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи обвини дека предложениот буџет на Владата носи рекордно задолжување и историски најголемо плаќање камати.
„Во 2026 година јавниот долг ќе се искачи над 62% од БДП, со планирано задолжување над 120 милијарди денари и „рекордни 21,27 милијарди за камати“, посочи Битиќи.
Тој нагласи дека парите наместо во развојни проекти се топат во дефицитот.
„Од проектираните даночни приходи од околу 200 милијарди денари, наместо да завршат во училници, операциони сали, лаборатории, патишта и железници, тие ќе исчезнат во јазот на дефицитот и во каматите“, рече Битиќи.
Тој укажа и на сериозно кратење на капитални проекти. Капиталните расходи се планирани на 40,2 милијарди денари, значително помалку од 47,3 милијарди во ребалансот за 2025.
Битиќи предупреди и на падот на странските директни инвестиции кои паѓаат од 570 милиони евра на 220 милиони евра.
„Средствата за општински инфраструктурни проекти се кратат од 6,3 милијарди на 2,6 милијарди денари, а во технолошко-индустриските зони има само 273 милиони денари. Исто така и евроинтегративните програми се кратат од 4,45 на 3,2 милијарди денари, што е јасен сигнал за оддалечување од ЕУ“ потенцираше Битиќи.
Тој оцени дека 2026 година е подготвена како популистичка или изборна година, со раст на тековните расходи и кратење на капиталните инвестиции.
„Пред нас имаме октроиран буџет на влада која абдицира од фискална дисциплина, транспарентност, инклузивен дијалог и развојна одговорност. Граѓаните заслужуваат да ја видат вистината. СДСМ ја повикува Владата да повлече ваков модел на волунтаризам и да изготви буџет кој ќе биде легитимен по постапката и развоен по суштината.“, посочи Битиќи.

