Економија
Тренчевска: Со оперативниот план за 2022 година вреден 30 милиони евра опфативме речиси 15.000 граѓани
Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за оваа година изнесува 1,8 милијарда денари или речиси 30 милиони евра. Пет милиони евра повеќе од минатата година за вработување ранливи категории наши граѓани, рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, на промоцијата на оперативниот план за 2022 година.
Со новиот оперативен план, со кој ќе бидат опфатени 14.685, посебен акцент се става на младите невработени лица до 29 години, долгорочно невработени, како и на корисниците на гарантираната минимална помош. Зголемен е опфатот за најбараната мерка за самовработување, со што обезбедена е финансиска поддршка за отворање сопствен бизнис за 2000 лица. Преку програмата за самовработување се доделуваат грантови од 5.000 евра за еден самовработен, односно 10.000 евра за двајца содружници за почнување сопствен бизнис.
Министерката Тренчевска информира дека првпат во соработка со канцеларијата на УНДП се имплементира мерката за поддршка за креирање нови работни места преку зелени инвестиции.
Појасни дека во фокусот на оперативниот план е еднаквата застапеност на мажите и жените во согласност со Законот за еднаквите можности на жените и мажите, учество на младите лица до 29 години од најмалку 30 %, како и лицата со попреченост, кои се застапени речиси во сите мерки за вработување.
„Со мерката практикантство го прошируваме опфатот на 1.620 невработени лица до 34-годишна возраст кај работодавци од приватен сектор, но и граѓанските организации. Продолжуваме и со мерката младинскиот додаток, со кој 3.000 денари месечно ќе бидат исплаќани за 3.500 млади до 23 години, вработени во директно производство или 1.000 повеќе од лани. А не застанавме и со проектот ‘Гаранција за млади’ како земја лидер во регионот што прва го имплементира, а не е членка на ЕУ“, рече Тренчевска.
Според директорот на Агенцијата за вработување, Беким Мурати, со мерките и програмите се унапредува состојбата на пазарот на трудот.
„Првите јавни огласи за програмите ‘Самовработување’, ‘Вработување и раст на правни субјекти’ и ‘Практикантство’ ќе бидат објавени на 5 април, а другите ќе се објавуваат етапно по однапред дефиниран распоред и план. Ги повикуваме сите невработени лица и работодавци преку нашите триесет центри за вработување да аплицираат за програмите и мерките од нивен интерес“, рече Мурати.
„УНДП останува долгорочен и лојален партнер на владините институции, приватниот сектор и другите вклучени страни за обезбедување економски раст и инклузивни можности за сите. Со иницирање на мерките од економија за грижа и со новите зелени мерки од годинешниот оперативен план продолжуваме да воведуваме нови и иновативни модели за отворање квалитетни нови работни места и зголемување на вработливоста кај невработените лица и нивно поефикасно и побрзо активирање на пазарот на трудот“, рече постојаниот претставика на УНДПМК, Армен Григоријан.
При имплементацијата на програмите и мерките за вработување ќе се почитуваат принципите за справување со негативните ефекти и последици врз пазарот на труд и вработеноста предизвикани од пандемијата на Ковид-19, принципот на рамномерен и регионален развој, како и принципот на инклузивност и диверзитет отсликан во оперативниот план за вработување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Мицкоски: 17 нови проекти вредни 650 милиони евра ќе донесат до 5.000 работни места
Премиерот Мицкоски денеска изјави дека во моментов се во почетна фаза на реализација или во фаза на потпишување договори за државна помош се околу 17 проекти, со вкупна вредност од над 650 милиони евра. Очекува дека овие проекти ќе обезбедат помеѓу 4.500 и 5.000 нови директни работни места, а најголемиот дел од нив годинава ќе започнат со производство, што ќе ја зголеми и вредноста на бруто-домашниот производ.
„Во овој момент работиме на овие 17 проекти само преку ТИРЗ, а има и проекти кои што ги работиме а кои што се надвор од ТИРЗ, како што е инвестицијата на Алказар во Источна Македонија, која што е во фаза на одобрение за градба. Очекувам некаде на пролет и на терен да започне реализирањето на оваа инвестиција, која што е во вредност од половина милијарда долари“, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека земјоделството доживува позитивен пресврт и станува сериозен економски столб. Во четвртиот квартал од минатата година извозот на земјоделски производи бил повеќе од двојно поголем од увозот, со износ од околу 12,5 милијарди денари, додека за целата година извозот достигнал над 450 милиони евра, во споредба со околу 200 милиони увоз.
Премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува вистинските земјоделци и дека новата програма ќе ја насочи поддршката кон оние кои реално произведуваат и придонесуваат, додека ќе се спречи злоупотреба на субвенциите.
Економија
(Фото+видео) Николоски: Со одлична динамика се гради автопатот Гостивар – Букојчани
Задоволство е да се гледа прогрес и да се гледааат добри резултати во изградбата на автопатот Гостивар – Букојчани. Имаме силна динамика, државата овозможува навремена логистика и со средства и во делот на експропријацијата и силната динамика ќе продолжи во следниот период за до крајот на 2029 година да возиме по овој автопат, изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој денеска заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, времениот вршител на работите во Амбасадата на САД, Никол Варнс, заменици министри, пратеници, градоначалници и директорот на ЈПДП Коце Трајановски извршија увид во изградбата на автопатот Гостивар-Букојчани.

„Работиме доста интензивно на оваа секција 2, односно на автопатот кој што оди од Гостивар до Букојчани, кој што од другата страна треба да се поврзе на автопатот Гостивар до Тетово, а во долната страна треба да се поврзе со автопатот кој ќе се гради од Букојчани до Кичево. Оттаму се поврзуваме на автопатот до Охрид и Струга кој веќе е во прогрес, така што ова е целиот автопат кој што оди на западното крило на Коридор 8, автопат кој што треба да го поврзе целиот овој регион, да донесе голем економски бенефит, повеќе бизнис и многу повеќе туристи” изјави вицепремиерот Николоски.



Тој истакна дека експропријацијата е завршена речиси 90 % што е за успех, а финансирањето е навремено што директно значи и навремена реализација на овој проект. Дополнително како што потенцира, градежништвото има историски раст од 21 %.
„Она што ми е драго е тоа што градежништвото расте, во третиот квартал минатата година растот беше од 21 %, што не е запаметено во независна Македонија и така ќе продолжиме во периодот што е пред нас. Обврските што ги имаше државата се веќе завршени, околу 90 % од експропријацијата е завршена, до сега исплатени се околу 470 милиони евра што за буџет како Македонија е огромна сума. Исто така целата логистика државата ја дава и останува компаниите да си ја завршат работата. Драго ми е што стоиме на мост што е 40 метри висок, ова е добро за македонските градежни компании и оние што ќе се занимаваат со градежништво во иднина, тука се вклучени Градежниот факултет, Архитектонскиот факултет и следните генерации да можат на конкретни и живи проекти да учат” истакна Николоски.


Упати благодарност до премиерот Мицкоски за подршката што ја дава за овој проект и најави силна динамика и крајот на 2029 година да биде завршен овој автопат без отстапки од рокот. Додаде дека интензивно се работи и на автопатите од Тетово до Гостивар како и автопатот од Прилеп до Битола.
Економија
Божиновска во теренска посета на „Мермерен Комбинат Прилеп“: Македонските ресурси мора да создаваат поголема додадена вредност дома
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека министерката Сања Божиновска реализирала теренска посета на рудниците и производствените капацитети на „Мермерен Комбинат АД Прилеп“.
Според соопштението на Министерството, Божиновска извршила непосреден увид во процесот на експлоатација на мермерот, условите за работа, механизацијата и технолошките процеси на комбинатот.
Раководството на компанијата ја информирало министерката за тековните инвестиции во модернизација на механизацијата, безбедноста при работа и мерките за рационално искористување на природните ресурси, со посебен акцент на одржливото користење на наоѓалиштето и заштита на животната средина.

Во соопштението се наведува дека на средбата се разговарало и за почитувањето на еколошките стандарди и обврските од концесиските договори, безбедносните услови за вработените, придонесот на компанијата кон локалната економија и можностите за зголемување на додадената вредност преку финална обработка на производите.

Божиновска истакнала дека теренските посети се клучни за реален увид во функционирањето на секторот и за креирање политики базирани на фактичка состојба.
„Природните ресурси се национален капитал и нивната експлоатација мора да значи поголема економска корист за државата и граѓаните. Наш приоритет е природните ресурси да носат долгорочна корист — преку инвестиции, нови технологии, безбедни работни услови и поголем степен на финална обработка. Рударството има силна економска улога, но неговиот развој мора да биде одговорен, транспарентен и во согласност со највисоките стандарди Нашата цел е јасна — модерно, одговорно и конкурентно рударство кое создава вредност дома, отвора работни места и обезбедува одржлив развој. Компаниите кои инвестираат во технологија, безбедност и заштита на животната средина се важен партнер во економскиот развој“, се наведува во соопштението.
Министерството додава дека посетата е дел од пошироките активности насочени кон засилено присуство на терен, подобра комуникација со индустријата и унапредување на надзорот и одржливото управување со минералните ресурси.

