Економија
Се намалува цената на горивата

Малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ се намалуваат 2,00 денара/л.
Малопродажните цени на „евродизелот (Д-Е V)“ и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се зголемува 0,065 денари/кг и сега ќе изнесува 41,411 денар/кг.
Од 7.2.2023 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
моторен бензин „евросупер БС-95“ – 82,00 (денара/литар)
моторен бензин „евросупер БС-98“ – 84,00 (денари/литар)
дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ – 78,50 (денари/литар)
масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 77,00 (денари/литар)
„мазут М-1 НС“ – 41,411 (денар/килограм)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Итно зголемување на платите, во спротивно ќе останеме без кадар, порача Пешевски

Според потпретседателот на Сојузот на синдикати на Македонија за приватен сектор, Иван Пешевски, приватниот сектор во Македонија е главен двигател за економската состојба на државата.
Приватниот сектор, како што посочи, е нешто што мора веднаш да се подобри со квалификуван кадар и млади луѓе.
„Но, за овие две работи, потребни се достоинствени односно безбедни услови за работа и повисоки плати. Повисоки плати не се 500 евра плата, туку 500 евра минимална плата која ќе се множи со коефициентот на сложеност и со тоа ќе пораснат и останатите плати“.
Во овие дејности од приватниот сектор, како што истакна, не треба да има плати помали од 50.000 и 60.000 денари и барањето се однесува на сите работодавачи од приватниот сектор, особено на оние кои пред некој ден се изјасниле дека нема квалификуван кадар.
Пешевски им порача дека кадарот ќе недостасува уште повеќе доколку работодавачите не зголемат плата.
Потсети дека ССМ активно работи на правна заштита на работниците, и појасни дека во текот на 2024 година, бесплатна правна помош и заштита, добиле над 12.234 работници кои се обратиле до ССМ.
Тој обзнани дека додека се разгледува барањето на ССМ за бројот на членови, пријавени се повеќе напади кон членовите на гранките во ССМ и притисоци за отчленување и фаворизирање на друг синдикат кој не бара зголемување на плати.
„Оттука се сомневаме дека можеби и затоа е омилен синдикат на Владата. Нашиот апел е да не се наседнува на ваков тип притисок“, порача тој.
Ги повика работниците да се приклучат кон првомајскиот протест, а Владата и газдите конечно да ја побараат вината во своите редови, бидејќи како што рече, државата ќе остане и без тие работници.
Итно зголемување на платите особено на работниците во приватниот сектор, порача Пешевски.
Економија
ХЕРА: Дополнителни 2,5 милијарди или 15 отсто раст на БДП доколку вработеноста на жените е иста како кај мажите

Дополнителни 2,5 милијарди или 15 % раст на БДП доколку вработеноста на жените е иста како кај мажите, ова е заклучокот од Националната конференција од проектот „Заедно за родова еднаквост: Градење поддршка за родово инклузивни политики“, во организација на ХЕРА, со поддршка на британската амбасада.
За економски придобивки од родовата еднаквост зборуваше Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за интернационални економски студии, Австрија, кој рече дека е голема дискрапанцијата помеѓу мажите и жените што работат.
Процените за макроекономските ефекти по БДП покажуваат дека ако вработеноста на жените е иста како кај мажите во Македонија, тоа ќе даде дополнителни 2,5 милијарди евра во БДП, односно пораст на БДП за 15 %. Растот од 15 % БДП, всушност, е економскиот раст што го има постигнато државата во изминатите 8 години, што укажува колку се значајни придобивките од постигнувањето на родовата еднаквост.
„Речиси 53 %, односно повеќе од половина од мажите што може да работат работат. Кај жените процентот е многу понизок, само 38 %. Грубо кажано, секоја трета жена што може да работи работи, а кај мажите секој втор маж работи. Огромен јаз има и во економската структура помеѓу мажите и жените. И тие релативно мал број жени што работат во државата заработуваат многу помалку од она што го заработуваат мажите, односно постои родов јаз во платите и изнесува 16 %. Ако споредите жена и маж што работат иста работа, ќе видите дека жената е платена помалку од 84 %. Овој родов јаз постои и во Европа, но изнесува 12 %“, рече Јовановиќ.
Елизабета Божиноска, програмска директорка, ХЕРА рече дека 93 % од граѓаните потврдуваат дека постои родовата нееднаквост во државата, од кои 64 % сметаат дека таа е реален или потценет проблем. Дополнително, дури 60 % од граѓаните препознаваат колку е важна родовата еднаквост како вредност во интегративните процеси на земјата со ЕУ. Таа ги истакна наодите од пилотирањето на алатката РЕСИ – родовата еднаквост и социјална инклузија на Законот за детската заштита и клучните препораки за поголема активација на жените на пазарот на трудот поврзани со овој закон: подобрен пристап до градинки и установи за згрижување деца во предучилишна возраст и други алтернативни форми за згрижување деца, искористување на неактивниот/невработениот дел на популациајта во услугите за грижа и нивно вклучување во платена работа, отворање детски градинки во состав на правни лица во јавни институции, приватниот и граѓанскиот сектор.
Милка Димитровска, професорка од Институт за социолошки и политичко-правни истражувања, која ја презентира студијата за перцепциите и ставовите на граѓаните за родовите прашања, истакна дека кога станува збор за обесправеноста на жените, 87 % препознаваат дека жените се најобесправена група, а од трите сектори во кои жените се најмногу дискриминирани, покрај политиката, влегуваат обезбедувањето социјални услуги и пазарот на трудот.
Во однос на перцепцијата за професии, 71,3 % од граѓаните сметаат дека и мажите и жените се еднакво способни да ја работат која било работа. Но, сè уште постојат стереотипи, така што половина од граѓаните рекоаа дека ризичните работи не се за жаните, а 30 % се изјаснија дека негувателските професии не се за мажите“, рече Димитровска.
Економија
Замрзнувањето на цените дава позитивни ефекти, потрошувачката кошничка пониска повеќе од 2.000 денари, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Владината мерка за замрзнување на цените и ограничување на маржите на основните прехранбени производи има позитивни ефекти, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Според анализите на ССМ, во месец февруари 2025 година, трошокот за храна и пијалаци на едно четиричлено семејство изнесувал 23.427 денари. Во март истиот трошок се намалил на 21.838 денари, што претставува намалување од околу 3%. Во април, трошокот дополнително опаднал на 21.280 денари, што претставува вкупно намалување од 2.147 денари или речиси 9% во споредба со февруари“, се наведува во соопштението.
Покрај намалувањето на трошоците, велат од ВМРО-ДПМНЕ, во март е регистрирано и намалување на инфлацијата, која падна на 2.7%, што е за 1.3% помалку во однос на февруари.
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ донесе две одлуки за ограничување на бруто профитните маржи, кои овој пат беа скалесто поставени на 5%, 10% и 15% во зависност од производите, а според ДЗС ефектот е позитивен од двете владини одлуки. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ изработува нова потрошувачка кошничка, а цените ќе се пресметуваат како просек од неколку маркети, и кошничката ќе биде јавно достапна. Во рамки на спроведувањето на мерките, досега се извршени над 600 инспекциски контроли во трговијата на големо и мало, затворени се осум објекти поради прекршување на мерките, а контролите ќе продолжат до 30 април“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.