Економија
Средба Ангеловска-Бежоска – Окамура: Независната централна банка е клучна за ценовната и финансиската стабилност
„Централната банка, како професионална и независна институција дејствуваше соодветно за справување со последната инфлациска епизода, што придонесе за одржување на целокупната стабилност“ – беше истакнато на средбата помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и Кенџи Окамура, заменик генерален директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Притоа, се заклучува дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна, но неопходно е внимателно следење на инфлациските движења. Овие заклучоци беа дадени за време на Годишниот состанок на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Светската банка, на која ѝ припаѓа нашата земја, што се одржува во Кишињев, Молдавија.
На средбата помеѓу Ангеловска-Бежоска и Окамура беше нагласено дека одржувањето на независноста на Народната банка е од огромна важност. ММФ позитивно ја оценува посветеноста на Народната банка во исполнувањето на целите, особено напорите за надминување на ефектите од последователните кризи во изминатиот период. Професионалноста, стручноста и посветеноста се на највисоко ниво кога станува збор за одлуките што ги спроведува Народната банка. Покрај ова, на средбата беше истакнато дека во околности на зголемена економска неизвесност, централните банки треба почесто да бидат присутни во јавноста со објави во кои ќе ги појасни економските движења и ќе ги образложи причините и претпоставките за донесените монетарни одлуки.
Гувернерката истакна дека Народната банка го следи овој тренд и постојано ја унапредува својата транспарентност, којашто придонесе за значително зголемување на довербата и кредибилитетот на институцијата кај јавноста, што беше заклучено и во Извештајот на ММФ за оцена на транспарентноста на Народната банка.
Сето ова придонесе за значително намалување на инфлациските притисоци, без притоа да има поголеми неповолни ефекти врз финансискиот систем. Со мерките на Народната банка инфлацијатае сведена на едноцифрена стапка, девизните резерви се зголемени на солидно ниво, а финансиската стабилност е зајакната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Дурмиши во Берлин: Северна Македонија нуди нови можности за странски инвестиции
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денес учествуваше на панел-дискусија на тема „Можности за странски инвестиции во Северна Македонија“, што се одржа во Амбасадата на Република Северна Македонија во Берлин. Настанот беше организиран од Германско–македонскиот бизнис клуб (DNMBC) во соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Министерот Дурмиши во своето обраќање истакна дека Северна Македонија се наоѓа во клучен развоен момент, во кој реформските процеси се насочени кон создавање предвидлива, стабилна и европски ориентирана економска средина. Тој ги нагласи приоритетите на Владата – дигитална и зелена трансформација, модернизација на индустријата, поттикнување на иновации и унапредување на човечкиот капитал.
„Нашата цел е да изградиме економија што создава додадена вредност и нуди јасни, долгорочни услови за инвеститорите. Со новиот модел на финансиска поддршка што ќе стартува во 2026 година, државата ги наградува квалитетните инвестиции, отворањето работни места, технолошките центри и проектите што придонесуваат за регионален развој,“ истакна министерот Дурмиши.
Тој подвлече и дека Германија останува еден од најзначајните економски партнери на Северна Македонија, додавајќи дека заедничката визија е да се зајакнат деловните врски, да се поттикнат модерни инвестиции и да се создадат нови можности за економски раст.
Министерот им се заблагодари на организаторите и деловната заедница во Германија за континуираната поддршка, оценувајќи дека ваквите настани се важна платформа за градење доверба и нови партнерства.
Настанот продолжи со динамична панел-дискусија во која учесниците разменуваа искуства и предлози за унапредување на инвестициската клима и можностите за продлабочување на соработката меѓу двете земји.
На отворањето се обратија Гафар Вејсели, претседател на DNMBC, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, како и амбасадорот на Северна Македонија во Германија, проф. д-р Илбер Села. Панелот обедини значајни имиња од економскиот и институционалниот сектор, меѓу кои и директорот на ДТИРЗ Гоце Димовски, поранешната гувернерка на НБРСМ Анита Ангеловска-Бежоска, претставници од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и германската делегација за индустрија за регионот.
Економија
Вицепремиерите Стоилковиќ и Месаровиќ со заедничка посета на македонски компании во пресрет на утрешниот бизнис форум
Во пресрет на утрешниот македонско–српски бизнис форум, потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, и потпретседателката на Владата на Србија и министерка за економија, Адријана Месаровиќ, остварија заедничка посета на две успешни македонски компании – „Пекабеско“ и винаријата „Камник“.
Посетата, која се одржа со цел продлабочување на економската соработка и поддршка на бизнис-заедницата, претставува вовед во големиот македонско–српски бизнис форум што ќе се одржи утре во Скопје.
За време на посетата беа споделени информации за тековните производствени процеси, извозниот потенцијал и можностите за проширување на пласманот на регионалните пазари. Двајцата високи претставници истакнаа дека ваквите компании се пример за успешни деловни модели кои можат да придонесат за економско поврзување и зголемена конкурентност на целиот регион.
Во контекст на претстојниот форум, Стоилковиќ и Месаровиќ порачаа дека економската соработка меѓу двете земји е на постојан подем и дека постои јасна волја за нејзино дополнително унапредување.
Македонско–српскиот бизнис форум во Скопје на едно место ќе ги собере водечките компании, институции и инвеститори од двете земји, со цел создавање нови деловни можности и зајакнување на економските врски.
Пред почетокот на бизнис форумот Стоилковиќ и Месаровиќ ќе потпишат и Меморандум за разбирање за соработка меѓу Владата на Македонија и Владата на Србија.
Економија
Николоски: Вложуваме во модерни автопати да ја подигнеме безбедноста и да ги намалиме сообраќајните незгоди
Инвестираме огромни средства во изградба на модерни и безбедни автопати преку кои го подигнуваме нивото на безбедност во сообраќајот. Интензивно работиме на автопатите на коридор 8 и на коридор 10 д, а очекувам овој месец да избереме изведувач и за изградба на автопатот Кичево -Букојчани, изјави вицепремиерот Александар Николоски.
Тој потенцира дека е потребна координирана акција со МВР и другите надлежни институции со цел намалување на жртвите во сообраќајот, но најавжно е менување на свеста кај граѓаните за почитување на законите.
„Мора сите заеднички да работиме да се подобри црната статистика. Во соработка со МВР ќе работиме активно во следниот период на намалување на жртвите на патиштата. Пред се, многу значајно е да се изгради модерна инфраструктура во што многу вложуваме и таа да е добро испланирана. Најбезбедни се автопатиштата и тука многу вложуваме во изградба на автопати. Ја завршуваме изградбата на автопатот Кичево-Охрид, изградбата на автопатот Кичево -Букојчани за кој што очекувам да изберме Изведувач во овој месец. Понатаму интензивно се гради Букојчани – Гостивар или популарната Стража која се заобиколува, понатаму се гради Тетово-Гостивар кој што сите велевме дека е автопат а всушност е експресен пат. Работиме и на Прилеп-Битола како нов автопат, а веќе наоѓаме решенија и делот кој оди од Прилеп до Фариш, така да ова е голема активност која ја имаме и сериозно ќе придонесе во подобрување на безбедноста во сообраќајот. Секако тука се и магистралните и регионални патишта, тука се патиштата и во рамки на општините и затоа потребна е координирана активност која меѓуресорски и инстиуционално ја работиме со цел овие бројки да се подобруваат и најважно од се е да ја менуваме културата да се почитуваат правилата и законите”- изјави Николоски.

