Економија
Бектеши со евтини летови Скопје – Сараево ќе го зголемува бројот на туристи во двете земји
На барање на Босна и Херцеговина, министерот за економија, Крешник Бектеши, ќе предложи во нашето Министерство за транспорт и врски да се разгледа можноста за евтини летови за граѓаните од Скопје до Сараево и обратно. Оваа можност министерот Бектеши ја соопшти денес откога со министерот за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина, Сташа Кошарац, потпиша договор со кој ќе се зајакнува соработката во економијата и туризмот меѓу Македонија и Босна.
„И со министерот и со амбасадорот разговараме за привлекување туристи, се вклучи и амбасадорот имајќи ги предвид и барањата што ги има во Амбасадата на Босна. Ние сме заинтересирани, јас ќе го проследам нивниот интерес до министерот за транспорт и врски имајќи ги предвид програмите што ги реализираме во делот на субвенционирање евтини летови, а не само за да имаме и конекција меѓу Скопје и Сараево, особено во делот на старите чаршии, а зошто да не и за друг вид туризам“, рече министерот Бектеши.
Неговите очекувања се со договорот што денес го потпишаа да се зголеми бројот на туристи во двете земји.
„Секогаш сме заинтересирани да се продлабочи соработката со Босна и Херцеговина. На билатералниот состанок разговаравме за продлабочување на соработката во разни сектори, а денеска тоа го формализираме и со склучување договор во делот на соработката во економијата, секако и во туризмот, имајќи ги предвид, секако, потенцијалите што и двете држави ги имаме за да се зголеми бројот на туристи од нашата држава кон Босна, а секако и обратно. Во делот на економската соработка многу е важно да ги формализираме работите што се бараат од страна на стопанствениците од двете држави. Тоа секако е олеснување на трговијата, а преку тоа и зголемување на обемот на трговијата меѓу двете држави“, рече министерот Бектеши по потпишувањето на договорот со министерот Кошарац, кој е во официјална посета на Македонија.
Досегашното искуство покажало дека трговската размена меѓу Албанија, Македонија и Србија со иницијативата „Отворен Балкан“ се зголемила 30 %, па Бектеши приближно толкав пораст очекува и во трговската размена со Босна и со другите држави, кои би се приклучиле.
„Во делот на туристи имаме околу 9.000 граѓани и од нашата држава, кои ќе ја посетат Босна, а и од нивната страна во Северна Македонија. Во делот на процентите секако дека не може да имаме конкретни проценти, но имајќи го предвид искуството, тоа што го имаме со соседните држави со кои имаме вакви договори, а особено со ратификување одредени закони во склоп на ‘Отворен Балкан’, а секако и одлуките што излегуваат од страна на берлинскиот процес, речиси 30 % иницијално е зголемена трговската размена меѓу Албанија, Македонија и Србија, што би значело дека 30 % е минималниот потенцијал што би можеле да го имаме и со Босна, па и со другите држави кои би одлучиле да се вклучат во вакви иницијативи“, рече министерот Бектеши.
Тој нагласи дека разговарале и за иницијативата „Отворен Балкан“, каде што формални членки моментно се Македонија, Албанија и Србија, како што рече, вратата ќе биде отворена за сите други држави од Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Спасовски: Со минимална плата од 600 евра ја штитиме егзистенцијата на граѓаните, прифатете го Законот
„Со континуираниот раст на минималната плата, државата го штити и вреднува трудот на работниците. Предлог-законот за минимална плата, во износ од 36.960 денари, претставува продолжение на континуираниот раст на минималната плата, што започна системски во 2017 година и кој во изминатите години значително го подобри животниот стандард на работниците со најниски примања“, рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната комисиска расправа .
Тој посочи дека, и покрај законскиот механизам за усогласување на минималната плата со растот на просечната плата и трошоците за живот, реалноста покажува дека динамиката на поскапувањето ја надминува динамиката на законското усогласување.
„Најзасегнати од ова се граѓаните кај кои минималната плата е единствен извор на приход. Со овој закон предлагаме утврдената минимална плата од 36.960 денари со цел да се зачува реалниот животен стандард и да се обезбеди достоинствен надомест за трудот на сите работници“, додаде Спасовски.
Тој посчи дека дека средствата за спроведување на законот, предвидени во износ од 7,5 милијарди денари, ќе се обезбедат преку пренамена во рамките на постојниот буџет, без зголемување на дефицитот и без ново задолжување.
„Станува збор за одговорна и внимателно планирана пренамена која обезбедува високи примања на работниците, а при тоа ја зачувува и финансиската стабилност на државата. Минималната плата е показател на тоа колку едно општество го вреднува трудот на работниците. Таа е прашање на социјална правда, економска стабилност и човечко достоинство. Ако трошоците за живот растат, платите мора да го следат тој раст“, рече Спасовски.
Тој повика на единство во носењето на законот: Барам од сите колеги, без разлика на политичката припадност, да застанеме заедно во носењето на ова законско решение. Со тоа испраќаме порака дека го слушаме гласот на работниците и синдикатите и дека обезбедуваме егзистенција за граѓаните.
Економија
(Видео) Битиќи: Минималната плата од 600 евра не е привилегија, туку право на работниците
Зголемувањето на минималната плата на 600 евра не е никаков каприц, туку барање за социјална нормалност, а без оваа законска интервенција, оваа нормалност може да биде само политичка привилегија. Кога велиме 600 евра минимална плата, ние не велиме државата да продолжи да биде пасивен набљудувач и работите во економијата да се движат по инерција. Бараме платата да се зголеми, а Владата да си ја преземе одговорноста, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната комисиска расправа во Собранието за предлог-законот за зголемување на минималната плата.
Битиќи остро ја критикуваше Владата за продлабочувањето на сиромаштијата, слабата контрола врз цените и отсуството на вистински социјален дијалог околу минималната плата од 600 евра. Тој предупреди дека растот на трошоците директно ја нагризува куповната моќ на граѓаните.
„Оваа динамика ни кажува едноставно дека куповната моќ се јаде одвнатре, односно постои изразена тенденција сиромаштијата системски да е толерирана. Во овие услови, Владата нема право да зборува за одржливост кога се отвора темата за плати, а да молчи за сопствените институционални потфрлања што директно ја гушат економијата“, појасни Битиќи.
Тој посочи дека наместо да преземе одговорност, Владата го префрла товарот врз работниците и синдикатите.
„Се соочуваме со последователно множество на институционални слабости што го креваат стопанството на колена, а потоа Владата им држи лекција на работниците и фирмите да се договорат, праќајќи порака дека од нејзината страна нема простор за достоинствени плати.“, рече пратеникот на СДСМ.
Во однос на социјалниот дијалог, Битиќи беше дециден:
„Трошоците на живот растат, синдикатите бараат решение, а одговорот што го добиваат е одложување, игнорирање и политичка острина кон барањата на работниците. Во таква клима, социјалниот дијалог не се одржува, туку се задушува. 600 евра минимална плата е линија под која државата не смее да се повлече. Цените и трошоците веќе покажаа дека сегашните политики на Владата произведуваат работничка сиромаштија. Да не го оставаме работникот сам да се бори со инфлацијата и слабата контрола на државата. Достоинството не се одложува, туку мора да се гарантира.“, заклучи Фатмир Битиќи.
Економија
Скопскиот аеродром ја доби наградата за квалитет на аеродромските услуги „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ од Меѓународниот совет на аеродроми
Аеродромот во главниот град на Македонија ја добива наградата ASQ по 11-ти пат. Ова признание се базира целосно на повратните информации од патниците преку анкетата ASQ што ја пополнуваат додека чекаат да се качат во авион.
Меѓународниот Аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на Групацијата АДП и оваа година ја доби престижната награда за квалитет на аеродромските услуги (ASQ) за 2025-та година за „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ од Меѓународниот совет на аеродроми(ACI).
Наградата која скопскиот аеродром ја добива по 11 пат е уште едно признание од патниците во заминување кои што ги пополнуваа анкетите за задоволство од квалитетот на аеродромските услуги, преку кои се мерат клучните индикатори како што се ефикасноста на пријавувањето на патници и багаж (чекирањето), безбедносната проверка, снаоѓањето низ аеродромот, како и целокупната леснотија при движење низ аеродромот.
Ова континуирано меѓународно признание е уште еден доказ за посветеноста на вработените на аеродромот кон квалитетот на услугите, грижата за патниците и постојаното унапредување на стандардите во работењето. А наградата, која се темели на оценките од патниците, покажува дека скопскиот аеродром ги исполнува нивните очекувања.
„ Добивањето на наградата за квалитет на аеродромските услуги за патничко искуство за 2025 година, во категоријата Најпријатно аеродромско искуство во Европа од Меѓународниот совет на аеродроми е значајно достигнување за Меѓународниот Аеродром Скопје и ТАВ Македонија.
Признанието по 11-ти пат ја покажува конзистентноста на нашата оперативна извонредност и нашата постојана посветеност на квалитетни аеродромски услуги. Во 2025 година, исто така, достигнавме историски успех со тоа што услуживме рекордни над 3 милиони патници – што го прави ова достигнување уште позначајно.
Оваа награда, целосно заснована врз повратните информации од патниците преку програмата за квалитет на аеродромските услуги, го потврдува нашиот стратешки фокус на ефикасност, сигурност и патничко искуство.
Изразувам искрена благодарност на сите вработени, партнери и патници на Меѓународниот Аеродром Скопје. Во ТАВ Македонија, ние остануваме целосно посветени на обезбедување беспрекорно, висококвалитетно патување и континуирано подобрување на нашата работа“, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Џастин Ербачи, генерален директор на ACI World, изјави:
„Добивањето на ASQ наградата за квалитет на аеродромските услуги од ACI ја потврдува континуираната посветеност на Меѓународниот Aеродром Скопје да ги слуша своите патници. Ова признание ја одразува вашата заложба за постојано унапредување и обезбедување исклучително патничко искуство за сите патници“.
Меѓународниот Aеродром Скопје припаѓа во ASQ панел од 20 аеродроми, во категоријата аеродроми во Европа со големина од 2 до 5 милиони патници годишно. Покрај Меѓународниот Aеродром Скопје, другите аеродроми во овој панел се аеродроми во Италија, Шпанија, Португалија, Норвешка, Естонија како и уште два аеродроми управувани од ТАВ Аеродроми, аеродромот во Загреб и Тбилиси во Грузија.
Досега, за 2012, 2015, 2013 и 2018 Меѓународниот Аеродром Скопје ја доби ASQ наградата – Најдобар аеродром во Европа во големината до 2 милиони патници, додека за 2019, 2020, 2021, 2022, 2023 и 2024 аеродромот ја доби ASQ наградата, но во големина од 2 до 5 милиони патници годишно, врз основа на порастот на бројот на патници кој автоматски овозможи да се натпреварува со таа група на аеродроми во регионот на Европа.

