Економија
Со отворање на ретроспективна изложба и предавање донација од над 4 милиони денари на Клиниката за детски болести одбележан 85-годишниот јубилеј на „Алкалоид“
Првиот филм за „Алкалоид“ од 1950 година, најстарото кутиче и оригиналното одобрение за производство на лекот „кафетин“; првите пакувања „бекутан“, најстарите индустриски машини и голем број други компаниски експонати се поставени во изложбената поставка во Музејот на Град Скопје по повод 85-годишниот јубилеј на „Алкалоид“.
„Јубилеите вообичаено ги одбележувавме во поширок состав, бидејќи ‘Алкалоид’ е компанија за сите! Приликите за овој јубилеј ни наложија друг формат, па се одлучивме нашето минато и нашата сегашност да ги отвориме за сите! Цела година собиравме драги спомени и на простор од околу 300 м2 ги спакувавме најзначајните моменти од нашата и ваша историја“, истакна генералниот директор на компанијата, Живко Мукаетов.



„Алкалоид“ годинава го започна јубилејот со промовирање на хуманитарниот видеоспот од антологиската „Чукни во дрво“ на гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски, во изведба на дечињата од Проектот „Дајте музика“, при што за секој преглед на дигиталните канали, од 10 јуни до 20 септември, компанијата назначи дека ќе ѝ донира по еден денар на Универзитетската клиника за детски болести.
„Со овој видеоспот дечињата пренесоа пораки на благодарност, оптимизам и емпатија до најзасегнатите општествени категории на граѓани со пандемијата. За сета позитивна енергија и добри мисли, споделени со прегледите на ова видео, одлучивме да донираме наместо еден, по два денари од преглед или износ од 4.099.448 денари на Клиниката за детски болести во Скопје“, рече Мукаетов.



Симболичниот чек децата актери од Проектот „Дајте музика“ ѝ го врачија на проф. д-р Аспазија Софијанова, која истакна: „Сензитивноста во лекување на децата претстави еден голем чекор напред во однос на ова што го правите денес. Сакам искрено да ви се заблагодарам затоа што во овој тежок период она што го покажавте е здравјето пред сѐ. Здравјето на оние коишто се највулнерабилни, најсензитивни и значат вистинска иднина“. „Алкалоид“ промотивно прикажа уште едно свое јубилејно видео, за кое се користени стари, автентични филмски кадри за фабриката од 1950 и 1962 година, споени со модерни процеси, кои денес се изведуваат во производствените погони на компанијата.
Паралелата меѓу минатото и сегашноста е заокружена со маестралната графика специјално изготвена за алкалоидовиот јубилеј, чиј автор е познатиот македонски уметник Михаил Корубин. Во потрага по безвременски мотив, перцепцијата на овој наш голем уметник се заштитата и моќта, кои се претставени преку човечките раце, и сонцето, кое ја симболизира животната сила, каде што е сместено логото на „Алкалоид“. Ретроспективната изложба ќе биде отворена од денеска до 12 октомври за целата македонска јавност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

