Економија
Технолошко-индустриската зона во Гевгелија прва зелена и здравствена зона во земјата
Технолошко-индустриската зона во Гевгелија ќе стане првата зелена инвестициска зона во земјата што ќе се фокусира на поддршка на зелените индустрии и ќе функционира како јавно-приватно партнерство. Во оваа зона првпат се отвора можност и за инвестиции во здравствениот сектор. ТИРЗ ја изработи во партнерство со меѓународната консултантска компанија „Дилоит“.
„Отвораме можност за прва зелена и здравствена зона во Северна Македонија. Целосно го менуваме концептот на развој. Луѓето и земјата се ограничени ресурси и ќе извадиме најголема добивка за сите граѓани. Со овој нов модел се очекува да се вложат 120 милиони евра во инфраструктурата и развој на зоната во Гевгелија и да се поттикнат инвестиции во обем од 400, како и да се отворат над 3.000 работни места. Со студијата и договорот за јавно-приватно партнерство поставуваме јасни и мерливи цели. Колку државата треба да заработи од еден квадратен метар земја што се дава. Не преку цена на продажба, туку преку реална економија што ќе се случува на тој квадратен метар. Од компании што ќе плаќаат данок на добивка, персонален данок и придонеси за вработените. Моделот предвидува земјиштето да го добие оној што ќе понуди највисоки приходи за државата, за граѓаните. Платите првпат во вакви договори за ЈПП имаат значајна улога. Ова е и тест на новиот концепт на ТИРЗ, кој веќе не се базира на тоа дека Северна Македонија е земја на евтина работна сила, туку инвестициска дестинација за висококвалитетни инвестиции“, порача Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ.
Тој додаде и дека зоната во Гевгелија ќе се финансира преку моделот на новиот Зелен стратешки фонд, кој се базира на инвестиции во проекти што генерираат конкретни приходи за ТИРЗ и инвеститорите, а во исто време нема дополнително оптоварување ниту за буџетот ниту за граѓаните.
Зоната во Гевгелија предвидува и можност за развој на здравствена економска зона, која би била прва ваква и во земјата, но и во регионот.
„Идејата за здравствена зона произлезе од анализата и во консултации со Министерството за здравство. Државата ќе поддржи и инвестиции во напредни технологии во здравствениот сектор и здравствени услуги. Клучен аспект е близината на границата со Грција, која е сериозен пазар за овој сектор и отвора можност за значителни приходи и нови високоплатени работни места“, појасни Деспотовски.
Договорот за јавно-приватно партнерство за оваа зона треба да биде реализиран до крајот на 2022 година, а според студијата, развојот ќе оди во три фази. Првата фаза опфаќа можност за наем на 50 хектари земја за кои концесионерот треба да изготви финансиска план, план за изградба, дизајн и одржување на зоната, како и проекција на потенцијалниот приход за државата. Втората фаза на проширување на зоната со дополнителни 70 хектари, ќе зависи од успешната имплементација на првата фаза, односно дали се постигнати цели за приход на државата од квадратен метар.
Студијата за изводливост ќе биде поднесена до Владата по што ќе почне реализација на процесот. Ова е дел од новиот пристап за развој на ТИР-зоните, а зоната во Гевгелија е пилот-модел по кој ќе се развиваат и други вакви индустриски зони во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Партнерство за енергетската иднина“: Потпишан Меморандум меѓу Министерството за енергетика и УНДП“
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) денеска потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставува јасна и долгорочна рамка за заедничко делување во областа на енергетиката, енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија и одржливиот развој.
Меморандумот го потпишаа министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Северна Македонија, Армен Григорјан. Со Меморандумот се зајакнува институционалната соработка меѓу двете страни и се отвора простор за координирани активности насочени кон праведна и инклузивна енергетска транзиција, зајакнување на енергетската независност и отпорност на државата, како и исполнување на националните и меѓународните климатски цели.
„Овој Меморандум претставува силна потврда на нашата заложба за модерна, одржлива и праведна енергетска транзиција. Преку партнерството со УНДП добиваме дополнителна експертиза и поддршка за креирање и спроведување политики кои носат конкретни придобивки за граѓаните, економијата и животната средина“, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Соработката ќе се реализира во согласност со националните приоритети и Програмскиот документ на УНДП за Република Северна Македонија за периодот 2026–2030, со посебен фокус на добро управување, транспарентност и активно вклучување на јавноста во процесите на донесување одлуки поврзани со енергетиката.
„УНДП останува посветен партнер на институциите во Северна Македонија во унапредувањето на одржливиот развој. Овој Меморандум создава силна основа за заедничка работа во енергетскиот сектор, со фокус на чиста енергија, намалување на емисиите и инклузивен јавен дијалог“, истакна постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан.
Меморандумот предвидува заеднички активности во развојот на енергетскиот сектор, рударството и управувањето со минералните ресурси, намалување на емисиите на стакленички гасови преку зголемена примена на обновливи извори и мерки за енергетска ефикасност, како и поддршка во изработката и спроведувањето на национални стратегии, законодавство и акциски планови во областа на енергетиката.
Особено значаен сегмент од соработката е насочен кон јакнење на институционалните, техничките и човечките капацитети, преку градење експертиза и подобрување на процесите за креирање и спроведување јавни политики, како и кон унапредување на транспарентноста и инклузивниот јавен дијалог, со посебно внимание на младите, жените и ранливите групи граѓани. Во рамки на партнерството е предвидена и заедничка организација на национални и меѓународни настани, форуми и иницијативи посветени на одржливиот развој и енергетската транзиција.
Меморандумот е склучен на период од четири години, со можност за продолжување, и претставува значаен чекор кон продлабочување на соработката меѓу Министерството за енергетика и УНДП во насока на одржлива и сигурна енергетска иднина за Северна Македонија.
Економија
Новата Ford Puma Gen-E финалист на европскиот натпревар AUTOBEST 2026!
Ford Puma Gen-E е избрана за финалист на престижниот избор AUTOBEST 2026 – признание што ја потврдува визијата на Ford за иновативна, ефикасна и достапна мобилност.
Како нова електрифицирана генерација на омилениот кросовер, Puma Gen-E комбинира динамичен дизајн, напредни технологии и практичност создадена за секојдневието. Со фокус на одржливост и паметни решенија, моделот нуди возбудливо искуство во градот и надвор од него, без компромис во удобноста и перформансите.
Ова признание од AUTOBEST е уште една потврда дека Ford Puma Gen-E поставува нови стандарди во својата класа.
👉 Вашиот глас е важен!
Поддржете ја Ford Puma Gen-E и гласајте во изборот AUTOBEST 2026 на https://autobest.org/.
AUTOBEST е еден од најрелевантните и највлијателни европски автомобилски избори, основан со цел да ги претставува интересите на реалните возачи низ целиот континент. Жирито на AUTOBEST го сочинуваат реномирани автомобилски новинари од повеќе од 30 европски земји, кои заедно претставуваат над 90% од европскиот автомобилски пазар.
Финалистите и победниците на AUTOBEST се сметаат за репер во европската автомобилска индустрија, а самото учество во финалната селекција претставува значајно признание за квалитетот и визијата на еден модел.
(ПР)
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“

