Економија
Средба на Ангеловска-Бежоска со Ханиг: Заложбите на Народната банка се видливи преку подобрувањето на финансиската вклученост на населението
Со своите напори за унапредување на финансиската вклученост и финансиската едукација, Народната банка успешно придонесува за зголемување на вклученоста на населението во финансиските текови, што е од особено значење за економскиот развој и благосостојбата на граѓаните. Ова беше истакнато на состанокот помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и генералниот директор на Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), Алфред Ханиг и нивните тимови, којшто се одржа на маргините на Десеттата меѓународна конференција од високо ниво, во организација на Народната банка.
На средбата беше посочено дека Народната банка низ годините има преземено повеќе крупни чекори кон зголемување на финансиската вклученост и едукација, меѓу кои би можеле да се издвојат првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, поставувањето на финансиската писменост и вклученост помеѓу стратегиските цели на Народната банка, како и основањето посебна Дирекција за заштита на потрошувачите и финансиска едукација во рамките на Народната банка.
Од годинава Народната банка се придружи кон АФИ, којашто е мрежа на централни банки и финансиски регулатори чија цел е да се унапреди финансиската вклученост. Во изминатиот период се постигнати видливи подобрувања во финансиската вклученост кај нас, со раст од 11 процентни поени на населението постаро од 15 години со пристап до финансиска сметка до 85% во периодот од 2014 до 2021 година, според последните податоци на базата на податоци на Светската банка, „Финдекс“. Сепак, постои простор за понатамошно подобрување имајќи предвид дека во еврозоната учеството на возрасните кои користат платежна сметка е речиси 100%.
На средбата стана збор и за политиките за намалување на родовите јазови, заради намалување на структурните нееднаквости и со тоа забрзување на економскиот раст, како и на улогата на централните банки за зголемување на општествената и економската свест за родовата еднаквост.
„Родовата вклученост е прашање за сите. Ако се бориме за поголема застапеност на жените во бизнисот, финансиските услуги и во носењето политики, тоа е затоа што општеството како целина има корист од посилни жени. Пред пет години, оваа дискусија би била посветена на регулаторните препреки, но денес ја препознаваме важноста на решавањето на правните и општествените препреки, за да постигнеме вистинска родова вклученост“, истакна Ханиг.
За време на Десеттата меѓународна конференција, директорот Ханиг претседаваше со третата панел-дискусија, на која се зборуваше за финансиите поврзани со родовата вклученост во регионот на Југоисточна Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

