Економија
Стопанската комора ги награди КИФ, Анѓушев и регионалните комори во Битола и Прилеп
Коморскиот инвестициски форум (КИФ), регионалните комори од Битола и од Прилеп и Кочо Анѓушев, стопанственик и сопственик на групацијата „Фероинвест“ и „Брако“ се доботници на дел од наградите што Стопанската комора ги додели по повод 101-годишнината од нејзиното создавање.
Наградите што беа доделени се во две категории: првата – приоритети на Комората за придонес во развојот на извозот, но и за образованието на кадар за потребите на бизнисот, што им беше врачена на Лулзим Рафуна, претседател на КИФ, и на Кочо Анѓушев, стопанственик.
А втората – за долгогодишна коморска активност на регионалните комори од Битола и Прилеп.
Наградите ги додели претседателот на Комората, Бранко Азески, кој истакна дека придонесот на Коморскиот инвестициски форум, на Кочо Анѓушев и на регионалните комори од Прилеп и Битола за нашата економија е неоспорен и потврден со конкретни резултати.
„Стопанската комора годинава прославува 101 година коморско организирање и денес може да кажеме дека нема институција во државата што поседува капацитет со материјални и човечки добра како нашата Комора. Ние сме партнери на државата, утврдиваме приоритети и остваруваме. На тој пат ние не сме сами, со нас се компаниите членки, меѓународните партнерски асоцијации и институции. Управниот одбор на Комората донесе одлука за доделување на награди за истакнати стопанственици, компани кои на патот на остварувањата покажаа особени резултати. Затоа денес, преку овој пригоден настан, посочувајќи ги главните приоритети на нашата економија, извозот и создавање кадар за неговите потреби, сакаме повторно да укажеме кој е вистинскиот пат за развој на една економија, но и да оддадеме признанија на клучните чинители во остварувањето на приоритетите и нивниот придонес во остварувањето на стратешките цели на дејствување на Комората, а тоа е нашата насоченост исклучиво кон интересот на компаниите членки и додадената вредност што ја добиваат“, истакна Азески.
Коморскиот инвестициски форум, асоцијација што го обезбедува гласот на бизнисот во регионот и застапува 350 илјади компании од подрачјето на Западен Балкан, минатата година забележа видливи резултати со конкретни придобивки за македонските компании.
Со поддршка од Европската Унија се реализира Програмата за развој на доставувачи, преку која се мапираа доставувачите од регионот во секторите на автомобилската индустрија, лесната преработувачка индустрија и на земјоделско-прехранбената индустрија, при што во дата-базата Market Access вклучени се 483 македонски компании. Истовремено, КИФ обезбеди поддршка и пристап до финансии, грантови и саемско претставување на извозно ориентирани македонски компании. Преку Регионалниот фонд за предизвици, КИФ активно придонесува и за поддршка на дуалното образование, при што досега е одобрено финансирање за вкупно 14 проекти од Северна Македонија во вредност од 6,13 милиони евра.
„Стопанската комора му додели награда и на Анѓушев, кој во своето портфолио преку успешни деловни потези има значајна улога во зголемувањето на извозот. Кочо Анѓушев преку диверзификација на палетата на извозните производи во пет сектори и диверзификацијата на извозните пазари на три континента, но и во образовниот процес преку профилирање кадар за потребите на своите компании во рамките на групацијата, претставува успешен пример, кој треба да биде и основата на која ќе се темели нашиот економски развој како држава“, велат од Стопанската комора.
Наградите на регионалните комора од Битола и Прилеп им беа врачени на претседателите Ирена Јакимовска, сопственик/управител на „Комфи ангел“, и на Мирко Велковски, сопственик на „Хемометал“, и ВЕМИЛК – Битола. Наградите се резултат на нивниот несебичен ангажман во последните 10 години. Двете комори покриваат околу 8. 000 активни компании, со вкупен придонес на БДП во текот на претходните години од 12 %.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Мицкоски: 17 нови проекти вредни 650 милиони евра ќе донесат до 5.000 работни места
Премиерот Мицкоски денеска изјави дека во моментов се во почетна фаза на реализација или во фаза на потпишување договори за државна помош се околу 17 проекти, со вкупна вредност од над 650 милиони евра. Очекува дека овие проекти ќе обезбедат помеѓу 4.500 и 5.000 нови директни работни места, а најголемиот дел од нив годинава ќе започнат со производство, што ќе ја зголеми и вредноста на бруто-домашниот производ.
„Во овој момент работиме на овие 17 проекти само преку ТИРЗ, а има и проекти кои што ги работиме а кои што се надвор од ТИРЗ, како што е инвестицијата на Алказар во Источна Македонија, која што е во фаза на одобрение за градба. Очекувам некаде на пролет и на терен да започне реализирањето на оваа инвестиција, која што е во вредност од половина милијарда долари“, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека земјоделството доживува позитивен пресврт и станува сериозен економски столб. Во четвртиот квартал од минатата година извозот на земјоделски производи бил повеќе од двојно поголем од увозот, со износ од околу 12,5 милијарди денари, додека за целата година извозот достигнал над 450 милиони евра, во споредба со околу 200 милиони увоз.
Премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува вистинските земјоделци и дека новата програма ќе ја насочи поддршката кон оние кои реално произведуваат и придонесуваат, додека ќе се спречи злоупотреба на субвенциите.
Економија
(Фото+видео) Николоски: Со одлична динамика се гради автопатот Гостивар – Букојчани
Задоволство е да се гледа прогрес и да се гледааат добри резултати во изградбата на автопатот Гостивар – Букојчани. Имаме силна динамика, државата овозможува навремена логистика и со средства и во делот на експропријацијата и силната динамика ќе продолжи во следниот период за до крајот на 2029 година да возиме по овој автопат, изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој денеска заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, времениот вршител на работите во Амбасадата на САД, Никол Варнс, заменици министри, пратеници, градоначалници и директорот на ЈПДП Коце Трајановски извршија увид во изградбата на автопатот Гостивар-Букојчани.

„Работиме доста интензивно на оваа секција 2, односно на автопатот кој што оди од Гостивар до Букојчани, кој што од другата страна треба да се поврзе на автопатот Гостивар до Тетово, а во долната страна треба да се поврзе со автопатот кој ќе се гради од Букојчани до Кичево. Оттаму се поврзуваме на автопатот до Охрид и Струга кој веќе е во прогрес, така што ова е целиот автопат кој што оди на западното крило на Коридор 8, автопат кој што треба да го поврзе целиот овој регион, да донесе голем економски бенефит, повеќе бизнис и многу повеќе туристи” изјави вицепремиерот Николоски.



Тој истакна дека експропријацијата е завршена речиси 90 % што е за успех, а финансирањето е навремено што директно значи и навремена реализација на овој проект. Дополнително како што потенцира, градежништвото има историски раст од 21 %.
„Она што ми е драго е тоа што градежништвото расте, во третиот квартал минатата година растот беше од 21 %, што не е запаметено во независна Македонија и така ќе продолжиме во периодот што е пред нас. Обврските што ги имаше државата се веќе завршени, околу 90 % од експропријацијата е завршена, до сега исплатени се околу 470 милиони евра што за буџет како Македонија е огромна сума. Исто така целата логистика државата ја дава и останува компаниите да си ја завршат работата. Драго ми е што стоиме на мост што е 40 метри висок, ова е добро за македонските градежни компании и оние што ќе се занимаваат со градежништво во иднина, тука се вклучени Градежниот факултет, Архитектонскиот факултет и следните генерации да можат на конкретни и живи проекти да учат” истакна Николоски.


Упати благодарност до премиерот Мицкоски за подршката што ја дава за овој проект и најави силна динамика и крајот на 2029 година да биде завршен овој автопат без отстапки од рокот. Додаде дека интензивно се работи и на автопатите од Тетово до Гостивар како и автопатот од Прилеп до Битола.
Економија
Божиновска во теренска посета на „Мермерен Комбинат Прилеп“: Македонските ресурси мора да создаваат поголема додадена вредност дома
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека министерката Сања Божиновска реализирала теренска посета на рудниците и производствените капацитети на „Мермерен Комбинат АД Прилеп“.
Според соопштението на Министерството, Божиновска извршила непосреден увид во процесот на експлоатација на мермерот, условите за работа, механизацијата и технолошките процеси на комбинатот.
Раководството на компанијата ја информирало министерката за тековните инвестиции во модернизација на механизацијата, безбедноста при работа и мерките за рационално искористување на природните ресурси, со посебен акцент на одржливото користење на наоѓалиштето и заштита на животната средина.

Во соопштението се наведува дека на средбата се разговарало и за почитувањето на еколошките стандарди и обврските од концесиските договори, безбедносните услови за вработените, придонесот на компанијата кон локалната економија и можностите за зголемување на додадената вредност преку финална обработка на производите.

Божиновска истакнала дека теренските посети се клучни за реален увид во функционирањето на секторот и за креирање политики базирани на фактичка состојба.
„Природните ресурси се национален капитал и нивната експлоатација мора да значи поголема економска корист за државата и граѓаните. Наш приоритет е природните ресурси да носат долгорочна корист — преку инвестиции, нови технологии, безбедни работни услови и поголем степен на финална обработка. Рударството има силна економска улога, но неговиот развој мора да биде одговорен, транспарентен и во согласност со највисоките стандарди Нашата цел е јасна — модерно, одговорно и конкурентно рударство кое создава вредност дома, отвора работни места и обезбедува одржлив развој. Компаниите кои инвестираат во технологија, безбедност и заштита на животната средина се важен партнер во економскиот развој“, се наведува во соопштението.
Министерството додава дека посетата е дел од пошироките активности насочени кон засилено присуство на терен, подобра комуникација со индустријата и унапредување на надзорот и одржливото управување со минералните ресурси.

