Економија
Славески на средби со ММФ: Мерките на Народната банка придонесуваат за постепено намалување на инфлацијата и задржување на финансиската стабилност
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во рамки на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, што се одржуваат во Вашингтон, оствари низа билатерални средби со високи претставници на ММФ. На средбите присуствуваше и министерската за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Славески се сретна со заменик-директорот на ММФ Бо Ли, директорот на Европскиот оддел во ММФ Алфред Камер, извршниот директор Јерон Клик, заменик-директорите Марникс ван Рај и Владислав Рашкован и шефот на Мисијата на ММФ за нашата земја Ник Гигинеишвили.
На средбите, високите претставници на ММФ го поздравија приклучувањето и реализацијата на првите трансакции во СЕПА, како и потпишувањето на Писмото на намери со Банката на Италија за развивање на клон на ТИПС системот на ЕЦБ за земјите од Западен Балкан за натамошна модернизација и овозможување инстант плаќања во домашните, меѓусебните прекугранични плаќања и плаќањата со другите земји во СЕПА.
На средбите се разговараше за најновите макроекономски случувања во земјата, како и за очекувањата за идните движења. Славески истакна дека Народната банка е цврсто посветена на одржувањето на ценовната стабилност, за што се осврна на мерките преземени од страна на централната банка во насока на остварувањето на оваа цел. Дополнително, гувернерот ги образложи новите макропрудентни мерки донесени од страна на Народната банка насочени кон понатамошно одржување на финансиската стабилност.
Претставниците на ММФ посочија дека прудентната монетарна политика што ја спроведува Народната банка придонесува за ефективно управување со ризиците и постепено намалување на инфлацијата, при што создава услови за стабилен економски раст, што се потврдува и со најновите проекции на ММФ за македонската економија, со очекуван растот годинава од 3,4%, а за следните години одржување на нивото околу 3%. Истовремено, инфлацијата се очекува во континуитет да продолжи да забавува и да се сведе на историското ниво од околу 2% на среден рок.
Во разговорите беше потврдена и континуираната успешна соработка меѓу Народната банка и ММФ. Во изминатиот период, преку техничките мисии на ММФ беа реализирани повеќе активности за модернизација на монетарните операции, подобрување на проекциите за ликвидноста на банкарскиот систем и зајакнување на супервизорските капацитети на Народната банка. Со тоа се зголеми ефикасноста и предвидливоста во спроведувањето на монетарната политика, како и отпорноста на банкарскиот систем на потенцијални ризици. Соработката со ММФ ќе продолжи и во наредниот период, со цел понатамошно усогласување со меѓународните стандарди и унапредување на аналитичките и оперативните капацитети на Народната банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

