Економија
Склучен нов меморандум за соработка меѓу Народната банка и Комисијата за хартии од вредност
Финансиската стабилност е заеднички приоритет, но и обврска на финансиските регулатори. Во изминатиот период се потврди дека унапредената соработка меѓу регулаторите и новиот формат на Комитетот за финансиска стабилност, во којшто се вклучени сите финансиски регулатори, придонесува за заедничката цел – финансиската стабилност. Сето ова обврзува на натамошно унапредување на меѓусебната соработка, заради натамошно јакнење на финансискиот систем како носечки столб на економијата.
Ова се дел од пораките од состанокот на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити, на којшто беше склучен нов меморандум за соработка меѓу двете институции. Со меморандумот значително се проширува досегашниот опфат на соработката и се операционализираат повеќе сегменти на содејствување на двете институции, за коишто во изминатиот неколкугодишен период се оцени дека е потребно заедничко вложување.
Меѓу другото, со меморандумот е предвидено КХВ да доставува поголем сет податоци до Народната банка, коишто ќе се користат во анализите и согледувањата за финансиската стабилност, а предвидено е и кои податоци ќе ги споделува Народната банка со КХВ, во контекст на остварувањето на законските цели и задачи. Со ова значително се надминува претходниот опфат на податоци коишто ги разменуваа двете институции, со што податоците уште повеќе ќе придонесат за градење соодветни политики и носење соодветни одлуки, не само заради одржување на стабилноста, туку и за постојана модернизација на финансискиот сектор.
Исто така, предвидена е размена на податоци меѓу двете институции во процесот на лиценцирање, како и заеднички контроли кај субјектите коишто се предмет на супервизија на Народната банка, односно на КХВ. Со одредбите на меморандумот во овој сегмент прецизно се операционализираат ваквите заеднички активности, од коишто резултатите би биле видливи како на среден, така и на долг рок, бидејќи и дополнително би придонесле за успешноста со којашто се остварува мандатот на двете институции.
Секако, и со овој меморандум се задржува соработката за размена на податоци за статистички цели, имајќи ја предвид и важноста на статистиката во процесите на носењето одлуки, вклучително и од страна на реалниот сектор и инвеститорите.
Во завршницата на средбата, гувернерката Ангеловска-Бежоска и претседателката Алити, придружени од претставници на тимовите на двете институции, искажаа решеност за започнување со практичната примена на можностите што ги нуди новиот меморандум за соработка, и тоа веднаш, заради натамошниот развој на економијата чиј стожер е финансискиот систем. Како што беше истакнато, досегашните значајни остварувања треба да бидат поттик за ваквите натамошни заеднички залагања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
МФ: Утре завршува рокот за запишување граѓански обврзници од третата емисија, каматата 4,5%, рочноста 2 години
Граѓаните имаат можност да запишат граѓански обврзници од третата емисија во деловните банки во земјава уште два дена, односно денеска и утре, извести Министерството за финансии.
Граѓанските обврзници oд оваа емисија се со рок од 2 години и каматна стапка од 4,5% годишно. Износот на една граѓанска обврзница којашто граѓаните можат да ја запишат е 10.000 денари. Проспектот е објавен на износ од 100 милиони денари. Понудите се доставуваат во деловните банки во земјава. Аукцијата ќе се одржи на 12 декември.
Датумот на достасување на обврзниците од оваа емисија е 19 декември 2027 година, а каматата за исплата достасува за првата година на 19 декември 2026 и за втората година на 19 декември 2027 година.
Економија
УЈП: Секоја четврта контрола открива неиздавање фискална сметка
Управата за јавни приходи (УЈП) спроведува засилени контроли во пресрет на новогодишните и божиќните празници, со особено внимание на ресторани, кафе-барови, дискотеки, сендвичари и други угостителски објекти.
Пред контролите, УЈП реализирала околу 3.500 советодавни посети, овозможувајќи време за отстранување на најчестите неправилности кај фискалните уреди, како што се несоодветна адреса, оштетени пломби или недостасување на налепница од сервисер. Дополнително, инспекторите проверувале и неуплаќање на дневниот промет во банка и неводење на книгата на дневни финансиски извештаи.
„Истовремено, УЈП спроведе детални анализи на податоците од ГПРС системот, теренските контроли и ДДВ пријавите. Резултатите покажуваат ризично однесување кај некои субјекти кои особено ќе бидат таргетирани за контрола: низок или идентичен регистриран дневен промет, отстапки на регистрираниот промет од капацитетот на локалот, разлика меѓу прометот во фискалните каси и пријавениот во ДДВ-пријавите и др.“, информираат од Управата за јавни приходи.
До крајот на ноември УЈП извршила околу 4.000 контроли. Изречени биле околу 2.500 глоби, а запечатени над 100 локали.
„Секоја четврта контрола открива неиздавање фискална сметка – појава што значи неевидентиран промет, загуби за буџетот и нелојална конкуренција. Казнетите обврзници добија персонализирани повици за корекција на пријавите и пријавување на прометот. Доколку не постапат, следуваат дополнителни контроли со индиректни методи“, велат од УЈП.
Економија
Најважната задача која пред себе ја имаме е да го подобриме животот на граѓаните, рече Мицкоски
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот 18-ти Конгрес на партијата кој се одржува во спортскиот комплекс „Јасмин” во општина Кавадарци под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, имаше свое обраќање во кое се осврна на темата за стандардот. Тој истакна дека треба да се работи на системски мерки и решенија, а воедно и дека економијата треба да се раздвижи и домашните компании да се поддржат затоа што, како што вели тој, тие се рбетот на стопанството.
„Најважната задача, која пред себе ја имаме, е да го подобриме животот на граѓаните. Свесен сум дека нашиот народ живее тешко. Ние изминатите нешто повеќе од година и половина власт го посветивме на изградба на темели кои ги затекнавме разрушени. Но од годината што следи нашата основна задача е жилава борба за стандардот на граѓаните. За подобар живот и за создавање на систем кој нема да зависи од субјективните карактеристики на поединецот, туку од моралниот кодекс на заедницата. Систем кој служи на општеството и на она што претставува наша заедничка цел секој човек да има повеќе, да има повеќе пари, повеќе среќа и повисок стандард“, рече Мицкоски.
Мицкоски истакна дека и покрај намалениот наталитет, радува последниот податок на раст на бројот на новороденчиња во земјава. Тој посочи дека треба да се работи на системски мерки и решенија.
„Потребно е младите да ја добијат вистинската шанса која нема да зависи од политичката или било каква друга припадност, освен од сопствените капацитети и способности. Мора да го подобриме образованието. Знаењето и наобразбата е најважниот и најсигурниот клуч за излез од сиромаштијата. Економијата мора да се раздвижи дополнително, иако до сега се раздвижи најмногу во последната деценија, а домашните компании да се поддржат затоа што тие се рбетот на стопанството. Имаме тешка задача да се бориме против нашето исчезнување како држава и народ, а тоа е демографијата и намалениот наталитет. Радува последниот податок на раст на бројот на новороденчиња, но далеку сме од она што треба да биде вистински мотор на општеството, човечкиот фактор. И затоа треба да работиме на системски мерки и решенија. Помалку луѓе значи послаба економија. Послаба економија значи незадоволни луѓе. Така ја губиме државата. А ние сме премали за да се раситнуваме во секој поглед“, кажа Мицкоски и дополни:
„И кога ја говорам оваа тема за зголемен наталитет, мора да се даде одговор на две клучни прашања. Да се има чувство и грижа за оние кои имаат потешкотии да имаат свој пород, и државата ќе направи се за да помогне за зголемена и подостапна медицинска грижа. И второто прашање е да се помогне младите парови да стигнат до свој дом, затоа што навистина цените на недвижностите се нереални и свесен сум дека претставуваат голема грижа за многу луѓе“.

