Економија
Средба на Ангеловска-Бежоска и директорката Суперти: СЕПА е историски исчекор, сега банките треба да се подготват
„Пристапувањето кон СЕПА претставува историски напредок на патот кон Европската Унија и потврда за реформите коишто ги предводеше Народната банка за исполнување на високите европски регулативни барања и стандарди во доменот на плаќањата. Народната банка и натаму посветено ќе работи на одржувањето на макроекономската стабилност, како и на надминувањето на предизвиците во сите области на делување заради овозможување усогласеност со европските стандарди.“
Ова беше посочено на состанокот меѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и директорката за Западен Балкан при Генералниот директорат за проширување и источно соседство при Европската комисија, Валентина Суперти, на кој присуствуваше и Зулфи Исмаили, амбасадор и шеф на Мисијата при ЕУ.
На состанокот се зборуваше и за натамошните активности во доменот на пристапувањето кон СЕПА со што им се овозможува на нашите банки, и покрај тоа што не сме членка на ЕУ, да пристапат до европските платежни системи. Сепак, за користење на придобивките од СЕПА треба да се надминат и сегашните предизвици. Притоа, гувернерката посочи дека централната банка заедно со банкарскиот сектор посветено работи на обезбедување целосна подготвеност за интегрирање во СЕПА до октомври 2025 година, што е првиот можен датум за влез на банките од земјите од Западен Балкан. Во соработка со меѓународните партнери, централната банка и натаму ќе го поттикнува и ќе го олеснува овој премин, обезбедувајќи техничка поддршка и регулаторен надзор за непречен и ефикасен процес на интеграција на банките.
На состанокот, гувернерката Ангеловска-Бежоска ја запозна директорката Суперти со последните макроекономски показатели коишто упатуваат на зајакната макроекономска стабилност, како и зајакната стабилност на банкарскиот систем.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и директорката Суперти искажаа заемно задоволство од спроведувањето на проектните активности на Народната банка со поддршка од ЕУ за усогласување со највисоките европски стандарди и регулативи и изразија цврсти заложби за продлабочување на соработката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

