Економија
Скопје домаќин на првата конференција за недвижности – „Гранд Скопје“ златен спонзор
За прв пат на македонскиот пазар, локални и меѓународни професионалци за недвижности ќе се сретнат на едно место, за да разговараат за најновите трендови, перспективи и предизвици со кои се соочува индустријата за комерцијални недвижности.
Оваа единствена можност ја креира првата Конференција за недвижности која на 10 мај ќе се одржи во Скопје, а на која златен спонзор е „Гранд Скопје“.
„Поттикнати од потребата за едукација, развој и унапредување на пазарот на недвижности, „Гранд Скопје“ ја поддржува оваа конференција која отвора нови можности за размена на успешни приказни и меѓународни искуства поврзани со пазарот на недвижности.“- велат инвеститорите на „Гранд Скопје“- МГ Фешн.
Водејќи се од барањата на пазарот на недвижности, како и од потребата за отворање на актуелни прашања за кои е потребна дебата помеѓу професионалците од индустријата за недвижности, конференцијата ќе содржи неколку внимателно одбрани панел дискусии.
Претставниците на „Гранд Скопје“, како искусни професионалци, ќе земат учество на дел од панел дискусиите преку кои ќе ја пренесат својата експертиза од полето на резиденцијално домување, како и на просторот за канцелариското работење.
За време на конференцијата ќе бидат презентирани и придобивките на комплексот „Гранд Скопје“ кој се гради во строгиот центар на Скопје и кој со својот уникатен архитектонски израз, висококвалитетна архитектура и бројни погодности има за цел да прерасне во ново обележје на градот.
Првата конференција за недвижности во земјава е во организација на Фортонмка, компанија која е стратешки партнер на Cushman & Wakefield- најголемата светска компанија за советување за недвижности.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,23% во однос на одлуката од 22.12.2025 година.
Од 30.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 65,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,649 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,042 ден/кг и сега ќе изнесува 33,649 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,908%, кај дизелот за 1,970%, кај екстра лесното масло за 1,282% и кај мазутот зголемувањето е за 5,201%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1801%.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во третиот квартал од 2025 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција, извести Народната банка.
На крајот на третиот квартал од 2025 година:
„На 30.9.2025 година, нето надворешниот долг изнесува 4.494 милиони евра (или 27,1% од проектираниот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во третиот квартал од 2025 година, е намален за 106 милиони евра, или за 2,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.

Во текот на третиот квартал од 2025 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е намалена за 250 милиони евра и изнесува 8.738 милиони евра, што претставува 52,7% од проектираниот БДП за 2025 година“.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следната врска.
Економија
Исплатени над 39 милиони денари на 663 оризопроизводители
Денеска е реализирана исплата на средства во вкупен износ од 39.065.031 денари кон 663 оризопроизводители.
Исплатата се однесува за финансиска поддршка од 6 денари по килограм предадена оризова арпа во откупувачки центри, за периодот од 1 март до 30 септември 2025 година, со ова се опфатени сите оризопроизводители од минатата реколта.
Министерството за земјоделство соопшти дека нивна цел останува зајакнувањето на домашното производство и поддршката на земјоделците.
Фото: pexels

