Економија
Стојаноски: Предлог-буџетот за следната година е надуен балон и прашање е кога ќе експлодира
„Македонија во моментов е економски срушена, испокрадена и земја која со брз чекор оди кон огромна сиромаштија меѓу граѓаните, уништување на стопанството и банкрот на државата. Граѓаните ни се гладни, граѓаните ни се сиромашни, граѓаните бараат подобар животен стандард. Република Македонија руши рекорди и во регионот и во светот по сиромаштија, по низок животен стандард, по најниски плати, по пензии сме рекордери во сиромаштија’’ – вака говореше еден ваш пратеник кога бевте во опозиција во 2016 година, но целосно ве опишал вас и државата во овој момент. Имаме историски највисока инфлација од 20%, историски највисок јавен долг, експлозија на цени на основни прехранбени производи, троцифрени цена на горивата, струја која поскапува секои 6 месеци, а нè очекува ново поскапување од минимум 10% како честитка за Нова година, најмали плати во регионот, најмал економски раст, а сепак најбогата владина коалиција. Сиромаштија, бесперспективност, очај“, рече Бојан Стојаноски, пратеник во Собранието, на денешната собраниска расправа за предлог-буџет за 2023 година.
Стојаноски во текот на своето обраќање посочи дека имаме историски највисок, нереален, инфлаторен, надуен балон кој е прашање кога ќе експлодира.
-Ние сме држава во која голем дел од домаќинствата можат да си дозволат само еден оброк дневно, а владата не престанува да троши народни пари за работи кои се сè освен неопходни. Држава која е второ место на Индексот на мизерија во Европа. И сега, во оваа расправа ќе се служам со факти и бројки искомуницирани од вас, од ваши изјави, документи и официјални бројки. Пред нас е предлог-буџетот за 2023 година. Историски највисок, нереален, инфлаторен, надуен балон кој е прашање кога ќе експлодира. Најголемиот буџет досега, дури 5,3 милијарди евра. Да одиме дел по дел, ова е буџет со висок буџетски дефицит од 4,6% или 700 милиони евра, кој ќе донесе огромен јавен долг од 64,4% од БДП. Во прашање се доведува фискалната одржливост, односно дали државата ќе може да ги плаќа обврските. Што велат клучните бројки на буџетот за 2023 година? Од даноци државата планира да собере повеќе од половина од парите, или 3,4 милијарди евра, 352 милиони евра или 19,2% повеќе од 2022 година од кој најмногу од данокот на додадена вредност. Од ДДВ планирани се да се наплатат над 1,28 милијарда евра, 26% повеќе од планираниот буџет за 2022 година, со што приходите од овој данок ќе ја надминат психолошката граница од 1 милијарда евра. Инаку, во проста бројка 163 милиони евра повеќе од планот за 2022 година, кажа тој.
Пратеникот се осврна и на инфлацијата каде укажа дека инфлацијата нема да запре и дека ќе се зголемува и сето тоа заради тоа што владата планира да ја имплементира новата даночна реформа.
„ДДВ, како што е познато, е данок на потрошувачката, па ова само ги потврдува тврдењата дека инфлацијата нема да запре и ќе се зголемува. Владата планира да направи класичен арач и репресија врз даночните обврзници и имплементирајќи ја новата даночна реформа, која сега ја крие и никој официјално не ја видел на еден месец пред нејзиното имплементирање. На тој начин власта планира да собере 28 милијарди денари повеќе по основ на даноци. Приходите од данокот на личен доход планираат да ги зголемат за 26% или 65 милиони евра повеќе, за данок на добивка за 19,4% или 21 милион евра повеќе, а размислуваат и за дополнително оданочување на производи, како и за повторно враќање на зелениот данок! Влада планира да го зголеми приходот од казни за 6,8% или да собере по овој основ 152 милиони денари повеќе од минатата година. Инспекции, притисок и казни. Приходите годинава во однос на минатата година треба да бидат поголеми за 590 милиони евра. Тоа се толку пари годинава што стопанството и граѓаните ќе дадат повеќе на државата и тоа само поради ценовните шокови. Граѓаните не живеат подобро и не купуваат повеќе производи, туку, за жал, ги купуваат истите или помалку производи, но со далеку повисоки цена“, кажа тој.
Стојаноски порача дека владата ако сака може да му помогне на народот, но ќе треба да се откаже од дел од приходите.
„Власта ако сака може да се откаже од дел од приходите, за да му помогне на народот. Стигмата сиромашен народ – богата влада нè донесе на ова катастрофално економско ниво. Да работеа домаќински наместо да мислеа на тендери во 4 очи, и да ги затегнеа расходите, а поради инфлаторните приходи кои растат можевме да имаме и благ плус во буџетот, но криминалците од власта не престануваат да мислат на сопствено богатење“, додаде Стојаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.
Економија
Четири години стратешко партнерство на „Алкалоид“ и СОС Детското село
„Децата се нашата иднина! Секое дете има право на топол дом, грижа и љубов! Секое дете е и наша грижа!“ се моќни пораки спрема заедницата и силни причини за синергија, кои во целост ги препознаваат и ги почитуваат обете организации.
СОС Детско село е организација која во моментов дава поддршка за околу 400 деца и младинци кои се без родители/родителска грижа или кои се во ризик да ги загубат своите родители. Организацијата, која годинава одбележува 25 години од основањето и од згрижувањето на првото дете во земјава, низ годините има помогнато на стотина деца, овозможувајќи им поддршка, љубов, топол дом, чувство на припадност и сигурност, квалитетно образование, посигурна иднина и можност да имаат поубаво детство.



Јулијана Накова-Гапо, национална директорка на СОС Детско село, истакна дека поддршката од „Алкалоид“ и „Бекутан“ претставува многу повеќе од финансиска помош – таа е израз на доверба, долгорочна посветеност и заедничка визија за создавање подобра иднина за децата.
„Горди сме што заедно со ’Бекутан’ градиме приказна на љубов, сигурност и иднина исполнета со надеж. Преку концептот на кумство на една куќа со пет згрижени деца, покрај покривањето на секојдневните трошоци, вложуваме и во нивните образовни и развојни активности, што е од суштинско значење за нивното растење во самостојни и одговорни личности. Ова партнерство е и пример како компаниите можат да бидат вистински херои во животите на децата без родителска грижа“, изјави Накова-Гапо за време на посетата на оваа организација од претставници на компанијата.



Соработката на „Алкалоид“ со македонската гранка на организацијата СОС Детско село започна во декември 2022 година, кога една од куќите на локалитетот во населбата Ченто беше именувана „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, беше издвоен одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над 2 милиони денари донирани за оваа организација. На Хуманитарниот пикник на компанијата организиран во 2024 година, вработени на „Алкалоид“, членови на нивните семејства и нивни пријатели донираа близу 2 милиони денари наменети за СОС Детско село.



Активностите на компанијата со СОС Детско село ќе продолжат и во тековната година, а се разгледуваат и нови форми на соработка. „Децата се нашата иднина и наша заедничка одговорност. Ниту едно дете не треба и не смее да биде оставено без грижа, поддршка и можност за развој. Како поединци, како заедница убаво е да помогнеме! Преку одговорно делување и заедничка посветеност придонесуваме кон создавање стабилна и инклузивна заедница“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје. Организацијата СОС Детско село функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и разни форми на партнерства со цел да обезбедат средства за реализација на програми и активности за поддршка на ранливите групи на деца без или кои се во ризик да ја загубат родителската грижа.
(ПР)

