Економија
Струјата од 1 јануари ќе поевтини 5,16 отсто за првиот блок, за вториот останува иста, а за третиот и четвртиот блок поскапува 2,88 и 1,86 отсто
Корисниците на електрична енергија од првиот блок, кои имаат најмала потрошувачка, од 1 јануари ќе плаќаат поевтина струја, цената на струјата за корисниците од вториот блок останува иста, а поскапува струјата за корисниците од третиот и од четвртиот блок. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, ги соопшти нивите цени на струјата за домаќинства.
„Цената на струјата од 1 јануари за првиот блок се намалува 5,16 %, за вториот блок и евтината се исти, за третиот блок се зголемува 2,88 % и за четвртиот блок се зголемува 1,86 %. Доколку не се воведеше надоместок за пристап кон мрежата, цената на првиот блок ќе се зголемеше 3,4 %, вториот блок се зголемува 8,62 %, третиот блок 9,46 %, четвртиот блок 4,92 % и евтината тарифа 15,42 %“, вели Бислимовски.
Со новиот концепт пристап кон мрежа, надоместокот што ќе изнесува 200 денари, а ќе го плаќаат сите корисници, Бислимовски смета дека е напраева фер распределба на трошокот за мрежа меѓу редовните корисници и оние потрошувачи што повремено ги користат објектите, а мрежарината се намалува речиси 23 %.
АД МЕПСО, „Електродистрибуција“ и МЕМО побараа од Регулаторната комисија струјата од 1 јануари да поскапи 27 %, но можноста за толкаво поскапување претседателот Бислимовски ја исклучи набргу по добивањето на барањата со најава дека ќе се анализираат пресметките.
Пред две недели министерот за економија, Крешник Бектеши, уверуваше дека струјата нема да поскапи од 1 јануари оти барањата за поскапување од 27 %, најверојатно, нема да бидат прифатени. За корисниците од првиот и вториот блок, рече дека не очекува промена во сметките, но можни измени најави кај оние што се поголеми потрошувачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Тренчевска: Владата крати пари за најранливите во Буџетот, социјалната заштита под удар
Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, во своето обраќање пред собраниската Комисија за финансирање и буџет истакна дека предлог-буџетот за 2026 година кој го предлага Владата не само што не обезбедува фискална консолидација, туку ја продлабочува фискалната нестабилност и создава сериозни ризици за економијата и граѓаните.
Наместо реални реформи и стабилност, буџетот нуди нереални проекции, енормно задолжување и директно прекршување на фискалните правила утврдени со Законот за буџети.
„Владата проектира дефицит од 3,5% спротивно на законскиот лимит од 3%, што претставува уште едно нарушување на фискалната дисциплина, а проекциите за раст и инфлација воопшто не се во согласност со податоците на Народната банка и ММФ. Тоа потврдува дека буџетот се темели врз нереален оптимизам и лажна слика за стабилност“, нагласи Тренчевска.
Таа потсети дека иако буџетот е наречен „развоен“, капиталните инвестиции се намалени за речиси 7 милијарди денари во однос на 2025 година, а реализацијата на капиталните расходи „до овој момент изнесува само 46%, што ја разобличува предизборната реторика за ‘градежна офанзива’“.
Тренчевска особено нагласи дека најголемиот удар во буџетот е направен врз Министерството за социјална политика, демографија и млади.
„Иако формално буџетот изгледа зголемен, суштинската анализа покажува дека средствата за најважните програми се драстично скратени. Се кратат надоместоците за лицата со попреченост, за децата, за болните и изнемоштени, за примателите на гарантирана минимална помош, за детските и образовните додатоци, за старите лица и за сите ранливи категории. Намалувањето изнесува скоро 2 милијарди денари“, истакна Тренчевска.
Таа додаде дека Владата кратела и средства за социјални услуги, деинституционализација, заштитни друштва и блок-дотации за градинките, што директно ќе ја влоши состојбата на терен.
„Во 2026 година нема да има ниту зголемување на правата од социјална и детска заштита, и покрај ветувањата и амандманите што Владата ги користеше за предизборни цели“, рече пратеничката на СДСМ.
Тренчевска предупреди дека проектираниот трансфер кон Фондот за пензиско осигурување достигнува повеќе од 62 милијарди денари, односно 1 милијарда евра – највисок досега.
Ова, според неа, „ја разголува несериозноста на владините политики кои го зголемија дефицитот на фондот за само 16 месеци од 32,5 на 45%“.
„Со ваквото зголемување се нарушува стабилноста на фондот и се доведуваат во неизвесност сегашните и идните пензионери“, посочи Тренчевска, додавајќи дека оптималниот сооднос за стабилен пензиски систем е 3:1, а овој сооднос ќе продолжи да паѓа со оглед на најавените затворања на компании и отпуштања на околу 1.000 работници, како и отпуштањата во текстилната индустрија„ истакна пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска.
Економија
Ангелова: Буџетот за 2026 обезбедува зголемени средства за социјална заштита, како и за раст и редовна исплата на пензиите
На денешната седница за Предлог-буџетот за 2026 година се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова, која се осврна на делот кој се однесува на социјалната заштита и поддршката на граѓаните, истакнувајќи дека цврсто стои зад буџетската рамка, затоа што обезбедува зголемени средства за социјална заштита и поддршка на ранливите категории.
„Предлог Буџетот за 2026 година обезбедува зголемени средства за социјална заштита, и поддршка на ранливите категории – децата, лицата со попреченост, самохраните родители, старите лица и сите кои се соочуваат со сиромаштија и социјална исклученост. Со Буџетот се обезбедува редовна исплата на платите и пензиите, како и континуирана социјална заштита. Средствата за социјална заштита се проектирани на 206,3 милијарди денари, што е раст од 6,7 проценти. Платите изнесуваат 52,6 милијарди денари, или 7 проценти повеќе во однос на оваа година, во кое е опфатено зголемување на платите со порастот на минималната плата“, вели Ангелова.
Пратеничката Ангелова посочи дека ќе продолжи растот на пензиите и во наредниот период но и дека ќе се продолжи со мерки кои обезбедуваат одговорно управување со јавните финансии, постепено намалување на расходите и одржливо ниво на буџетски дефицит и јавен долг како и засилена фискална дисциплина и транспарентност.
„Во пензискиот систем се вклучени сите зголемувања реализирани во износ од 5.000 денари во септември 2024 и март 2025 година, како и последното зголемување од 1.000 денари. Растот на пензиите ќе продолжи и во наредниот период, со цел поддршка на стандардот на пензионерите. Со овој Предлог – буџет за 2026 година ќе има засилена фискална дисциплина, поголема ефикасност во капиталните инвестиции, централизирана контрола и транспарентност, јасна процедура за субвенции и трансфери, подобра контрола врз општините, транспарентност во повратот на приходи, редовно известување и отчетност, правна сигурност и предвидливост и поголема одговорност на институциите“, рече Ангелова.
Економија
Битиќи: Новиот буџет носи рекордно задолжување
На денешната комисиска расправа за финансирање на буџет, пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи обвини дека предложениот буџет на Владата носи рекордно задолжување и историски најголемо плаќање камати.
„Во 2026 година јавниот долг ќе се искачи над 62% од БДП, со планирано задолжување над 120 милијарди денари и „рекордни 21,27 милијарди за камати“, посочи Битиќи.
Тој нагласи дека парите наместо во развојни проекти се топат во дефицитот.
„Од проектираните даночни приходи од околу 200 милијарди денари, наместо да завршат во училници, операциони сали, лаборатории, патишта и железници, тие ќе исчезнат во јазот на дефицитот и во каматите“, рече Битиќи.
Тој укажа и на сериозно кратење на капитални проекти. Капиталните расходи се планирани на 40,2 милијарди денари, значително помалку од 47,3 милијарди во ребалансот за 2025.
Битиќи предупреди и на падот на странските директни инвестиции кои паѓаат од 570 милиони евра на 220 милиони евра.
„Средствата за општински инфраструктурни проекти се кратат од 6,3 милијарди на 2,6 милијарди денари, а во технолошко-индустриските зони има само 273 милиони денари. Исто така и евроинтегративните програми се кратат од 4,45 на 3,2 милијарди денари, што е јасен сигнал за оддалечување од ЕУ“ потенцираше Битиќи.
Тој оцени дека 2026 година е подготвена како популистичка или изборна година, со раст на тековните расходи и кратење на капиталните инвестиции.
„Пред нас имаме октроиран буџет на влада која абдицира од фискална дисциплина, транспарентност, инклузивен дијалог и развојна одговорност. Граѓаните заслужуваат да ја видат вистината. СДСМ ја повикува Владата да повлече ваков модел на волунтаризам и да изготви буџет кој ќе биде легитимен по постапката и развоен по суштината.“, посочи Битиќи.

