Економија
„ТАВ аеродроми“: 3,15 милиони патници во 2023 година на скопскиот и охридскиот аеродром
Двата македонски аеродрома, Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид, со кои управува „ТАВ Македонија“, подружница на „ТАВ аеродроми“, бележат 33 % пораст во патничкиот сообраќај во 2023 година во споредба со 2022 година, а во споредба со истиот период во 2019 година порастот е 18 %.
Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид, двата македонски аеродрома, ја завршија 2023 година со значително закрепнување на патничкиот авиосообраќај, со што достигнаа приближно 3,15 милиони патници или вкупно 3.149.274 патници и 23.949 лета биле опслужени.
Вкупниот број на патници, 3.149.274, постигнат во 2023 година е значајна пресвртница за двата македонски аеродрома, а значи и две истовремени достигнувања – надминување на рекордниот број патници од 2019 година од речиси 2,7 милиона патници и првпат опслужени се 3 и над 3 милиони патници на двата аеродрома.
„ТАВ како аеродромски оператор е воодушевен од ваквите резултати во авиосообраќајот за аеродромите во Скопје и Охрид. Со над 3 милиони опслужени патници уште еднаш докажавме дека со постојаност и сериозна посветеност кон обезбедување аеродромски услуги со најдобар квалитет успехот е неизбежен. По остриот пад на сообраќајот во авиопревозот и воздухопловството, среќни сме што сме сведоци на целосно закрепнување и постигнати нови пресвртници во изминатата 2023 година. Бидејќи нашата цел како аеродромски оператор опфаќа пречекување на патниците и управување со аеродромите на одговорен начин, убедени сме дека со експертизата за гостопримство, иновативниот пристап и интеграцијата во локалните заедници на луѓето што работат на аеродромите, македонските аеродроми и натаму ќе бидат препознаени поради персонализираното искуство на патниците, одржливите методи на работа и како центри за воздушен транспорт. Порастот од 33 % на патничкиот сообраќај е одлично достигнување и овие резултати на висок пораст се одраз на напорната работа и посветеноста на персоналот на скопскиот и охридскиот аеродром, за што сум благодарен. Без луѓето, македонските аеродроми немаше да бидат тоа што се, затоа ќе продолжиме да работиме заедно во синергија бидејќи ни претстои многу динамична година“, изјави Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Од аеродромскиот оператор се задоволни бидејќи македонските аеродроми ги надминаа прогнозите за европскиот авионски патнички сообраќај на Меѓународниот совет на аеродромите (ACI) за 2023 година за речиси 23 % наспроти 2019 година и се сигурни дека позитивниот тренд ќе продолжи и сигурно ќе ги надмине прогнозираните +1,4 % и за 2024 година, особено имајќи ја предвид силната побарувачка за авиотранспорт, како и квалитетот на услугите што се нудат на аеродромите во Скопје и Охрид.
Најфреквентни дестинации од Меѓународниот аеродром „Скопје“ според статистиката за патничкиот авиосообраќај на „ТАВ Македонија“, за 2023 година биле Истанбул (двата аеродрома ИГА и „Сабиха Гокчен“ со 10,9 % пазарен удел), Базел Милуз (6,4 %), Цирих (5,4 %), Франкфурт (4,7 %), Дортмунд (4,5 %), Виена (4,4 %), Минхен Меминген (4,3 %), Анталија (3,2 %), Хамбург и Келн (по 2,7 %).
Топ-5 земји со директни летови за 2023 година беа Германија (28,3 % пазарен удел); Турција (16,1 %); Швајцарија (13,4 %); Шведска (6,5 %); и Италија (6,4 %).
На охридскиот аеродром во 2023 година најфреквентна дестинација за патување беше Базел (21,5 % пазарен удел), потоа Виена (21 %), Дортмунд (16,4 %), Меминген (11,9 %), Малме (9,4 %), Цирих (9,3 %), Амстердам (8,8 %), а другите дестинации се со пазарен удел од 0,5 %.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
БРАКО ќе промовира ново електрично возило на саем во Минхен
БРАКО ќе претстави ново електрично возило од својот бренд Грин Машинс на светскиот саем IFAT, кој следната недела ќе се одржи во Минхен.
Возилото беше развивано две години од страна на инженерскиот тим за развој на БРАКО/Грин Машинс и е сосема ново техничко и функционално решение во програмата за производство на возила за одржување урбана хигиена.
Моделот 720 ZE работи на електричен погон и e со технологија од последната генерација, со вградени мотори во задните тркала и управување на сите четири тркала, поголем контејнерски простор, широка кабина за две лица, 360⁰ камера и оптимизиран начин на чистење.
Се очекува новиот модел да отвори уште повеќе пазари во светот, каде се бараат возила за одржување хигиена од овој габарит и перформанси.
Моделот 720 ZE беше најавен како концепт на саемот IFAT во 2022 гoдина и тимот за развој планираше да го развие во следните две години, во што и успеа и создаде возило кое е целосно замислено, проектирано и произведено во погоните на БРАКО.
Возилото во завршна фаза беше претставено пред гостите на прославата на 20-годишнината на Феро Инвест и БРАКО пред шест месеци, а сега во Германија ќе ја доживее својата светска промоција.
(ПР)
Економија
Почна пријавувањето за директни плаќања по програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги информира земјоделските стопанства, дека во период од 10 мај до 1 јули ќе можат да поднесат барања по Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Во наведениот период земјоделските стопанства можат да поднесуваат барања за: растително производство по обработлива земјоделска површина со поледелски и градинарски култури, за одржување на постоечки површини со овошни и лозови насади како и површина за производство на сертифициран семенски и саден материјал, сточарско производство за обележани грла говеда, овци и кози, за маторици, презимени пчелни семејства како и за заклани говеда во кланица, како и за органско земјоделско производство.
Земјоделските стопанства своите барања ги поднесуваат во електронскиот систем на АФПЗРР, а доколку имаат потреба од помош или поддршка можат да се обратат во подрачните единици на МЗШВ.
Аплицирањето е преку линкот www.ipardpa.gov.mk – Директни плаќања е-субвенции. Со отварање на овој линк, во полето „Известувања/упатства“ достапни се деталните упатства за поднесување на барањето, Листата на потребни документи како и Програмата и Уредбата за директни плаќања во кои детално се претставени условите и висината на финансиската поддршка.
Економија
Ангеловска-Бежоска на форумот на Виенската иницијатива: Капитализираноста на македонскиот банкарски систем порасна двојно повеќе од ЦЈИЕ
Гувернерката Ангеловска-Бежоска, како претставничка на шесте централни банки од Западен Балкан во Одборот на „Виенската иницијатива“, учествуваше на Годишниот форум на панел-дискусијата посветена на банкарските системи во Централна и Југоисточна Европа (ЦЈИЕ), којшто оваа година се одржа во Вилнус, Литванија.
И покрај шоковите од невидени размери, банкарските системи во регионот, вклучително и македонскиот, покажаа високо ниво на отпорност. Македонскиот банкарски систем не само што ја задржа стабилноста, туку и уште повеќе ја зголеми. „Резултатите од овие напори се видливи. Капитализираноста на нашиот банкарски систем во споредба со претпандемичниот период е зголемена за близу 2 п.п., што е двојно повеќе од порастот во регионот на ЦЈИЕ и во моментов е највисока во изминатите 17 години, а квалитетот на капиталот е на историски високо ниво. Овие трендови во голема мера ги одразуваат зајакнувањето на регулативната рамка, на супервизијата и макропрудентните мерки преземени од страна на Народната банка“, посочи Ангеловска-Бежоска.
Притоа, особено е важно што и во овие кризни години имаше солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите (просечен кредитен раст од околу 7%). Во услови на циклус на монетарно затегнување, каматните стапки на кредитирање пораснаа, но растот беше помал од растот на каматните стапки во ЕУ. Со тоа домашните каматни стапки на кредитите значително се приближија до каматните стапки во ЕУ и разликата меѓу нив е историски најниска. Во овој момент, просечната каматна стапка изнесува 5,5%, односно е двојно пониска во споредба со периодот пред Големата финансиска криза, кога изнесуваше околу 11%, во просек.
Гувернерката се осврна и на финансиската писменост и заштитата на корисниците на финансиските услуги, коишто се значајни за носење соодветни финансиски одлуки, но и за зголемување на конкурентските притисоци и за понуда на поконкурентни финансиски услови. „Финансиската писменост, едукацијата и заштитата на потрошувачите, коишто се стратешки приоритети на Народната банка, се важни за клиентите за да можат подобро да ги разберат и правилно да ги споредат понудите меѓу различните банки. Неодамна формиравме посебна организациска единица за финансиската писменост и заштитата на потрошувачите. Под водство на Народната банка, беше усвоена и првата национална Стратегија за финансиска инклузија и писменост, додека регулативната рамка беше зајакната минатата година, вклучително и преку усвојување на Насоките за банките и штедилниците за добри практики за заштита на потрошувачите, фер и транспарентни односи, врз основа на јасни и лесно разбирливи информации за производите и услугите што ги обезбедуваат. Беа преземени и мерки за зголемување на транспарентноста преку споредба на надоместоците за најрепрезентативните банкарски платежни услуги, коишто заедно со либерализацијата на пазарот на платежни услуги, ја поттикнуваат конкуренцијата во системот“, истакна Ангеловска-Бежоска.
„Виенската иницијатива“ е платформа којашто ги поврзува меѓународните финансиски институции, банкарските регулатори и претставниците на банкарските групи од Европа, присутни во регионот на ЦИЈЕ и секоја година, од 2009 година до денес, организира собири во областа на финансиите на кои сите засегнати чинители зборуваат за идните насоки во политиките поврзани со банкарскиот сектор и за поопшти макроекономски прашања.