Економија
ССК потпиша Меморандум за соработка со престижниот Кинески центар за надворешна трговија
Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски, потпиша Меморандум за соработка со China Foreign Trade Centre (CFTC) – Кинески центар за надворешна трговија, со кој ќе се овозможи зголемување на извозот и промоција на извозно ориентираните компании од нашата земја во Кина, како и полесен пристап на кинеските корпорации кај нас, како центар за влез на европскиот пазар. По потпишување на Меморандумот се одржаа и средба меѓу претставниците на деловните субјекти на кои беа презентирани конкретни можности и интереси за соработка, а на која присуствуваа и компании членови на Сојузот.
Во своето воведно обраќање претседателот на Сојузот, Ангелоски ја претстави деловната клима во нашата земја и ја истакна важноста на воспоставување директна соработка меѓу претпријатијата од двете држави.
„Го организираме овој настан со цел да дадеме ветар во грбот на сите оние претпријатија кои се охрабруваат и бараат нови можности за надминување на состојбите, нови можности за економската соработка. Денеска повеќе отколку било кога е потребно да се градат мостови и да се трасираат дополнителни патишта кои ќе ги поврзан деловните субјекти од сите земји и ќе креираат подобри услови за бизнис. Со потпишување на Меморандумот за соработка со China Foreign Trade Centre, Сојузот целосно ја покажува својата довербата и решителноста да ја прошири соработката со деловната заедница од Кина, односно да воспостави директна врска меѓу компании кои размислуваат како да ги пласираат своите производи во Кина или, пак, им е потребна поддршка и кинеската страна. Сојузот ќе делува како партнер кој континуирано ќе работи на промоција на можностите за учество на престижните саемски манифестација кои ги организира CFTC “, истакна Ангелоски.
Домаќини на настанот се Кинескиот центар за надворешна трговија и Амбасадата на Народна Република Кина во Република Северна Македонија во чие име се обратија Хе Бингхуа, советник за економска соработка во Амбасадата и Џанг Сихонг, заменик-директор на Кинескиот центар за надворешна трговија.
Меморандумот за соработка предвидува двете страни заеднички да работата на промоција на соработката преку организирање посети, саеми, бизнис-патувања и консултации. Посебен акцент се става на промоција на значајните саемите за увоз и извоз кои ги организира Кинескиот центар за надворешна трговија, а на кои членовите на Сојузот ќе имаат ВИП третман. Инаку CFTC важи за светски лидер во делот на саемски манифестации и располага со голем изложбен простор, богато искуство, професионална услуга, одлични перформанси, како и иновативни платформи за виртуелно учество на саемските манифестации. Меѓу позначајните манифестации кои ги организира се Кантонскиот саем, Кинескиот меѓународен саем за мебел, Кинескиот меѓународен саем за градежништво, Меѓународниот саем за автомобили.
Сојузот на стопански комори на Македонија во 2015 година потпиша Меморандум за соработка со All-China Federation of Industry and Commerce (ACFIC), со што се формализираат континуираните напори на Сојузот да ја поттикне и унапреди економската соработка меѓу нашата земја и НР Кина на ниво на претставници на приватниот сектор, како и да се зголемат можностите за извоз и создавање на трговски партнерства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

