Економија
(Видео) Тасева обвини дека проблемот во „Фени“ е поголем од оној во „Скопје 2014“, бара државните институции да го испитаат
Стечајната судијка на „Фени“ направила формална повреда на Законот за стечај оти не го отфрлила планот за реорганизација на комбинатот поднесен со 12 дена задоцнување, обвини денеска Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспаренси интернешнл – Македонија“. Презентирајќи ги наодите од мониторингот на стечајот за кој Тасева вели дека се води спротивно на законот, таа ги повика сите институции во државата, вклучително Судскиот совет, финансиската полиција и Јавното обвинителство, да преземат мерки. Нагласи дека е жално што најактуелниот сомнеж за криминал го испитува само невладина организација.
„На 10.5.2018 година ‘Глобал спешал опортјунитис лтд’ до Основниот суд Велес поднел план за реорганизација на стечајниот должник ‘Фени индустри’ АД Кавадарци. Овој план е поднесен 72 дена по одржувањето на извештајното собрание, односно 12 дена по утврдениот рок за поднесување на планот. На овој начин сторена е формална повреда на Законот за стечај. Во согласност со член 216, став 4 од Законот за стечај, ако во определениот рок не биде поднесен план за реорганизација, со решение на стечајниот судија постапката веднаш продолжува со впаричување на имотот“, укажа претседателката Тасева и побара судијката да го отфрли планот за реорганизација.
Таа вели дека судијката, спротивно на Законот за стечај, го процесирала планот и го доставила на разгледување и мислење до одборот на доверители и до стечајниот управник. Доверителите ГСОЛ, цементарницата „Усје“, „ТАВ Македонија“, „Раде Кончар“ – Скопје и Управата за јавни приходи дале позитивно мислење за планот за реорганизација.
„При носењето на оваа одлука директорката на УЈП гласала ‘против’ затоа што во планот има причина за тоа. Се работи за намирување на побарувањата на државата“, рече претседателката Тасева.
Според неа, и самиот стечаен управник укажал на одредени недоследности во самата содржина на планот, но неговите укажувања не биле прифатени во целост од страна на членовите на одборот на доверители иако се однесувале на суштински елементи на планот.
Тасева денеска реагира и на договорот за преработка на руда со ГСОЛ.
„На 31.1.2018 година со ГСОЛ од Бахамите стечајниот управник склучи договор за преработка на никелова руда. Од договорот произлегува дека предмет на закуп не се само технолошките капацитети, како предмети, туку се и работниците, неверојатно третирани како предмети, врз кои закупецот има право на целосна контрола, надзор и управување. Сето тоа со договор за закуп. На оваа околност никој досега не реагира“, рече Тасева.
Таа смета дека проблемот со криминалот во „Фени“ е поголем од оној во „Скопје 2014“ и по обем и по содржина и побара институциите да реагираат уште денес оти утре ќе биде доцна.
„’Фени’ вака поставено ќе работи до септември-октомври, тогаш ќе стане нерентабилно и Република Македонија ќе го изгуби“, тврди Тасева нагласувајќи дека вработените под притисок на големата невработеност во државата во моментот се задоволни што работат за минимални плати.
На нејзините забелешки одговорија вработени во „Фени“.
„Малку веројатно е дека некој ќе инвестира 70 милиони евра во комбинатот за да работи нерентабилно или да го згасне. Тасева настапува против нашите интереси бидејќи нејзиниот предлог за одбивање на планот за реорганизација и впаричување на имотот за нас значи ликвидација на комбинатот, згаснување на печките кои веќе работат, а на улица повторно да останат уште најмалку 800 вработени“, велат вработени од „Фени“.
УЈП ја демантира Тасева: Директорката не учествувала во разгледувањето на панот
Од Управата за јавни приходи ги демантираат тврдењата на Тасева. Управата информираше дека директорката Сања Лукаревска не учествувала во разгледување на планот.
„Директорот на УЈП во рамките на своите надлежности не одлучува за планот за реорганизација на посочениот стечаен должник. Оттука, директорот на УЈП не учествувал ниту во разгледувањето, ниту, пак, можел да биде согласен за предложениот план за реорганизација. УЈП во стечајни постапки е застапувана од страна на државен правобранител. Во предметната стечајна постапка сè уште не е закажано и одржано Собранието на доверители на кое се расправа и одлучува по предложен план за реорганизација“, велат за „Макфакс“ од УЈП.
Судот во Велес не ги коментира тврдењата на Тасева
Велешкиот суд во кој се води стечајната постапка за „Фени“, за која Тасева смета дека е незаконска, не сака да ги коментира наодите на „Транспаренси интернешнал – Македонија“.
„Судот своите ставови по конретни предмети, вклучително и во поглед на навременоста на поднесоците во стечајна или која било друга судска постапка, ги изразува единствено низ своите одлуки кои подлежат на контрола од страна на повисок суд. Од оваа причина, судот во моментов нема основа да се впушта во јавно коментирање на процесни прашања кои се однесуваат на судска постапка која е во тек“, изјавија за „Макфакс“ од велешкиот суд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.