Економија
Со платежни картички од САД извршени се најмногу онлајн купувања во Македонија
Согласно објавените податоци од Народната банка на Република Северна Македонија, Асоцијацијата за е-трговија го анализираше бројот и вредноста на реализирани онлајн трансакции со странски платежни картички кон домашни е-трговци со цел да даде слика каде најчесто имателите на картички од странство купувале онлајн во Македонија во текот на 2020 година.
Во текот на 2020 година странците кон домашни е-трговци реализирале вкупно 297.863 онлајн трансакции со вкупна вредност од 10,8 милиони евра, наспроти 170.390 онлајн трансакции со вкупна вредност од 6,8 милиони евра во 2019 година, што претставува раст од 74,8% во бројот и раст од 58,8% во вредноста на трансакциите.
Од Асоцијацијата за е-трговија велат дека зголемената понуда на производи и услуги онлајн, имајќи предвид дека само во 2020 година беа отворени 439 нови е-продавници, влијаеше позитивно на растот на бројот и обемот на онлајн трансакции, направени од страна на иматели на странски платежни картички кон македонски е-продавници.
Од вкупниот износ во вредност од 10,8 милиони евра кои странците во текот на 2020 година го потрошиле онлајн за купување во Македонија, половината, односно 50,7% од вредноста на трансакциите се реализирале во корист на ТОП 10 земји.
Станува збор за: САД, Обединетото Кралство, Швајцарија, Бугарија, Германија, Турција, Австралија, Шведска, Канада и Италија.

Од аспект на бројот на онлајн трансакции направени со странски платежни картички во Македонија, 45,1% од трансакциите завршиле во корист на ТОП 10 земјите прикажани во табелата во продолжение.

Најголем број на трансакции со странски платежни картички (50.406 трансакции) се реализирани со картички кои се издадени во САД, а потоа следи Обединетото Кралство со реализирани 32.296 онлајн трансакции.
Дел од ова веројатно се должи на картичките од брендот “Payoneer” и “Revolut” од САД и Обединето Кралство кои воедно се користат од лица од земјава, особено лица од ИТ-секторот кои работат “freelance” за странски фирми и по тој основ остваруваат приходи кои им се исплаќаат на овие картички, кои може да ги користат и за домашни трансакции.
Забележително е дека од останатите земји од каде што има најголем број на трансакции доминантни се оние земји каде има голем број иселеници, како Швајцарија, Германија, Шведска, Италија и Австралија кои ги користат своите платежни картички за да купуваат онлајн од е-продавници од Македонија. Од соседните земји, Бугарија и Србија се дел од ТОП 10 земји кои пазаруваат онлаjн во Македонија.
Од аспект на просечната вредност на трансакциите, имателите на платежни картички во САД во просек плаќале производи и услуги на износ од 2.451,00 денар, имателите на картички од Обединето Кралство плаќале просечно по 2.382,00 денари додека картички од Швајцарија просечно трошеле онлајн во Македонија 2.528,00 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

