Економија
Тевдовски: Добрите економски резултати се потврда на добрата фискална политика
Растот на БДП во првиот квартал изнесува 4,1 проценти, додека невработеноста опаднала на 17,8 проценти, објави Државниот завод за статистика.
Најдобар раст од 13,6 проценти е забележан во секторот земјоделство, шумарство и водостопанство, додека градежништвото бележи раст од седум проценти. Раст има кај сите клучни сектори: индустријата, градежништвото, земјоделството и услужниот сектор.
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, вели дека ако продолжи ваквиот солиден раст, годинава може да имаме и повисока стапка на раст од проектираната 3,5 проценти.
„Забрзувањето на економскиот раст продолжува, што ја оправдува горната ревизија на економскиот раст на 3,5 проценти. Ако се оддржи ваквиот солиден раст таа проекција може да се надмине. Растот од 4,1 процент во првиот квартал е на широка основа, односно има раст кај сите клучни сектори. Ова ги потврдува другите позитивни движења: индустриското производство, извоз, кредитирање на претпријатија, наплата на приходи. Истовремено, сите овие позитивни резултати се најдобра можна потврда за исправноста на фискалната политика и општо на политиките на Владата“, вели Тевдовски.
Тој рече дека растот од седум проценти во градежништвото се должи пред се на нискоградбата и потврдува дека јавните капитални инвестиции фаќаат залет. Изградбата на патишта од страна на јавното претпријатие за државни патишта е зголемена за 200 проценти.
Тевдовски потенцира дека политиките се креираат во насока на поттикнување на домашната побарувачка што се гледа во растот на потрошувачката и инвестициите.
„Тука се гледа влијанието на порастот на платите и зголемената вработеност. Според последните податоци платите во март пораснале за 3,8 проценти, што се надоврзува на рекордно високиот раст од 5,9 проценти во 2018 година. Имаме сериозни мерки за поддршка со цел платите да растат, а фирмите да ја зголемуваат продуктивноста. Нашата цел е луѓето да бидат вработени и добро платени. И покрај тоа што не критикуваа дека дел од нашите политики ќе предизвикаат отпуштања, бројките јасно покажуваат дека вработеноста напротив расте, а воедно и платите“, нагласува тој.
Согласно податоците, во првиот квартал годинава креирани се 39,5 илјади работни места во однос на првиот квартал лани, што е раст од 5,3 проценти.
„Стапката на невработеност секако е доста намалена и тоа за 1,6 проценти во однос на претходниот квартал, или за 3,8 проценти помалку во однос на истиот период лани“, вели тој.
Тевдовски потенцира дека од трансферот на власта има околу 50 илјади повеќе вработени и околу 45 илјади помалку невработени.
„Пад на невработеноста, најмногу има кај младото население. Кај нив невработеноста во овој период е пониска за 10 проценти. Особено радува ваквото подобрување со оглед на тоа што невработеноста на младите е еден од главните проблеми во земјата нотиран редовно и од меѓународните организации“, вели тој.
Тевдовски додава дека тоа е високо намалување и дека меѓудругото воедно е и резултат на активните мерки. Во Буџетот за 2019 година предвидени се 1,1 милијарда денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Очекувам инфлацијата да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека Државниот завод за статистика излезе со извештај за инфлацијата и какви се очекувањата за оваа година, изјави:
„Во делот на храната, минатата година имаше „божиќна кошничка“, „јануарска кошничка“ и така ќе биде и во април. Инаку ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3% на ниво на годишна инфлација оваа година. Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионов. Освен во соседна Србија каде што е 2,2 – 2,3 поради тоа што они имаат мерка, онаа мерка со ограничување на цените на производите. Првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира и наеднаш ќе имаат пик, бидејќи ние тоа го видовме една година пред они тоа да го имплементираат и затоа одлучивме преку други механизми да се бориме против инфлацијата.
Инаку што се однесува до другите месеци, јас очекувам да бидат под 3%. Да речеме има држави во Европа како што е Романија, каде што инфлацијата во јануари е 9,8%, има Турција каде што е двоцифрена инфлацијата, преку 30%, соседна Бугарија, Хрватска и така натаму, да ги редам, голем број примери во Европа, каде што инфлацијата е многу поголема од таа што е кај нас. Јас очекувам кај нас инфлацијата оваа година на годишно ниво да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме.“
Економија
Дурмиши: Со системски мерки и партнерство ја намалуваме неформалната економија и го јакнеме формалниот сектор
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати на конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, посветена на системските мерки и заедничките политики за намалување на сивата економија и јакнење на формалниот сектор.
Во своето обраќање, министерот Дурмиши истакна дека неформалната економија е сложен и долгорочен предизвик кој ја нарушува конкуренцијата, ги оштетува работниците и го намалува фискалниот капацитет на државата.
Тој нагласи дека за дел од граѓаните непријавената работа не е избор, туку нужност, што бара одговор преку креирање пристојни и стабилни работни места.
„Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Затоа ни се потребни системски, конзистентни и одржливи решенија“, потенцираше министерот.
Економија
Божиновска – Рама: Гасното поврзување на државата е клучен чекор кон енергетска стабилност и регионална интеграција
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со извршниот директор на НОМАГАС АД Скопје, Недим Рама, на која беа разгледани тековните активности и следните чекори за развој на гасната инфраструктура во државата.
Во фокусот на разговорите беше изградбата на интерконекторот со Грција, како еден од најзначајните стратешки енергетски проекти во земјата. На средбата беше направен пресек на досегашната динамика на реализација, текот на градежните активности и координацијата меѓу институциите и изведувачите, со цел проектот да се реализира согласно предвидените рокови.
Посебно внимание беше посветено и на подготовките за реализација на интерконекторот со Србија, при што беше разгледан напредокот во техничките и административните активности, како и тековната комуникација и координација со српската страна. Двете страни оценија дека регионалното гасно поврзување претставува значаен чекор кон диверзификација на изворите на снабдување и зголемување на енергетската сигурност.
На состанокот се разговараше и за долгорочните планови за развој и проширување на националната гасоводна мрежа, со цел овозможување поголема достапност на природниот гас за индустријата, општините и домаќинствата, како и поддршка на енергетската транзиција и намалување на загадувањето преку почисти енергетски решенија.
Министерката Божиновска ја истакна важноста од забрзана реализација на инфраструктурните проекти, нагласувајќи дека развојот на гасната мрежа е стратешки приоритет кој директно влијае врз економската стабилност, конкурентноста на стопанството и сигурноста во снабдувањето со енергија.
Соговорниците се согласија дека координираниот институционален пристап и засилената регионална соработка се клучни за успешно позиционирање на државата како стабилен енергетски јазол во регионот.

