Економија
(Видео) Средношколци од Велес вицешампиони на Европскиот квиз на парите
Во конкуренција на финалисти од дваесет и осум европски земји претставниците од нашата држава, младите велешани Викторија Панова и Марко Инѓилизов, го освоија второто место на финалето на Европскиот квиз на парите, што се одржа вчера во белгискиот главен град Брисел.
Првото место на овој натпревар го освоија претставниците на Словенија, а третопласиран е тимот на Германија.
Како што информираат од Македонската банкарска асоцијација, ова е голем успех не само за Панова и Инѓилизов, туку и за земјата воопшто бидејќи станува збор за афирмирација преку високопостигнат резултат на меѓународно натпреварување, кое вторпат го организира Европската банкарска федерација.
Европски квиз на пари 2019, Брисел from Македонска Банкарска Асоцијација on Vimeo.
„Двајцата ученици на гимназија ‘Кочо Рацин’ од Велес, Панова и Инѓилизов, на европското финале учествуваа како претставници на земјава кога во март годинава остварија најдобри резултати на националниот натпревар, кој го организира Македонската банкарска асоцијација во соработка со Народната банка, Комисијата за хартии од вредност и Министерството за образование и наука. На националниот натпревар учествуваа околу 300 нивни врсници кога претходно преку интерните тестирања во училиштата ја поминаа селекцијата од речиси 3.000 ученици“, се наведва во соопштението на Македонската банкарска асоцијација.
Тимот од нашата држава, како еден од победниците на квизот, покрај одликувањето за освоеното второ место на европско ниво, од ЕБФ добил и парична награда од 2.000 евра, наменета за велешката гимназија „Кочо Рацин“.
Овие средства училиштето ќе треба да ги искористи за проекти од областа на финансиската едукација по сопствен избор.
Покрај нашите натпреварувачи и дебитанското претставување на земјава на вакво натпреварување, на финалето на Европскиот квиз на парите годинава настапија и тимови на Австрија, Азербејџан, Албанија, Белгија, Германија, Грција, Естонија, Ирска, Италија, Исланд, Летонија, Литванија, Лихтенштајн, Луксембург, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Словенија, Србија, Унгарија, Финска, Холандија, Хрватска, Чешка, Шведска и на Шпанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина
Економија
(Видео) Цветков: Додека власта си дели тендери, нема пари за поголема минимална плата
Пратеникот на СДСМ, Борче Цветков, на денешната собраниска седница упати прашање до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кое се однесуваше на минималната плата и дека, власта нема пари за нејзино зголемување, додека истовремено, како што рече, продолжува да си дели тендери.
„Во изминатиот период сме сведоци на континуиран раст на цените на основните животни производи. Храната поскапува, сметките растат, а инфлацијата директно го јаде и она малку што работниците го добиваат на крајот на месецот.
Во такви услови минималната плата не расте со исто темпо, туку заостанува, оставајќи илјадници семејства во постојана финансиска неизвесност.
Семејниот буџет на работникот е на минимум, а притисокот од сè поголемиот раст на цените е огромен. Денес ниту три минимални плати не се доволни за покривање на основните животни потреби.
Инфлацијата од 4,1 проценти и вртоглавиот раст на цените го загрозуваат животниот стандард. Платите постојано стојат во место, а Владата упорно тврди дека нема финансиски простор за нивно зголемување.
Денес зборуваме за минималната плата како единствен приход за десетици илјади граѓани во оваа држава. Зборуваме за плата од која треба да се платат кирија или кредит, сметки за струја и греење, храна, лекови, училишни потреби и превоз.
И кога сето тоа ќе се собере, станува јасно дека минималната плата одамна не обезбедува ниту минимум достоинство“.
Постојано зборувате, додаде тој, за економски раст, за стабилни индикатори и за успешни политики, но прашањето, како што рече е, за кого е тој раст.
„Секако не е за работникот кој живее од минимална плата. За него секој нов месец е нова борба дали да купи храна или да плати сметки. Тоа, министре, не е економска стабилност, тоа е сиромаштија.
Потрошувачката кошница јасно покажува дека минималната плата не ги покрива ни основните потреби. Покрај тоа, вашето министерство, кое вие го водите, нема понудено јасен план како минималната плата ќе се усогласи со реалните трошоци за живот.
Почитувани, економијата не се мери во број на тендери, туку во квалитетот на животот на граѓаните, односно на работниците. А, денес квалитетот на животот на работниците е на самото дно.
Држава во која работник што работи полно работно време не може да живее од својата плата е држава која потфрлила во својата основна социјална функција“.
Според него, барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра, како и 100 евра зголемување во останатите сектори, е оправдано и неопходно.
„Ние, како опозиција, целосно ги поддржуваме барањата на работниците и Сојузот на синдикатите. Секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Оттука и моето прашање до вас, министре:
Дали ќе поддржите суштинско зголемување на минималната плата, односно дали ќе го поддржите барањето на работниците и ќе ја зголемите минималната плата на 600 евра, како и 100 евра за останатите“, праша пратеникот.

