Економија
Сопствениците на рестораните за свадби најавија протест ако не бидат отворени
Сопствениците на рестораните за свадби, крштевки и други веселби бараат Владата да ја укине забраната за нивна работа и да донесе протокол за вршење на нивната дејност пред сезоната за венчавки. Тие апелираат до Владата да не ги држи во неизвесност илјадниците младоженци и оваа сезона, како и претходната.
Сопствениците најавија протест за следната недела доколку не добијат позитивен одговор и нивните барања не се усвојат.
„Бараме итно укинување на членот 14 од Уредбата излезена во ‘Службен весник’ на 23.6.2020 со која се забранува организирање на секаков вид настани (свадби, крштевки, родендени), во отворен и затворен дел од објектот. Како угостителски објекти, апелираме до Владата, да не ги држиме во неизвесност илјадниците младоженци и оваа сезона како и претходната. Да спречиме да ни се повтори минатогодишниот пропуст, каде што младоженците беа принудени своите свадбени церемонии да ги прават во сопствените дворови и изнајмени викендички, без притоа да имаат можност да се примени соодветен протокол со дистанца и без потребните хигиенско-санитарни услови“, велат тие.
Сопствениците уверуваат дека располагаат со големи капацитети, соодветна квадратура и можност да спроведат организиран настан со што би се запазиле сите веќе усвоени протоколи и според кои веќе функционираат останатите ресторани со ограничено работно време.
„Ние сме единствени економски оператори кои имаат 11 месеци забрана за работа, а користевме парцијална државна помош во поддршката за плати и придонеси, која траеше само шест месеци“, велат сопствениците.
Споредбено со регионот, додаваат тие, ние сме единствена земја која не доби протокол за организирани настани, а поддршката субвенционирање на плати и придонеси, како и еднократниот грант е убедливо најниска директна помош во нашиот сектор во регионот.
„Ние будно ја следиме епидемиолошката состојба во државата и сме свесни дека во овој момент не може да се вратиме на истите услови на функционирање како во 2019 година, но од исклучителна важност за нашата дејност имајќи го предвид сезонскиот карактер, е потребна временска динамика на фазно донесување протоколи за отпочнување со работа. Тоа би ја олеснило одлуката на младоженците за одбирање погоден датум за организирање на својата веселба, а воедно би било од големо значење и за комплементарните дејности поврзани со нашата индустрија како што се: музичари, фотографи, слаткарници, цвеќари, модни дизајнери и ателјеа, шминкери, декоратери“, велат сопствениците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.
Економија
Биткоинот забележа силен пад
Цената на биткоинот денеска падна под 67.000 долари, првпат од ноември 2023 година, во услови на засилена распродажба и намалена доверба кај инвеститорите, објави Си-Ен-Би-Си.
Биткоинот се тргуваше по цена од околу 67.500 долари, откако претходно во текот на денот падна под психолошката граница од 70.000 долари, што дополнително ја засили распродажбата. Само оваа недела вредноста на криптовалутата е намалена за околу 20%, а во однос на рекордното ниво од октомври минатата година е пониска за речиси 47%.
Аналитичарите предупредуваат дека нивото од 70.000 долари претставува клучна техничка и психолошка граница и дека нејзиното пробивање отвора простор за понатамошен пад, потенцијално кон опсегот од 60.000 до 65.000 долари.
Падот на биткоинот се случува паралелно со слабеењето на технолошките акции во САД и зголемените присилни ликвидации на криптопазарот. Според податоци на Coinglass, оваа недела се ликвидирани повеќе од 2 милијарди долари во долги и кратки позиции.
Во исто време, институционалните инвеститори се повлекуваат. Аналитичката куќа CryptoQuant наведува дека побарувачката од институционални инвеститори значително се намалила. Другите криптовалути исто така бележат значителни загуби.
Економија
„Сетек“ отвора нов продажен салон во Godi Retail Park
Сетек – ја зацврстува својата лидерска позиција на македонскиот пазар со повеќе од 32 години доверба и врвна понуда на најновите производи од најпрестижните светски брендови.
Брендот продолжува со својата мисија да ја донесе технологијата поблиску до своите потрошувачи, да ги понуди најдобрите услови, најповолните цени и најдобрата услуга.
Големото отворање ќе се одржи од 6 до 8 февруари, ново место, нова енергија, нов, модерен Сетек продажен салон во Godi Retail Park – Скопје, со промотивни цени, најголеми попусти и над 300 подароци за најверните купувачи.
Во текот на отворањето, посетителите ќе имаат можност да уживаат во интерактивни демо-зони со тестирање и дегустации на врвни производи, како и специјална забавна програма.
СПЕЦИЈАЛНА ПРОГРАМА:
Петок, 6 февруари – забава со Гораст и Тони Зен
Сабота, 7 февруари – забава со Викса и DJ Дела
Подароци ве очекуваат со секоја сметка над 10.000 денари.
Посетете нè и бидете дел од најголемата технолошка забава во градот!
Количините се ограничени. Промотивните цени важат исклучиво во СЕТЕК Godi Retail Park – Скопје.
(ПР)

