Економија
Советот на Народната банка го усвои најновиот квартален извештај – најважните сегменти од економијата се во согласност со очекувањата
Советот на Народната банка на својата редовна седница го усвои Кварталниот извештај за второто тримесечје од 2025 година.
Во Извештајот се истакнува дека, во текот на вториот квартал, Народната банка го задржа внимателниот пристап во водењето на монетарната политика и не направи промени во основната каматна стапка, соодветно на условите во економијата.
Во однос на остварувањата на основните макроекономски показатели, во првиот квартал од годината растот на домашната економска активност е стабилен, со стапка којашто е приближно иста со проектираната според априлскиот циклус проекции, а најновите високофреквентни податоци за вториот квартал упатуваат на натамошен раст на економската активност. Годишната стапка на инфлација забави во второто тримесечје и се сведе на 3,5%, сепак е малку повисока во споредба со очекувањата од април. Надворешната позиција на економијата е стабилна и во склад со очекувањата, при умерен дефицит на тековната сметка во првото тримесечје од 2,1% од БДП, а нивото на девизните резерви и натаму е во безбедната зона и обезбедува соодветна поддршка за одржување на стабилноста на домашната валута.
Монетарните податоци покажуваат натамошен солиден раст на депозитите и на кредитната активност. Имено, банките и натаму обезбедуваат кредитна поддршка за домашната економија, посилна од очекувањата, при посилен раст и на депозитната база. И натаму се бележат поволни придвижувања од аспект на рочната и валутната структура на штедењето (раст на денарските и долгорочните депозити), одразувајќи ги ефектите од мерките преземени од страна на Народната банка и стабилизираните очекувања на економските субјекти.
Економските услови и натаму се под влијание на неизвесноста, односно ризиците поврзани со надворешното окружување сѐ уште се изразени, а неопходно е натамошно следење и поголема претпазливост во однос на политиките коишто влијаат врз побарувачката во домашната економија и врз ценовната динамика. Народната банка како и досега внимателно ќе ги следи макроекономските податоци и ризиците и ќе ги презема сите неопходни мерки користејќи ги сите расположливи инструменти за одржување на стабилноста на девизниот курс и на ценовната стабилност.
На седницата на Советот беше усвоена Годишната информација за плаќањата во земјава за 2024 година, како и Годишниот извештај за извршениот надзор над платните системи во 2024 година, коишто покажуваат дека зголемената употреба на дигиталните решенија за извршување на плаќањата придонесе за солиден годишен раст на бројот на безготовинските плаќања во текот на 2024 година од 12,7%. Растот во поголем обем произлегува од плаќањата со платежни картички, a се забележува солиден раст и на плаќањата со кредитни трансфери (платни налози). Притоа, кај платежните трансакции со платежни картички е остварен годишен раст од 14,3%, а кај платежните трансакции остварени со кредитните трансфери растот изнесува 9,8%.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

