Економија
ТЕЦ Неготино утре ќе почне со активности за ставање на електраната во функција на производство
Вечерва завршуваат сервисните и ремонтните активности на генераторот и на другата опрема во ТЕЦ Неготино, и утре во 7.30ч почнуваат активностите за ставање на електраната во функција на производство информира ЕСМ.
„Во договорот со економскиот оператор кој ги изведуваше работите беше наведен 15 декември како датум за завршување на зафатите. Но, со засилен интензитет на работа на економскиот оператор, и зголемен ангажман на вработените рокот е скратен за 10 дена. Во услови на енергетска криза тоа ќе значи економски и енергетски бенефит. Во сервисните и ремонтните активности беа вклучени економскиот оператор Монтинг Инженеринг, вработените во ТЕЦ Неготино, АД ЕСМ, РЕК Битола и консултанти од производителот од Украина. Генераторот е произведен во 1975г и во ТЕЦ Неготино е ставен во употреба во 1978г. Ова е прво отворање и големо ремонтирање на генераторот“, се наведува во соопштението од ЕСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Годишен раст на зелените кредити од 7,4 % заклучно со септември 2024 година
Зелените кредити бележат годишен раст во портфолијата на банките и во третиот квартал од 2024 година. Според податоците на Народната банка, на крајот на септември 2024 година, растот на зелените кредити во однос на истиот период лани изнесува 1,4 милијарди денари, или 7,4%. Во споредба со крајот на 2019 година, кога започна прибирањето и објавувањето на овие податоци, зелените кредити се зголемени за 2,8 пати. Зелените кредити се заеми наменети за проекти коишто поддржуваат одржливи, еколошки цели, или цели коишто придонесуваат за зелената транзиција во општеството, како што се инвестициите во нова еколошка технологија.
Според податоците на Народната банка, на крајот од третото тримесечје од 2024 година, состојбата на зелените кредити во билансите на банките изнесува 20.350 милиони денари. За споредба, на крајот на 2019 година тие изнесувале 7.176 милиони денари. Заклучно со третото тримесечје од 2024 година, состојбата на кредитите одобрени на компаниите изнесува 19.355 милион денари, додека на домаќинствата изнесува 995 милиони денари.
Уделот на зелените во вкупните кредити сѐ уште е на релативно ниско ниво, но од крајот на 2019 година, заклучно со третото тримесечје од 2024 година, се забележува промена од 2,2 % на 4,4 %.
Народната банка, препознавајќи ги ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ја постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија. Преку низа активности, нашата централна банка придонесува за поттикнување на зеленото финансирање, вклучувајќи ги и монетарните мерки.
За таа цел, Народната банка, на својата веб-страница од 2022 година почна да објавува и квартални податоци за кредитите за зелено финансирање одобрени на домаќинствата и нефинансиските друштва, коишто можете да ги најдете на следнава врска.
Економија
„Фустани со џебови“ на Халкбанк избрана од AmCham за една од најдобрите општествено одговорни практики
Платформата „Фустани со џебови“ на Халкбанк АД Скопје, со која се дава поддршка на женското претприемништво, е избрана за една од најдобрите општествено одговорни практики од страна на Американската стопанска комора (AmCham) во рамките на проектот Partnership 4 Giving. Плаформата на Халкбанк е еден од петте проекти, кои добија посебно признание од комората за квалитетна и успешна општествно одговорна практика.
Халкбанк АД Скопје веќе една ипол година гради успешна приказна за поддршка на женското претприемништво, промовирајќи ја истовремено својата заложба за рамноправност и финансиска слобода на жените. Преку креираниот „Пакет за жени“ што е дизајниран да одговори на различните потреби на микро, малите и средните претпријатија каде сопственици или менаџери се жени, банката веќе им овозможи успешен бизнис на голем број клиентки во земјата.
Преку платформата, Халкбанк реализира и низа настани, кампањи и поддршки. Почнувајќи од хуманитарните акции поврзани со продажба на „Фустаните со џебови“, преку пласирање на кампањи за финансирање на женските бизниси, па се до организирање и давање поддршка на низата настани наменети за вмрежување и овозможување на меѓусебна поддршка на жените, Халкбанк заедно со својот партнер Мастеркард, ја подигнаа на повисоко ниво свеста и перцепцијата за финансиската моќ и слободата на жените во земјата.
Проектот Partnership 4 Giving, кој AmCham го имплементира во рамките на USAID програмата, има за цел покренување колективна акција која ќе обезбеди позитивен ефект и ќе развие одржливи перспективи за корпоративна филантропија промовирајќи ги позитивните приказни на компаниите кои служат како пример за бизнис заедницата на полето на корпоративна одговорност.
(ПР)
Економија
Димитриеска-Кочоска на глобалниот форум за транспарентност и размена на информации за даночни цели при ОЕЦД
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска учествува на Пленарен состанок на Глобалниот форум за транспарентност и размена на информации за даночни цели што се одржува од денеска до 29 ноември во Парагвај, а кој е посветен на глобалната имплементација на меѓународните стандарди за даночна транспарентност и напредок на земјите, како и на предизвиците со кои се соочуваат земјите при имплементација на стандардите. Министерката учествува на Форумот во придружба на државниот секретар во МФ Андриана Матлиоска.
Министерката Димитриеска-Кочоска на панел-дискусија ќе се осврне на приоритетите, искуството и предизвиците во имплементација на Стандардот за автоматска размена на информации (AEOI) којшто е клучна алатка за јурисдикциите, односно државите, во борбата против даночното затајување и заштита на интегритетот на нивните даночни системи.
На состанокот, Секретаријатот на Глобалниот форум ќе ја претстави поддршката што е дадена на членовите во процесот на имплементација на стандардите. Глобалниот форум го сочинуват над 170 јурисдикции, кои ги вклучуваат земјите од групата Г-20, финансиските центри, а повеќето од членките се земји во развој. Сите членки работат заедно, на исто рамниште, во борбата против офшор даночна евазија.
Најважна задача на Глобалниот форум е развој на капацитетите со цел поддршка и овозможување брза и ефективна имплементација на стандардите за транспарентност и размена на информации од страна на сите членки, особено земјите во развој.
Имено, РС Македонија е во процес на имплементација на стандардите за автоматска размена на информации. Стандардот AEOI се однесува на годишна размена на информации за финансиските сметки на нерезиденти во однапред дефиниран формат, а тие разменети информациивклучуваат детали за финансиската сметка (на пример, финансиската институција што ја одржува, бројот на сметката и состојбата на сметката) и детали за сопственикот на сметката (на пр., неговото име, адресата, датумот на раѓање и идентификацискиот број на даночниот обврзник).
Спроведувањето на Стандардот AEOI бара јурисдикциите да ги прибираат информациите од нивните финансиски институции секоја година и автоматски да ги разменуваат со јурисдикциите каде што имателот на сметката е даночен резидент. За успешна размена на информациите потребна е и законодавно-правна и административна инфраструктура.
Во фаза на подготовка е Предлог-закон за административна соработка, со кој, меѓу другото, ќе се пропишат одредби за автоматска размена на информации за финансиски сметки и за автоматска размена на информации за извештаи по земја. Со Законот ќе се утврди конкретна правна рамка којашто ќе придонесе кон зајакнување на соработката меѓу даночните администрации, a оттаму и борба против прекуграничната даночна евазија и даночното затајување, зголемување на наплатата на даноците, како и зајакната борба против корупцијата и перењето пари.
РС Македонија е членка на Глобалниот форум за транспареност и размена на информации за даночни цели при ОЕЦД од јануари 2011 година.