Економија
Се обезбедуваат средствата за инвестирање во инфраструктура за управување со отпадот во државата
Министерот за животна средина и просторно плaнирање, Насер Нуредини, и амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер Техада, денеска го посeтија Регионалниот центар за развој на Полошкиот Регион, каде што се сретнаа со претставници на консултантскиот тим и изведувачот заради увид во прогресот на имплементацијата на брзите мерките за рехабилитација на постојната локација за депонирање отпад Русино, кои се предуслов за почнување на втората фаза од процесот на воспоставување интегриран самоодржлив систем за управување со отпадот во Полошкиот Регион.
На средбата амбадорката Зутер Техада изрази подготвеност за продолжување на финансиската поддршка на SECO преку обезбедувањње дополнителни средства за воспоставување на инфраструктурата и имплементацијата на Регионалниот план за управување со отпадот во Полошкиот Регион доколку државата обезбеди средства за продолжување на планираните активности.
За таа цел, министерот Нуредини информира дека по барање на МЖСПП, Владата на 2 февруари го одобри почнувањето постапка за обезбедување заем од меѓународни финансиски организации за воспоставување регионален систем за управување со отпадот во Југоисточниот, Вардарскиот, Пелагонискиот, Југозападниот и Полошкиот Регион во висина од 55.367.614,00 евра. Со обезбедувањето овие средства државата ќе може да почне со изградбата на основната инфраструктура за управување со отпадот на регионално ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Сетек“ ја претставува најновата генерација енергетски ефикасни решенија на „Енерго Технома 2025“
Александар Медарски, директор на брендот Мидеа и Игор Рибески, проект менаџер на Сетек Солар, ги презентираат иновациите што носат заштеда, одржливост и енергетска независност.
Компанијата Сетек, долгорочен партнер на брендот Мидеа, ќе се претстави на претстојниот саем Енерго Технома 2025, водејќи се од стратегијата за промоција на енергетската ефикасност и одржливите технологии на македонскиот пазар. На овој водечки настан во регионот, кој ги обединува компаниите од областа на енергетиката, електрониката и технолошките иновации, Сетек ќе ги претстави најновите производи и решенија кои комбинираат модерна технологија, еколошки стандарди и економична потрошувачка на енергија.
„Енерго Технома е водечки настан во регионот и за нас претставува одлична можност да ги прикажеме нашите најнови решенија, да воспоставиме нови деловни контакти и партнерства, како и директно да комуницираме со нашите клиенти и професионалци од индустријата“, истакнува Александар Медарски, директор на Мидеа.
„Со учеството на саемот сакаме да покажеме како преку модерни технологии и паметна енергетска ефикасност може да се постигне комфор, заштеда и грижа за животната средина“.
На саемот, Сетек ќе го презентира брендот Мидеа со акцент на:
● Midea magnetic boost chileri – централни системи за ладење со магнетни лежишта за максимална ефикасност и речиси бесшумна работа.
● Топлотни пумпи M-Thermal – системи за греење, ладење и подготовка на санитарна топла вода со минимална потрошувачка на енергија, вклучувајќи и технологија со R290 гас.
● Midea Solar Solutions – соларни панели и хибридни инвертери за интеграција со системите за климатизација и топлотни пумпи.
● VRF системи – флексибилни решенија за климатизација на комерцијални објекти.
Медарски појаснува дека топлинските пумпи и фенкоилерите носат значителни придобивки за домаќинствата и компаниите.
„Овие технологии овозможуваат значително пониски трошоци за енергија, намалуваат емисија на CO₂ и се усогласени со современите европски стандарди за енергетска ефикасност. Со комбинација на топлотна пумпа и фенкојлери се добива комплетен систем кој обезбедува греење, ладење и подготовка на топла вода со минимални трошоци за одржување“.
Проект менаџерот на Сетек Солар, Игор Рибески додава дека компанијата веќе пет години успешно соработува со Мидеа и дека на саемот ќе презентира нови решенија за производство и акумулирање на електрична енергија од сонцето.
„За прв пат ќе ги покажеме нашите инвертори и батериски системи за домашна, комерцијална и индустриска употреба, кои им овозможуваат на клиентите да ги намалат сметките за електрична енергија до 70% во споредба со традиционалните системи“, нагласи Рибески.
Тој исто така потенцира дека интересот на македонскиот пазар за соларни панели постојано расте.
„Секој кој сака да инвестира во „зелена енергија“ треба да се потпира на врвниот квалитет на Мидеа и на професионалната поддршка на нашиот тим. Само со добра анализа и проект се стигнува до најдоброто и исплатливо решение“.
И Медарски и Рибески се согласуваат дека ваквите саеми имаат значајна улога во подигнување на свеста за енергетска ефикасност и воведување на одржливи технологии во секојдневието.
„Настани како Енерго Технома се вистинска можност за едукација на јавноста, размена на искуства и запознавање со најновите решенија кои носат реални придобивки – пониска потрошувачка, заштеда и чиста енергија“, заклучува Медарски.
Со своето присуство на Енерго Технома 2025, Сетек ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржливост и енергетска ефикасност, нудејќи решенија кои комбинираат комфор, заштеда и грижа за животната средина.
(ПР)
Економија
Во Скопје почна светскиот форум за одржлива енергија
Во присуство на повеќе од 500 претставници од целиот свет, во Скопје беше отворен 14-тиот Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14), под наслов „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија“, во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Македонија, Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП и петте Регионални економски комисии на Обединетите нации.
„Во следните три дена, Македонија ќе биде центарот на глобалниот енергетски дијалог. Ќе зборуваме за енергетската транзиција, за технологијата, за пазарите, но пред сè, за луѓето зад таа транзиција, за начинот на кој живееме, начинот на кој произведуваме енергија и соработуваме за да обезбедиме енергетска сигурност“, изјави на отворањето на Форумот, во Филхармонијата на Република Македонија, Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска. „Енергетската отпорност денес значи способност системот да издржи, да се прилагоди и да продолжи да функционира дури и во услови на глобална неизвесност и геополитички потреси“, потенцираше Божиновска.
На Форумот, на кој ќе зборуваат 170 говорници, високи претставници на меѓународни институции, економски лидери, академици и експерти, се обрати и премиерот Христијан Мицкоски.
„Светот денес се менува со забрзано темпо. Она што порано значеше сигурно снабдување, денес подразбира флексибилен систем, отпорен пазар и чисти извори. Енергетската стабилност веќе не е само економско прашање, туку и прашање на безбедност. Глобалните турбуленции нè потсетуваат дека енергетската независност е предуслов за економска слобода. А, без слобода нема развој, нема стабилност, нема достоинство“, рече премиерот Мицкоски на отворањето на Форумот.
Нашата влада, додаде Мицкоски, цврсто стои зад реформите што ги спроведува Министерството за енергетика, но уште поважно, ја гради врската меѓу политиката и визијата.
Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Армен Григорјан истакна дека решенијата за одржлива енергија не се избор, туку неопходност.
„Сега мора да преминеме од ветувања кон реална имплементација. Одржливата енергија е во сржта на нашата заедничка иднина. Во целиот свет УНДП активно работи на унапредување на оваа агенда. Овде во земјата, преку проектите Зелен финансиски инструмент и Справување со аерозагадувањето, УНДП работи на подобрување на енергетската ефикасност и намалување на загадувањето на воздухот. Им помагаме на семејствата да ги загреваат своите домови на чист и одржлив начин, овозможуваме бизнисите да инвестираат во зелени решенија, создаваме поздрави заедници и нови можности за раст“, изјави Григорјан.
„Денес стоиме на раскрсница кога станува збор за мултилатерализмот во енергетиката. Глобалната енергетска транзиција не е само историска можност за одржлив развој, туку и голема одговорност. Мора да изградиме отпорни енергетски системи кои ќе обезбедат сигурно, достапно и еколошки одржливо снабдување со енергија. Знаеме дека никој од нас не може да успее ако работи сам. За да бидеме успешни, мора да ги вклучиме сите засегнати страни, да ги процениме социо-економските влијанија и целосно да ги разбереме последиците од нашите политички одлуки“, рече Татјана Молчан, Генерална потсекретарка на Обединетите нации и извршна секретарка на Економската комисија на Обединетите нации за Европа.
Во следните три дена, Форумот, на кој присуствуваат претставници од повеќе од 70 земји од светот, ќе опфати повеќе аспекти од енергетската транзиција, од поттикнување на развојот на е-мобилноста, до обезбедување праведна транзиција во која никој нема да биде изоставен. Преку споделување на национални и регионални стратегии за забрзување на чистата енергетска трансформација, претставување на иновативни технологии и решенија од меѓународни организации, приватниот сектор и академијата, како и преку презентирање механизми за финансирање и партнерства за нови инвестиции, учесниците на ќе се обидат да понудат практични решенија за праведна транзиција што ќе придонесе за изградба на отпорни енергетски системи на глобално ниво.
Светскиот форум, кој се одржува секоја година, од 2010 година наваму и прерасна во водечка глобална платформа за унапредување на одржливата енергија оваа година е организирано од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Македонија, во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и петте регионални комисии на Обединетите нации (UNECE, UNESCAP, UNECLAC, UNECA и UNESCWA).
Економија
Славески: СЕПА е историски исчекор кон подлабока европска интеграција на земјата
Народната банка, во соработка со Централната банка на Холандија, денеска во Охрид, ја отвори Шеснаесеттата конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, што оваа година се одржува под наслов „Преповрзување на плаќањата во дигиталната ера“. Настанот ги обединува претставниците на меѓународните институции, европските тела, централните банки, деловните банки, небанкарските даватели на платежни услуги, финтек-компаниите и други релевантни институции од земјава и од Европа, во заедничкото разгледување на трендовите и предизвиците во доменот на платежните услуги.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во своето обраќање на отворањето на Конференцијата истакна дека интеграцијата на нашата земја во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) покажува дека не само финансискиот систем во земјава, туку и целокупната економија е подготвена за предизвиците што ќе произлезат од делувањето во заедничката европска рамка.
„Ова е историски исчекор кон подлабока европска интеграција, што носи реални придобивки за граѓаните и за компаниите за сегашните, но и за идните генерации“, нагласи гувернерот. Тој потсети дека на 7 октомври годинава, банките од нашата земја, заедно со Албанија, Црна Гора и Молдавија, започнаа со извршување трансакции преку СЕПА, што претставува конкретен чекор кон финансиска и економска конвергенција со Европската Унија.
Славески истакна дека со приклучувањето на земјава во географската област на СЕПА, нашите граѓани и компании веќе ги чувствуваат придобивките од делувањето во единствениот европски платежен простор, во кој плаќањата во евра се побрзи, побезбедни и поевтини, што, пак, на долг рок ќе им овозможи посилни економски врски и полесен пристап до европскиот пазар и до финансискиот сектор.
Според процените на Светската банка, постигнувањето на светската цел за намалување на трошоците за дознаки на 3% би придонесло за заштеда до 500 милиони евра годишно за граѓаните во регионот, посочи гувернерот. Тој додаде дека и за компаниите, особено за малите и за средните претпријатија, СЕПА носи значителни заштеди и овозможува поголема предвидливост на трошоците при прекуграничните трансакции.
Гувернерот Славески најави дека следниот стратегиски чекор на Народната банка ќе биде воспоставување нов систем за инстант плаќања според стандардите и правилата за работа на европскиот систем ТИПС, што воедно е регионална иницијатива за поврзување на платните системи на земјите од Западен Балкан и нивна интеграција со европскиот инстант платен систем.
„Со помош на инстант системите, плаќањата ќе станат уште побрзи и достапни во секое време, со што ќе се намали употребата на готовина и ќе се намали сивата економија. Ова пак, ќе ги поттикне растот и развојот“, рече гувернерот.
Осврнувајќи се на улогата на финтек-компаниите и на небанкарските даватели на платежни услуги, Славески истакна дека иновациите и конкуренцијата во овој сектор активно го преобликуваат платежниот пејзаж, создавајќи поголема достапност на платежните услуги и вклученост на населението.
На крајот од своето излагање, гувернерот нагласи дека успехот во оваа област зависи од довербата во платните системи, заснована на три принципи – интероперабилност, пропорционалност на регулативата со интегритетот и финансиска вклученост.
„Плаќањата се крвотокот на финансискиот систем и се неопходни за непречено функционирање на економијата. Клучот за успехот е нашето заедничко работење, бидејќи тоа се чувствува во секојдневниот живот на граѓаните и влијае и врз стабилноста на економијата“, порача Славески.
Во продолжение на Конференцијата ќе се одржат панел-дискусии посветени на интеграцијата во СЕПА, инстант плаќањата, финтек-иновациите и улогата на довербата во дигиталната ера, со учество на претставници од Светската банка, Банката за меѓународни порамнувања, Европската комисија, Европскиот совет за плаќања, како и на гувернери на централните банки од регионот.

