Економија
Според ММФ: Народната банка покажува висока транспарентност
Народната банка спроведува напредни практики на транспарентност, се наведува во Извештајот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), којшто ги сумира наодите од оцените на нивото на примената на принципите содржани во Кодексот на транспарентност на централните банки на ММФ. Народната банка беше втора од вкупно седум централни банки за кои ММФ во 2021 година направи оцена на практиките во однос на транспарентноста и отчетот во работењето.
Долгогодишната заложба за висока транспарентност е вградена во Законот за Народната банка и е поставена како стратегиска цел во рамките на мандатот на Народната банка, се наведува во Извештајот. Поради спроведувањето политика на висока транспарентност и достапност на информациите во однос на своето работење, Народната банка гарантира значителна доверба кај засегнатите страни и ја зацврстува својата автономија и ефикасност во спроведувањето на политиките.
Извештајот на ММФ јасно утврдува дека сеопфатната рамка на транспарентност на Народната банка е добро воспоставена и ги опфаќа одлуките коишто се носат од аспект на монетарната политика, анализите и монетарните и девизните операции. Високата транспарентност се отсликува и преку навременоста и фреквенцијата на објавување на информациите. Во Извештајот, исто така, се наведува дека Народната банка направила значителна напори за подобрување на транспарентноста во делот на финансиска стабилност и се очекуваат дополнителни подобрувања на практиките на транспарентност со новиот Закон за финансиска стабилност. Во Извештајот се посочува и проширениот опфат на јавно достапни информации за внатрешната ревизија и рамката за управувањето со ризиците, како елементи коишто овозможуваат поставување интерни контролни механизми на претпазливост во Народната банка, што придонесува за соодветно носење на одлуките во рамките на надлежностите на централната банка.
Кодексот на транспарентност на централните банки е сеопфатен збир на принципи и практики за транспарентност, коишто се препорачуваат од ММФ за примена од страна на централните банки. На тој начин, со Кодексот се овозможува централните банки да ги оценат и да ги унапредат своите практики во однос на отчетноста и да го зајакнат дијалогот со јавноста, заради појасно презентирање на начинот на којшто се носат одлуките и како се постигнуваат целите на централните банки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

