Економија
Славески: Народната банка останува цврсто посветена на ценовната стабилност и на стабилноста на девизниот курс
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, учествуваше на 24. Конференција на Македонска берза, каде што говореше за растечката глобална неизвесност и нејзините импликации врз малите и високо отворени економии, како што е македонската.
Тој истакна дека во постпандемискиот период трговската отвореност на нашата економија во просек достигна околу 150% од БДП, што ја зголемува чувствителноста на промени во надворешното опкружување. Според него, во моментов најизразени се неизвесностите поврзани со новите трговски политики на САД и потенцијалните реципрочни мерки од големите светски економии. Иако директната изложеност кон американскиот пазар е мала, индиректните ефекти преку намалување на побарувачката во ЕУ не се занемарливи. Дополнителна загриженост отвараат можните ефекти врз глобалната инфлација преку синџирите за снабдување и инфлациските очекувања.
„Трговските тензии се надоврзуваат на постојната неизвесност поврзана со геофрагментацијата, политичките нестабилности и состојбата во германската автомобилска индустрија. Дополнително, брзиот развој на технологијата и вештачката интелигенција, кои нудат огромни можности, истовремено можат да предизвикаат и зголемени ризици за монетарната политика во иднина“.
Во однос на одговорот на монетарната политика на ваквите предизвици, тој подвлече дека е неопходно одлучувањето да се темели на широк спектар на податоци и анализи, изготвување алтернативни сценарија и пред сè –посветеност на ценовната стабилност на среден рок и стабилноста на девизниот курс.
„Народната банка останува подготвена да одговори на евентуални непредвидливи предизвици, потпирајќи се на искуството од справувањето со екстерни шокови во минатото. Од суштинско значење е одржувањето на независноста на централната банка и кредибилитетот на нејзините политики. Солидното ниво на девизни резерви е гаранција за стабилноста на девизниот курс на националната валута“, истакна гувернерот.
Славески посочи дека Народната банка ќе продолжи да ги унапредува своите капацитети за справување со предизвиците и дека, иако сите неизвесности не можат да се отстранат, навремено поставување на вистинските прашања е клучно за пронаоѓање на појасна насока за иднината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

