Економија
ССК: Полесно до средства од Фондот за иновации и технолошки развој
Сојуз на стопански комори на Македонија во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој со серија активности и обуки подетално ги информира компаниите за средствата кои се достапни за развивање иновативен производ, како и за старт ап и спин оф компаниите.
„Со цел компаниите подетално да се запознаат со инструментот Кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт ап и спин оф во чии рамки се доделуваат финансиски средства до 30.000 евра, како и Кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации во чии рамки се доделуваат финансиски средства до 100.000 евра организираме заеднички активности и обуки во периодот кој следи. Така, планирани се обуки за компании, а со цел поголема искористенст на средстват во април е предвидено и понапредно ниво за да им се посочи на апликантигте каде се фокусираат во насока на добивање на средствата. Од нашето искуство, финансиската поддршка за компаниите била клучна за нивниот бизнис, за развивање иновативен производ, како и за пробивање на странските пазари. Развиените економии се потпираат врз силни иновативни компании, така се поттикнува развојот на општеството и секако се отораат нови работни места “, изјави Митко Алексов, извршен директор на ССК.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јасмина Поповска информира дека четвртиот повик на Фондот за иновации трае до 3 мај на полноќ.
„Фондот интензивно работи со корисниците и за време на имплементација на средствата, зашто не е лесно откако ќе ја добијат идејата да се преточи во готов производ и да се најдат потенцијалните купувачи. Првиот инструмент е наменет за финансирање новоосновани микро, мали и средни претпријатија со висок потенцијал за раст, а со цел развивање иновативни решенија и пренесување на резултати од научните истражувања во комерцијални активности преку „спин-оф“ претпријатијата. Се кофинансираат најмногу до 85% од вкупниот буџет за проектот, до максимален износ од 30 илјади евра. Услов е фирмата да не е постара од шест години и да е во доминантна сопственост на македонски државјани. Поддршката преку овој инструмент ќе им биде доделена на проекти кои имаат најмалку „потврден концепт“ (proof of concept) и јасна комерцијална амбиција. Инструментот поддржува проекти кои се во фаза на потврден концепт до преткомерцијална (претпазарна) фаза“, изјави Поповска.
Инструментот за комерцијализација на иновации, пак, има за цел да поттикне зголемено истражување и развој на приватниот сектор, да ја охрабри соработката меѓу приватниот сектор и високообразовните и научни установи, како и останати форми на соработка за комерцијализација на иновации. Се поддржуваат проекти во фаза на прототип./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Развојната банка повлече кредитна транша од над 9 милиони евра за поддршка на 17 македонски компании
Развојната банка денеска ја повлече десетата и последна транша од ЕИБ 7 кредитната линија наменета за зелена транзиција. Вкупниот износ на оваа транша е 9.251.488 евра. Средствата од оваа транша се наменети за поддршка на 17 македонски компании кои се со претежна производствена дејност.
Со повлекување на оваа транша, Развојната банка успешно ја заврши реализацијата на седмата фаза на кредитната линија со средства од Европската инвестициона банка во износ од 100 милиони евра.
Реализацијата на седмата фаза од ЕИБ кредитната линија започна со потпишување на Финансиски договор за заем помеѓу Развојна банка на Северна Македонија и Европска Инвестициона Банка за МСП и MID-CAP компании и зелена транзиција. Кредитите се пласираа преку 5 квалификувани банки – учеснички со каматна стапка до 3,5% годишно кон крајните корисници. Рокот на отплата на кредитите е до 12 години за инвестициони кредити и Mid-cap проекти и до 3 години за кредити за обртни средства.
„Со средства од кредитната линија ЕИБ 7 поддржани се 259 проекти на македонските компании. Кредитната линија ЕИБ 7 ја оствари целта за која беше креирана: зголемување на ликвидноста на стопанството, задржување на постојните и отворање на нови работни места, зголемување на извозот, обезбедување на економски раст и конкурентност на трајна основа, како и стимулирање на компаниите во инвестиции за зелена транзиција со цел долгорочна заштеда на средства преку намалена потрошувачка на енергенси и зачувување, заштита или подобрување на животната средина“, соопшти Развојната банка.
Досега, преку Развојната банка се реализираа седум фази на кредитната линија ЕИБ во износ од 650.000.000 ЕУР. Со средства од овие кредитни линии поддржани се 2.621 проекти на домашните компании и креирани 9.260 работни места.
Економија
„Нвидиа“ купи акции на „Интел“ во вредност од пет милијарди долари
Американската технолошка компанија Нвидиа купи акции на Интел во вредност од пет милијарди долари, со што ја реализираше трансакцијата најавена во договорот од септември.
Според договорот, Нвидиа платила 23,28 долари по акција и купила повеќе од 214,7 милиони акции на Интел. Инвестицијата е одобрена од американските антимонополски институции, соопшти претходно Федералната трговска комисија на САД.
Се проценува дека уделот на Нвидиа во Интел ќе изнесува околу четири отсто, со што ќе стане еден од поголемите акционери на компанијата, наведува Ројтерс.
Претходно, во август, американската влада купи 10 отсто од Интел за 5,7 милијарди долари, а истата година компанијата обезбеди и две милијарди долари инвестиција од јапонскиот Софтбанк.
Договорот меѓу Нвидиа и Интел предвидува и заеднички развој на чипови, што би можело да ја промени конкуренцијата во индустријата и да влијае врз позициите на ТСМЦ и АМД.
Економија
„Алкалоид“ со бизнис план за 2026: продажба од 361 милион евра и раст на добивката
АЛКАЛОИД АД Скопје во својот Бизнис-план за 2026 година предвидува консолидирани приходи од продажби од околу 361 милион евра, што претставува раст од 7 отсто во однос на очекуваните резултати за 2025 година.
Според планот, 91 отсто од продажбите ќе се реализираат преку профитниот центар Фармација, додека 9 отсто ќе отпаѓаат на Хемија, козметика и билкарство. Компанијата очекува 34 отсто од приходите да бидат остварени на домашниот пазар, а 66 отсто преку извоз.
Планираните финансиски резултати предвидуваат раст од 8 отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA), како и раст на консолидираната нето-добивка од најмалку 7 отсто во однос на 2025 година.
Во делот на инвестициите, Алкалоид најавува вложувања од околу 8 отсто од консолидираните приходи, продолжувајќи ја долгорочната инвестициска стратегија, во чии рамки во изминатите две децении се инвестирани повеќе од 250 милиони евра. Фокусот и натаму останува на модернизација на производствените капацитети и усогласување со најсовремените GMP-стандарди.
Бизнис-планот за 2026 година предвидува и зголемување од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој, со цел натамошно унапредување на генеричкото и патентираното портфолио на компанијата.
Во рамки на ESG-стратегијата, Алкалоид ќе продолжи со интеграција на еколошките, социјалните и управувачките стандарди во сите сегменти од работењето. Паралелно, компанијата планира околу 50 нови вработувања во 2026 година и натамошни вложувања во човечкиот капитал.
Акциите на Алкалоид остануваат меѓу најликвидните на Македонската берза, со раст на просечната цена од 24 отсто во 2025 година, додека дивидендната политика ќе продолжи во согласност со остварените резултати и инвестициските потреби.
Бизнис-планот за 2026 година е усвоен од Управниот одбор на компанијата на седница одржана на 29 декември 2025 година.

