Економија
Стартува проектот за првиот парк на ветерници „Богословец“ – инвестиција од 61 милион евра
Развивме сериозен енергетски стратешки план и една од точките на Акција 21, како и во Интервентниот План за инвестиции 2021-2027 е енергетиката. Тоа го потврдуваат и резултатите, нашата земја е на врвот, меѓу шампионите во регионот по раст на обновливи извори на енергија. Само за минатата година го зголемивме производството на енергија од обновливи извори на 827 мега-вати, што претставува раст од 10,1% и е во рамки на светскиот просек на зголемување од 10,3 отсто, рече премиерот Заев на настан по повод означување на инвестицијата ветропарк Богословец.
Тој изрази чест и задоволство што првиот парк на ветерници во земјата – Богословец станува реалност и рече дека проектот е исклучителен придонес кон пренасочување на националното производство на електрична енергија кон обновливи извори и надополнување на електричното производство приклучено на државниот оператор.
„ Се работи за инвестиција вредна над 61 милион евра во општините Свети Николе и Штип. Ветропаркот Богословец со предвидените осум турбини и моќност од 36 мегавати ќе го удвои постојниот ветерен капацитет во земјата и ќе придонесе кон намалување на CO2 емисиите од над 87 илјади тони годишно“, рече премиерот Заев и подвлече дека важно за целиот инвестициски циклус е фактот што при изградбата се запазуваат еколошките стандарди и истовремено се поддржуваат општите цели на земјата за климатска транзиција и обновлива енергија.
„ Современата инвестиција со имплементирање на најмодерна технологија, се очекува да заврши за две години. Тоа значи во наредните 25 години обезбедување стабилно снабдување со зелена и еколошка електрична енергија за околу 20 илјади домаќинства“, објасни премиерот Заев и изрази благодарност до поддржувачите и инвеститорите на проектот.
„Голема благодарност, покрај до инвеститорот „Тхор Импекс“, и до „Erste Group Bank“ која го обезбеди повластениот кредит заедно со комерцијалните банки „Шпаркасе“, „Комерцијална“ и „НЛБ“, а особено и до „Австриската банка“ за развој за финансирање на проектот“, партнери кои, како што рече премиерот, со изградбата на овој ветерен парк, придонесуваат кон заедничката цел за зачувување на животната средина и зголемување на процентот на обновливи извори на енергија согласно зацртаните цели во стратешките документи кои ги усвои Владата.
Министерот Крешник Бектеши подвлече дека Министерството за економија како надлежно за политиките во делот на енергетиката ги поддржува активностите за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност, со цел реализација на зацртаните цели за учеството на обновливите извори на енергија утврдени во стратешките документи во насока на постигнување зелена и еколошка енергија.
„Ја усвоивме Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година, која во столбот декарбонизација меѓу другото препорачува промовирање на обновливите извори на енергија на начин кој обезбедува одржлив развој и се предвидува дека фотонапонските и ветерните електроцентрали ќе бидат најбрзорастечки технологии за производство на електрична енергија во сите сценарија, односно се планира изградба на 750 MW ветерни електроцентрали“, рече министерот Бектеши. Тој истакна дека е изработен Национален план за енергија и клима, согласно европското законодавство во соработка на Министерството за економија и Министерството за животна средина и просторно планирање, со што се предлагаат мерки кои ќе обезбедат диверзификација на понудата, зголемена конкуренција на енергетските пазари, зголемено искористување на обновливите извори на енергија, зголемување на домашното производство на енергија, обезбедување и континуитет во снабдувањето со енергија на домаќинствата и компаниите, намалување на емисиите на стакленички гасови и подобрување на општата состојба на животната средина.
На настанот по повод означување на инвестицијата ветропарк Богословец присуствуваа и првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.
Економија
(Видео) Мицкоски: 17 нови проекти вредни 650 милиони евра ќе донесат до 5.000 работни места
Премиерот Мицкоски денеска изјави дека во моментов се во почетна фаза на реализација или во фаза на потпишување договори за државна помош се околу 17 проекти, со вкупна вредност од над 650 милиони евра. Очекува дека овие проекти ќе обезбедат помеѓу 4.500 и 5.000 нови директни работни места, а најголемиот дел од нив годинава ќе започнат со производство, што ќе ја зголеми и вредноста на бруто-домашниот производ.
„Во овој момент работиме на овие 17 проекти само преку ТИРЗ, а има и проекти кои што ги работиме а кои што се надвор од ТИРЗ, како што е инвестицијата на Алказар во Источна Македонија, која што е во фаза на одобрение за градба. Очекувам некаде на пролет и на терен да започне реализирањето на оваа инвестиција, која што е во вредност од половина милијарда долари“, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека земјоделството доживува позитивен пресврт и станува сериозен економски столб. Во четвртиот квартал од минатата година извозот на земјоделски производи бил повеќе од двојно поголем од увозот, со износ од околу 12,5 милијарди денари, додека за целата година извозот достигнал над 450 милиони евра, во споредба со околу 200 милиони увоз.
Премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува вистинските земјоделци и дека новата програма ќе ја насочи поддршката кон оние кои реално произведуваат и придонесуваат, додека ќе се спречи злоупотреба на субвенциите.

