Економија
Трипуновски: Над 130 милиони евра легнаа на сметките на земјоделците

Со самото влегување во Владата, во Министерството, наследивме една хаотична состојба, значи празна каса, неисплатени субвенции, недонесени законски и подзаконски акти, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски одговарајќи на новинарско прашање.
„Со сите заостанати обврски кои што ги наследивме, можам слободно да кажам дека се исплатени околу 8 милијарди денари по основ на заостанати и тековни исплати на субвенции. Тоа се речиси 130 милиони евра кои што легнале на сметка на земјоделците од сите групи на производители“, нагласи министерот.
Тој додаде дека ова е уште еден показател дека кога се работи домаќински, посветено, одговорно, се вреднува трудот на македонскиот земјоделец.
„На вистинската патека сме за да ја вратиме довербата на земјоделците спрема Владата и институциите. Тоа ние заедно со премиерот Мицкоски го докажавме изминативе 10 месеци и така ќе продолжиме во следниот период“, посочи министерот Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Трговијата во индустријата е зголемена за 13-14 отсто во јули, споредено со истиот месец лани

Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека економијата се опоравува и какви се макроекономските показатели во индустријата, изјави:
„Државниот завод за статистика објави параметар вчера, во којшто вели дека трговијата во индустријата е зголемена за 13-14% во јули, споредено со истиот месец претходната година. И тоа е тренд кој што нѐ следи цела година, но она кое што за мене е забележливо, е фактот што таа трговија во индустријата, во делот на размена со странство е дури и повеќе зголемена, отколку трговијата во индустријата дома.
Кога зборувам повеќе надвор, зборувам за повеќе од 15% и тоа е единствен резултат во Европа каде што имаме толку силна, зголемена трговија во индустријата. И тоа е добар показател, бидејќи јули е првиот месец од третиот квартал. Во првиот квартал имавме 3,2% раст на БДП, во вториот квартал 3,4 иако номиналниот е 7,8. Очекувам во третиот и четвртиот квартал тој раст да продолжи до крајот на годината. Така што ова се сѐ индикатори коишто ние со години наназад, не сме биле ни блиску да ги постигнеме, а камо ли пак да ги коментираме.“
Економија
Дурмиши на „Бизнис Лидер“: Владата и стопанството се партнери во градење на модерна и одржлива економија

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати како почесен гостин на најголемата бизнис конференција во земјава – „Бизнис Лидер“, која ги обединува најуспешните претприемачи, визионери и компании што ја движат македонската економија напред.
Во своето обраќање, министерот истакна дека оваа конференција претставува симбол на волјата, капацитетот и одговорноста за зајакнување на темелите на економијата и за создавање подобра иднина за граѓаните.
„Нашата визија е јасна – Македонија да стане зелена, дигитална и иновативна економија, со силно претприемништво и со култура на иновации во секоја компанија. Само преку партнерство помеѓу јавниот и приватниот сектор можеме да обезбедиме стабилен раст, нови работни места и подобар животен стандард за сите граѓани“, рече Дурмиши.
Економија
„Усвоен Законот за енергетската ефикасност: пониски сметки, почист воздух и европски стандарди“, известува Министерството за енергетика

Собранието на Република Северна Македонија на последната седница го усвои Законот за енергетската ефикасност, подготвен од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Со оваа одлука земјата добива уште една силна законска рамка, усогласена со европските стандарди, која директно ќе придонесе за пониски сметки за граѓаните, почиста животна средина и отворање нови зелени работни места, велат од Министерството за енергетика.
„Законот обезбедува суштински исчекор во намалување на потрошувачката на енергија, интеграција на обновливи извори и намалување на емисиите на стакленички гасови. Со неговото спроведување ќе се создаде стабилен систем, кој ќе ја приближи земјата до европските климатски цели и до концептот на зелена транзиција.
Клучни новини од Законот:
• Воведување на европскиот принцип ‘енергетската ефикасност на прво место’;
• Долгорочна стратегија за реконструкција на станбени, јавни и комерцијални згради во енергетски ефикасни објекти;
• Тројно зголемена заштеда во јавниот сектор – задолжителна реконструкција на најмалку 3 % од јавните згради годишно;
• Задолжителни соларни колектори при изградба или реконструкција на училишта, градинки и јавни институции;
• Финансиска поддршка за инвестиции во соларни панели, геотермални системи и паметни технологии;
• Високи стандарди во јавните набавки, дигитална транспарентност и професионализација на енергетските контроли;
• Вклучување на сертификатите за енергетски карактеристики во Катастарот на недвижностите и поттик за меѓуопштинска соработка.
Со усвојувањето на овој закон се воспоставува правна, економска и социјална рамка, што ги намалува трошоците за граѓаните и бизнисите, ја забрзува интеграцијата на обновливите извори и овозможува креирање одржлив енергетски систем.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на целосната реализација на реформите во енергетскиот сектор и на усогласување со европското законодавство. Законот за енергетска ефикасност е дел од пакетот реформски закони, кои го поставуваат темелот за стабилен, одржлив и конкурентен енергетски сектор – со енергетска сигурност, подобар квалитет на живот за граѓаните и забрзано приближување кон Европската Унија“, се додава во соопштението на Министерството за енергетика.