Економија
ССМ: Народните избраници со плата од над 2.000 евра ќе убедуваат дека работниците со 397 евра минимална плата живеат добро
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) повторно реагира дека минималната плата во земјава е најниска во регионот – 397 евра, износ кој според најавите на Владата нема да се менува до март 2026 година, освен законското усогласување кое, според ССМ, нема да биде поголемо од 1.600 денари.
Од ССМ потсетуваат дека земјите во регионот веќе донеле одлуки за значително зголемување на минималната плата.
„Косово, минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази. Во првата фаза од јануари 2026 година ќе изнесува 425 евра, а од јули 2026 година ќе изнесува 500 евра или зголемување за 150 евра. Албанија, од 1 јануари 2026 година, минималната плата ќе изнесува 500 евра. Минималната плата ќе се зголеми за 307.850 вработени, кои ќе го добијат износот од 500 евра. Владата ќе ги субвенционира и дополнителните трошоци за осигурување за вработените во приватниот сектор со 90 милиони евра за период од 9 месеци (тоа што го бараше ССМ) Србија, Владата со Одлука ја зголеми минималната плата и истата од октомври 2025 година изнесува 500 евра, а од јануари 2026 година ќе изнесува 550 евра. Република Српска (БиХ), Економско социјалниот совет се согласи од јануари 2026 година минималната плата да изнесува: за неквалификуваните работници 512 евра, за квалификуваните работници 538 евра, за работниците со ССС 564 евра, за работниците со виша 692 евра, а за работниците со ВСС 743 евра. Босна и Херцеговија, минималната плата за 2025 година изнесува 1000 км или 511 евра. Црна Гора, минималната плата изнесува 600 евра за работници до средно образование, а 800 евра за работници со високо образование“, велат од Сојузот на синдикати.
ССМ обвинува дека Владата, работодавачите и синдикатот КСС работат спротивно на интересите на работниците. Поради ваквата состојба, најавува продолжување на протестите и можност за генерален штрајк.
„Жалосно е тоа што Владата има сојузници и во работодавачите и во некои синдикати (КСС за кои веќе предупредувавме дека на сила ги прават репрезентативни само за да нема зголемување на платите, за да ги поддржуваат и за да бидат против работниците), а кои како папагали повторуваат дека треба само да се почитува законот. Сојузот на синдикатите на Македонија организираше низа протести за зголемување на минималната плата и ќе продолжи да организира, а работодавачите со нивниот игнорантски однос ќе предизвикаат генерален штрајк. Денеска имаме Влада, Газди и КСС кои се на иста страна и се против работниците, а се задоволни што македонските работници тонат во сирамаштија, што имаат најниски плати во регионот и најниска минимална плата, ама се е по закон! Затоа функционерските плати не се намалија, функционерите ги задржаа своите 78, а сега веќе 79% зголемени плати, а во тек е расправа за Буџетот за 2026 година каде што народните избраници со плата од над 2.000 евра ќе убедуваат дека работниците со 397 евра минимална плата добро живеат, ќе се фалат како ќе нема зголемување на работничките плати, како нема предвидено повеќе пари за раст на минималната плата од она што го предвидува законот, а тие истите се тие кои можат да менуваат закони!“, пишуваат од ССМ.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на прес-конференција пред два дена рече дека интервентно зголемување на минималната плата ќе направи само притисок врз фирмите и ќе мора да отпуштаат работници. Дополнително, кажа дека така ќе се подгрее и инфлацијата.
„Во моментов не гледаме економска оправданост за интервентно зголемување на минималната плата пред редовното усогласување што е законски предвидено во март. Во овие околности ако одиме со ад-хок зголемување на минималната плата тоа ќе предизика зголемување на инфлацијата“, рече Дурмиши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

