Економија
Скопскиот аеродром го пречека првиот лет на авиокомпанијата AJet
Меѓународниот Aеродром Скопје, денес, 13-ти јули, во 13:00 часот, ги пречека патниците од првиот лет на AJet, турска нискобуџетна авиокомпанија, подружница на Turkish Airlines, која сообраќа на домашни летови и меѓународни летови до Северен Кипар, Западна Европа и Западна Азија од нејзината база на Меѓународниот Аеродром Сабиха Гокчен.
Воведувањето на оваа нова редовна авиолинија од Меѓународниот Аеродром Скопје што го поврзува Скопје со Истанбул, на која лета AJet, е значајна пресвртница во стратегијата за проширување на AJet, по преземањето и започнувањето со операции од скопскиот аеродром до Бодрум и Анталија, во јуни, со што се зајакнува поврзаноста меѓу Турција и Северна Македонија. Покрај тоа, оваа авиолинија ги подобрува можностите за патување меѓу Скопје и Истанбул.
„Како аеродромски оператор, во ТАВ Аеродроми сме среќни што го означуваме и одбележуваме почетокот на операциите и воведувањето на авиолинијата на AJet на релација меѓу Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Сабиха Гокчен во Истанбул. Покрај проширувањето на портфолиото на мрежи и авиокомпании на скопскиот аеродром, оваа нова можност за патување, односно оваа нова редовна авиолинија, исто така ја збогатува и нашата понуда за патниците кои бараат удобни конекции меѓу Скопје и Истанбул.“ – изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Патниците од Скопје сега ќе имаат уште една опција и можност за посета на Истанбул, живописната метропола која се протега на два континента, Европа и Азија, а поделена со Босфорскиот теснец, додека Скопје со задоволство ќе ги пречека гостите од Турција и ќе им понуди на посетителите патување богато со историја и минато, додека истовремено ја искусуваат неговата сегашност.
„Горди сме и возбудени да го најавиме воведувањето на нашиот нов директен лет од аеродромот Сабиха Гокчен во Истанбул до Меѓународниот Аеродром Скопје. Оваа нова авиолинија не само што ги зајакнува врските меѓу нашите две земји, туку и ја поддржува нашата цел да им понудиме повеќе опции за патување на нашите патници. Во AJet, остануваме посветени на обезбедување прифатлива услуга и постојано подобрување на патничкото искуство за нашите клиенти.“ – изјави Керем Сарп, главен извршен директор на AJet.
Ajet ќе сообраќа на оваа редовна авиолинија од скопскиот аеродром со 4 неделни фреквенции, или секој понеделник, четврток, сабота и недела. Времето на поаѓање од аеродромот Сабиха Гокчен е во 11:30 часот, со време на пристигнување на скопскиот аеродром во 13:00 часот, додека поаѓањето од Меѓународниот Аеродром Скопје е во 14:00 часот, а времето на пристигнување на аеродромот Сабиха Гокчен во Истанбул е во 15:30 часот. (*Сите дадени времиња се по локално време во Скопје.)

Авиобилетите се во продажба на веб сајтот на AJet. За резервација на авиобилети и за повеќе информации за летовите на AJet, посетете го официјалниот веб сајт на AJet.
ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на Групацијата АДП, ја заврши првата половина од 2024 година, или периодот од јануари до јуни со вкупно 1.458.299 патници кои патувале преку двата македонски аеродрома – Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид, што означува пораст од 9% споредено со истиот период во 2023 година. Во однос на бројот на летови, во 6-те месеци од 2024 година реализирани се 11.843 летови, или 15% повеќе од 2023.
—
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Средба Муцунски – Aзески: Фокус на извозот и економската дипломатија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работна средба со претставници на Стопанската комора на Северна Македонија, предводени од претседателот Бранко Азески.
На средбата беа разгледани иницијативи и конкретни форми на поддршка за извозно ориентираните компании, вклучително и организација на тематски посети со активно учество на деловната заедница, унапредување на комуникацијата со дипломатско-конзуларните претставништва, како и промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор во државата.
Министерот Муцунски нагласи дека целта на овие средби е директно да се слушнат ставовите и размислувањата на коморите, како и да се добијат конкретни иницијативи за поддршка на компаниите, зајакнување на економската дипломатија и унапредување на извозот, што директно придонесува кон зајакнување на економијата и забрзување на економскиот развој.
Беше потврдена одличната досегашна соработка и изразено заемно задоволство од постигнатите резултати, при што се разговараше и за нејзино натамошно продлабочување, со цел обезбедување конкретни придобивки за компаниите и позитивно влијание врз вкупниот економски развој на државата.
Нагласувајќи ја важноста на дипломатско-конзуларните претставништва и на дипломатската мрежа во целост, претседателот на Стопанската комора истакна дека иницијативите за зајакнување на економската дипломатија доаѓаат во вистински момент, во насока на поддршка на стопанството и економското закрепнување.
На средбата беа разгледани и конкретни иницијативи и настани планирани за наредниот период, како можности за понатамошна соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Стопанската комора.
Економија
Мој ДДВ не се укинува – налозите за исплата во февруари се подготвуваат, извести УЈП
Управата за јавни приходи ги демантира написите во дел од медиумите дека се укинува мерката „МојДДВ“.
„Јасно и недвосмислено истакнуваме дека не постои одлука за укинување на „МојДДВ“ – мерката се спроведува континуирано, а сите граѓани можат да ја користат апликацијата и да ги остваруваат своите права согласно законските одредби. За спроведување на мерката „МојДДВ“ се предвидени средства во Буџетот за 2026 година, со што се обезбедува нејзино непречено и континуирано спроведување“, велат од УЈП.
Во текот на 2025 година за редовна исплата исплатени се 3.458.885.995 денари, што е 56,2 милиони евра средства вратени на сметките на граѓаните по основ на „МојДДВ“.
Гледано по квартали, повратот на средства преку „МојДДВ“ во текот на 2025 година е следен:
•За К4 2024 година (исплата во февруари 2025) исплатени се 870.329.146 денари за 496.442 корисници;
•За К1 2025 година исплатени се 784.442.146 денари за 491.770 корисници;
•За К2 2025 година исплатени се 882.137.038 денари за 503.655 корисници;
•За К3 2025 година исплатени се 921.977.665 денари за 515.182 корисници;
•За К4 2025 година налозите се во обработка и согласно законските одредби исплатата на средства е предвидена за февруари 2026 година.
Во текот на 2025 година беа извршени и дополнителни исплати (од изминатите години) кон корисниците кои немале точни податоци во периодот кога биле редовните исплати:
•За скенирани сметки во 2020 година исплатени се 2.658.049 денари;
•За скенирани сметки во 2023 година исплатени се 7.552.401 денари;
•За сметки скенирани во 2024 година исплатени се 4.076.525 денари.
На сметките на граѓаните во 2025 година по основ на редовна и дополнителна исплата на средства преку „МојДДВ“, исплатени се вкупно 3.473.172.970 денари или 56,4 милиони евра.
УЈП ги известува граѓаните дека веќе ги подготвува налозите за исплата на средства за скенирани сметки во последниот квартал од 2025 година, која треба да се реализира во февруари 2026 година.
„Апелираме граѓаните да не потпаѓаат под шпекулации и да ги следат исклучиво официјалните информации и соопштенија на Управата за јавни приходи. Истовремено, УЈП ја информира јавноста дека апликацијата „Мој ДДВ“ функционира редовно. Во рамки на тековните технички подобрувања на системот, можно е повремено забавување при најавување на апликацијата од страна на корисниците или при вчитување на фискалните сметки. Овие појави се привремени, а надлежните технички служби континуирано работат на нивно отстранување, со цел да се обезбеди подобро корисничко искуство. Со ова уште еднаш потврдуваме дека апликацијата „Мој ДДВ“ останува во функција и не се разгледува нејзино укинување“, се додава во соопштението на УЈП.
Економија
Малите и средни претпријатија се ’рбетот на економијата – претставена Националната стратегија за МСП 2025–2030
Министерството за економија и труд денес ја презентираше Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2025–2030, стратешки документ кој ја дефинира насоката за развој, конкурентност и отпорност на малите и средни претпријатија во Република Северна Македонија во наредните години.
Малите и средни претпријатија претставуваат ’рбет на националната економија, сочинувајќи околу 99 проценти од вкупниот број претпријатија и обезбедувајќи егзистенција за речиси три четвртини од вработените. Тие имаат клучна улога во економскиот раст, иновациите и социјалната стабилност на државата.
На настанот, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши истакна дека Стратегијата е повеќе од формален документ и дека таа претставува јасна определба за поддршка на домашните претприемачи.
„Малите и средни претпријатија не се само дел од нашата економија – тие се нашата економија. Секој нивен успех значи посигурна иднина за едно семејство и посилна држава. Со Стратегијата за МСП 2025–2030 создаваме услови тие да бидат лидери на промените, а не нивни следбеници,“ истакна министерот.

