Економија
Сугарески: Не возете по патот Миладиновци – Штип, треба да се направат безбедносни проверки

Градежните активности на автопатот Миладиновци – Штип во сите три секции се комплетно завршени, но министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, апелира да не се вози по него сè додека не биде и официјално пуштен во употреба. Наспроти најавите во дел од медиумите, пуштањето во употреба на патот нема да биде утре.
„Автопатот е многу важно да биде пуштен во употреба и тоа ќе се случи, меѓутоа уште поважно е да се извршат уште еднаш безбедносни проверки по сите елементи на патот. Тоа ќе се случи во наредните денови со цел сите граѓани да бидат безбедни кога возат по тој пат. Ќе биде пуштен во скоро време. Сакам да испратам апел – патот дури не биде пуштен возачите не треба да го возат“, одговори министерот Сугарески на прашањето зошто се вози по автопатот Миладиновци – Штип без тој официјално да биде пуштен во употреба.
Минатата недела од Министерството за транспорт и врски објаснија дека патот е пуштен во пробна употреба и за него се вршат технички проверки.
Автопатот Скопје – Штип, во должина од 47 километри, почна да се гради во 2014 година и за него се потрошени 206 милиони евра обезбедени со кредит од кинеската банка „Ексим“ и Јавото претпријатие за државни патишта. Изведувач на градежните работи е кинеската компанија „Синохидро“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши ги предупреди трговците: Ако има енормно зголемување на цените, ќе има поригорозни мерки

Нови поригорозни мерки ќе бидат воведени доколку Државниот пазарен инспекторат утврди енормно зголемување на цените на производите по укинувањето на мерките што важеа до крајот на април, рече денес министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши. Тој денес рече дека официјалните податоци за изминатиот период додека беа замрзнати маржите покажуваат намалување на инфлацијата.
„Официјалните податоци покажуваат дека инфлацијата за април е практично нула. Во споредба со март има покачување од 0,6 %. Во споредба со април минатата година инфлацијата е 2,6 %, што значи дека не надминува 3 % и е во стабилна фаза. Цените на храната се речиси непроменети, само 0,3 % годишно зголемување и мора да потенцирам дека ако го споредиме април со декември 2024 година имаме дефлација од 1,35 %. Значи, имаме намалување на инфлацијата“, рече министерот Дурмиши.
Овој месец Државниот пазарен инспекторат ќе прави и редовни и вонредни контроли на цените и кај трговците, и кај дистрибутерите, и кај производителите и ќе подготви извештај врз основа на кој ќе се димензионираат нови, поригорозни мерки доколку се утврди дека покачените цени немаат економска оправданост.
„Може да ја прошириме листата со која ќе бидат опфатени производи за ограничување на маржата, односно ова што го имавме сега како мерка – може да ставиме повеќе производи, може да го покачиме процентот на маржата, да видиме кои се тие можности за поригорозна мерка. Ова го кажувам за да ги известам трговците, производителите и дистрибутерите да не се однесуваат девијантно, да не ги покачуваат цените без економска оправданост. Ако има покачување, ќе има поригорозни мерки. Се вршат контроли“, рече министерот Дурмиши.
На забелешките дека има хигиенски производи, кои се и за 60 денари поскапи по завршувањето на мерката, министерот Дурмиши рече дека првин треба Државниот пазарен инспекторат да го утврди тоа, да го извести секторот во Министерството за економија да направи анализа за тоа кои построги мерки да бидат донесени.
Економија
Нова инвестиција на „Џагатај кабло“ вредна 6 милиони евра, најавени нови 200 вработувања

Турската компанија Џагатај Кабло која веќе подолго време работи во рамките на ТИРЗ Скопје 1 ќе инвестира 6 милиони евра во проширување на своето производство со изградба на нов објект од околу 10 000 квадрати, што ќе донесе нови 200 вработувања.
Оваа нова фабрика која ќе биде двојно поголема од постоечката, според најавите на надлежните, освен што ќе отвори нови работни места, истата ќе донесе и нови технологии, што всушност се должи на подобрениот пристап од страна на новата влада.
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски денес во Истанбул ја посети компанијата и оствари средба со Ахмет Шемшетин Короглу, претседател на одборот. Toj посочи дека оваа инвестиција, која беше најавена во јули минатата година, е доказ за довербата на странските инвеститори во стабилната економска клима и поддршката што ја нуди државата. Тој истакна дека како институција во соработка со Владата, Дирекцијата за ТИРЗ ќе продолжи и понатаму со активна и транспарентна поддршка на сите странски инвеститори.
Од страна на менаџментот беше изразена благодарност за поддршката од Дирекцијата, како еден од клучните фактори за проширувањето на оваа инвестиција која ќе донесе додадена вредност во националната економија.
По најавеното проширување во јули минатата година, оваа втора фаза на инвестирање од страна на Џагатај Кабло значи многу поголема доверба во владата и системот, кој според нив работи многу добро.
Инаку, Џагатај Кабло произведува жици и кабли за автомобилската индустрија. Тие ги снабдуваат водечките производители на автобуси, трактори, градежни машини, камиони, комерцијални возила, климатизери, машини за чистење и специјални аеродромски возила.
Економија
Навистина привлекува погледи – новата OPEL MOKKA блеска во новите бои

· Ефект кој воодушевува: сината Kolibri, зелената Tropikal и сивата Graphik кај популарниот SUV ќе ги привлечат Вашите погледи.
· Уникатен изглед: новите бои го нагласуваат смелиот, карактеристичин дизајн на Mokka.
· Eлектифициран изглед: новата Mokka е поостра, помодерна и подигитална.
Вредности (комбинирано) за Opel Mokka Hybrid според WLTP: потрошувачка на гориво 4.9 l/100 km, емисија на CO2 110 g/km; CO2 ознака: A
Вредности (комбинирано) за Opel Mokka Electric според WLTP: потрошувачка на енергија 15.4-15.6 kWh/100 km, емисија на CO2 0 g/km; CO2 ознака: A
Модерна, компактна и со дополнителен стилски елементи – ова е Opel Mokka.
Популарниот SUV на Opel отсекогаш имал моќен карактер, а неодамна е збогатен уште повеќе. Ова не се должи само на изострениот дизајн, туку и на трите дополнителни нови бои на каросеријата кои сега се достапни за Mokka. Тие навистина го истакнуваат овој компактен SUV. Металик боите: сината Kolibri и зелената Tropikal, обете создадени ексклузивно за Mokka, како и еднобојната сива Graphik гарантираат дека новата Mokka ќе продолжи да привлекува внимание. Особено кога непогрешливите бои формираат карактеристичен контраст со опционалниот покрив обоен во црна Karbon и опционалниот црн капак на моторот.
„Новата Opel Mokka е привлечна, смела и самоуверена во секој поглед. Особено впечатливите бои совршено му прилегаат на овој каркатер. Затоа ги дизајниравме новите бои сина Kolibri, зелена Tropikal и сива Grafik Grey и ги додадовме во нашата понуда. Купувачите сега можат да изберат смели бои за нивната Mokka кои исто така ја изразуваат нивната личност“, изјави Nikola Kalabic, раководител на тимот за управување со тековните SUV возила.
Живописни бои: новите завршни обработки го нагласуваат смелиот карактер на Mokka
Opel Mokka се осмелува да биде различна од прв поглед. Самата боја сина Kolibri, како стандардна, ја прави новата Mokka апсолутно привлечна! Купувачите можат да ја изберат темно сината боја за секоја верзија на Mokka без дополнителни трошоци. Ако сакате да бидете малку подискретни а подеднакво карактеристични, можете да се одлучите за сивата Graphik, која ги истакнува контурите на новата Mokka. За оваа и за сите други бои се доплаќаат 650 евра (цени за германскиот пазар). А купувачите кои сакаат да ја пренесат идејата за одржлива мобилност во свеж, нов изглед со нивната Mokka можат да се одлучат за зелената Tropikal. Бојата го симболизира пристапот „Greenovation“ на Opel и во исто време ја буди желбата за спортско, ефикасно управување.
Новата Mokka е ефикасна и штеди ресурси во многу аспекти. Намерно се откажуваме од хромирани елементи и дизајнерски апликации на каросеријата, додека во ентериерот се користат ткаенини и навлаки направени од материјали со рециклирана содржина. На пример, достапна е навлака за седишта изработена од новиот материјал ReNewKnit™.
ПР