Економија
Трипуновски: Министерството им излезе во пресрет на оризопроизводителите со дополнителна мерка

„Денеска одржав состанок со оризопроизводителите од кочанскиот регион на кој што присуствуваа и дел од откупувачите на ориз кои што се во Регистарот на Министерството. Разговаравме за актуелната состојба односно решавање на овој проблем кој што го наследивме од претходните години, кој што бил наталожен“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Тука сме да ја информираме јавноста и сите оризопроизводители дека по неколкучасовен состанок заклучокот е дека Министерството ќе оддели дополнителни 6 денари за откупена килограм оризова арпа од реколта 2024 година. Мерката треба да биде со важност од 1-ви ноември до 31 март 2025 година“, појасни министерот.
Министерот додаде дека сите оние кои што имаат предадено овој период ќе добијат дополнителна субвенција од 6 денари за килограм арпа.
„Дополнително обврската на Министерството е да преку Агенцијата за стокови резерви се изврши набавка на оризова арпа односно ориз за потребите на стоковите резерви. Знаете дека се изменети законските процедури, сите Правилници, во тек се подготовките за ваквата објава. Што значи дека на некој начин ќе се надмине проблемот со откупот од реколтата 2024 година“, нагласи министерот.
Тој посочи се решаваат наследени проблеми од претходната власт.
„Овој пласман на овој производ и сеидбата на оваа култура ја организираше некој друг министер од минатата Влада. И заради такви сериозни пропусти во организирање на овој важен стратешки сега земјоделски производ ние денеска како нова Влада мораме да се соочиме со решавање на проблемите“, истакна министерот.
„Со денешната мерка ќе се надмине оваа ситуација. Она што исто така е важно за мене како министер е дека покрај тоа што го решаваме проблемот од минатите години со пласманот, веќе работиме визионерски, домаќински како да се организира сеидбата која што ни е за неколку месеци од сега“, заклучи министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Министерството за финансии: Формиран Комитет за јавни инвестиции за поефикасно и транспарентно управување со капиталните проекти

На вчерашната седница Владата донесе Одлуката за формирање на Комитет за јавни инвестиции, со што се поставуваат основите за поефикасно, транспарентно и стратешко управување со јавните инвестиции, извести Министерството за финансии.
Комитетот се формира врз основа на Законот за буџети и ќе работи согласно Уредбата за управување со јавни инвестиции.
Формирањето на овој комитет претставува значаен чекор за обезбедување поголема ефикасност, транспарентност и усогласеност на јавните инвестиции со националните приоритети и стратешки цели.
Станува збор за постојано меѓуресорско тело на Владата кое ќе обезбеди координација меѓу институциите и интегриран пристап во донесувањето одлуки.
Со Комитетот ќе претседава министерот за финансии, а во неговиот состав ќе бидат вклучени сите ресорни министри, што овозможува одлуките да се носат врз основа на консензус и темелна анализа на предлогите.
Неговата улога ќе биде клучна во разгледувањето и оценувањето на проектните идеи, во нивното приоретизирање и во носењето одлуки кои ќе го насочат државниот инвестициски циклус кон проекти што носат најголема вредност за граѓаните и економијата.
Комитетот ќе го следи напредокот на инвестициите, ќе ја проценува нивната изводливост и ќе обезбедува препораки за најдобро користење на јавните средства.
На тој начин ќе се гарантира дека јавните инвестиции се во целосна согласност со целите и приоритетите на Владата и дека нивната реализација е усогласена со националните стратегии за развој.
Со воспоставувањето на Комитетот се создаваат услови за подобро планирање и управување со јавните ресурси, а процесот на селекција на проектите станува појасен и пообјективен.
На долг рок, оваа реформа ќе обезбеди повисоки економски приноси, поефикасно обезбедување на јавните услуги и ќе придонесе за остварување на стратешките цели на земјата, вклучително и оние што се поврзани со европската интеграција.
Формирањето на Комитетот за јавни инвестиции директно произлегува од новата Уредба за управување со јавни инвестиции, со која се воспоставува систем за систем за подобра реализација на капиталните проекти.
Со Уредбата сe воведува обврска сите буџетски корисници, јавни претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост, како и општините, да ги доставуваат своите иницијативи за јавни инфраструктурни проекти со проценета вредност над 5 милиони евра до Министерството за финансии.
Во рамките на Министерството е формиран посебен Сектор за управување со јавни инвестиции кој ќе врши независен преглед на прединвестициските студии, процена на зрелоста на проектите и следење на нивната реализација, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Уште два работни дена да поднесете и да платите ДДВ за овој даночен период

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници да ги достават потребните документи до своите сметководители заради навремено поднесување и плаќање на обврските по основ на данокот на додадена вредност (ДДВ) за даночниот период 1 до 31 август.
Крајниот рок за поднесување и плаќање на ДДВ-04 пријавите е 25 септември 2025 година (четврток).
„Бидете одговорни даночни обврзници. Исполнете ги обврските навреме и одржувајте солидна даночна историја, на тој начин избегнувате дополнителни трошоци, камати и санкции“, велат од УЈП.
Досега, од очекуваните 7.748 ДДВ-04 пријави, поднесени се вкупно 2.057, што е близу 27% од вкупниот број на даночни обврзници кои треба да поднесат ДДВ – 04 пријава. Управата за јавни приходи апелира до сите даночни обврзници да ги исполнат своите законски обврски навремено, за да избегнат стрес и дополнителни финансиски трошоци.
Навременото поднесување и плаќање на ДДВ-04 пријавата е од исклучителна важност за правилното усогласување со даночните прописи, одржување на финансиската стабилност на бизнисите и за развојот на економијата.
Даночните обврзници кои имаат потреба од дополнителни информации или поддршка можат да се обратат на: е-Пошта: [email protected] Телефонски броеви: Од фиксна линија: 0800 33 000 Од мобилен телефон: 02 3253 200
Економија
Во Кавадарци за мерката за самовработување пристигнати 132 апликации

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески оствари работна средба со градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев и претставници на бизнис-секторот во Кавадарци.
Ристески пред присутните ги презентираше главните мерки на министерството за економија и труд за поддршка на стопанството и претпријатијата, како и мерките од Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година.
„Навистина сум задоволен од големиот интерес кои граѓаните и компаниите од Кавадарци го покажаа за мерките од Оперативниот план, каде само за мерката за Поддршка за самовработување (претприемништво) се пристигнати 132 апликации. Голем интерес покажаа и компаниите за поволностите кои се нудат во мерките од оперативниот план, каде за мерката „Вработување и раст на правни субјекти“ аплицирале 67 компании за поддршка за отворање на 72 нови работни места, додека за мерката „Поддршка за креирање на нови работни места преку зелени инвестиции“ аплицирале 10 компании за 15 нови работни места. Големиот интерес е доказ дека во Кавадарци и Тиквешкиот регион има голем потенцијал за економски раст и развој и ние и понатаму ќе ги поддржуваме компаниите во овој процес“, кажа заменик-министерот Ристески.
На средбата присуствуваа и Даниела Димовска, в.д. директор на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво (ИНОВА) и Весна Пешова, заменик-директор на Агенцијата за вработување, кои на присутните им ги презентираа програмите за работа на нивните институции и мерките кои им стојат на располагање на граѓаните, занаетчиите и компаниите.
Градоначалникот Јанчев на средбата потенцираше дека како општина секогаш даваат поддршка на сите позитивни мерки кои придонесуваат за развој на домашната економија и го развиваат претприемачкиот дух кај младите лица.