Економија
Туристичките агенции бараат континуирана финансиска поддршка
Лиценцираните туристички агенции и водичи се со крајно лимитирана деловна активност и се соочуваат со многубројни предизвици и голема неизвесност. Туристичко-угостителската комора на Македонија апелира за континуитет на економските мерки кои дадоа резултати за да се спречи загуба на работните места и да се овозможи тие да се дел од петтиот пакет-мерки за економски спас.
Туристичките агенции апелираат да се продолжи со мерките за поддршка на секторот и да нема застој во исплата на финансиската поддршка за плати бидејќи тоа ќе има големо влијание врз задржувањето на работните места и опстанокот на оваа дејност, во која се вработени над 3.000 луѓе во речиси 500 регистрирани правни субјекти.
„Туристичкиот сектор во услови на многубројни бариери за транзит на границите предизвикано од кризата сè уште се наоѓа во исклучително тешка состојба поради што апелираме да се продолжат мерките за поддршка. За опстанок на секторот, неопходен е континуитет, односно да нема застој во обезбедување финансиска поддршка за исплата на плати. Овој сектор се соочува со ограничувања, но веруваме дека со соодветна и навремена финансиска помош од државата, поактивен однос на туристичките оператори и строго почитување на протоколите може да се надминат состојбите и да се зачуваат деловната активност и вработувањата додека да се подобрат состојбите“, изјави Ана Марија Алексова.
Таа посочи дека и за превозниците е од исклучителна важност да има промена на протоколите, односно да се дозволи зголемување на процентот на дозволена исполнетост на капацитет на автобусите.
„Бараме ограничувањето од 50 отсто на дозволената пополнетост на капацитетот на автобусите во меѓународниот и регионалниот превоз да биде зголемено на 75 отсто, со почитување на дополнителните протоколи за заштита, првенствено носење маски. Организирањето на превозот во вакви услови е на работ на рентабилноста, а за споредба, во воздушниот превоз е дозволено капацитетот да биде целосно исполнет“, истакнува Алексова.
Поради намалениот број на туристи и немањето туристички аранжмани, во исклучително неповолна состoјба се наoѓаат и туристичките водичи и придружници.
„На работ на егзистенција сме бидејќи немаме никаква работа, ниту приходи речиси цела година поради што бараме и со петтиот пакет-мерки да продолжи континуитетот на поддршката што ја добивме во форма на неповратна финансиска помош“, изјави Елвир Садиковиќ.
Според последните податоци на Заводот за статистика, бројот на туристите во ноември 2020 година во однос на ноември 2019 година е намален 66,6 %, а бројот на ноќевањата е намален 64,5 %. Во периодот јануари – ноември 2020 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е намален 61,2 %, и тоа кај домашните туристи има намалување од 20,3 %, а кај странските има намалување од 84,4 %. Туризмот е значајна гранка во националната економија и претставува голем потенцијал за поттикнување на нејзиниот раст, но се покажа за исклучително чувствителен на надворешни влијанија, како што е актуелниот случај на кризата предизвикана од глобалната пандемија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Георгиева: Буџетот за 2026 покажува дека Владата води одговорна и умерена економска политика
Буџетот е слика за тоа како се гледа иднината на Македонија и нејзините граѓани. Овој буџет, буџетот за 2026 е креиран во услови на глобална непредвидливост, но сепак се осврнува на потребите на граѓаните и институциите, рече пратеничката Весна Георгиева од ВМРО-ДПМНЕ на денешната расправа во надлежната Комисија за финансирање и буџет во Собранието.
Според неа овој Предлог буџет за 2026 година нуди јасна визија, стабилна основа.
„Пораката од буџетот за следната година е силна порака економски раст и фискална дисциплина во државата“, вели Георгиева.
Проектираниот раст на економијата за 3,8 раст е многу важен и покажува дека се нуди континуиран раст.
„Ова е сигнал дека економијата продолжува да се развива со забрзано темпо. Ова покажува дека Владата води внимателна, одговорна и умерена економска политика. Ова е внимателно испланиран буџет без авантури и со одговорност кон идните генерации“, заклучи Георгиева.
Економија
Костадиновска Стојчевска: За 91% е намален буџетот за инспекторатот за македонски јазик
Со предлог буџетот за 2026 година има намалување на буџетот на инспекторатот за македонски јазик за 91 %, кој е заснован врз основа на законот за македонски јазик, која сите заедно го донесовме во 2024 година, истакна пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска во своето обраќање пред собраниската комисија за финансирање.
Таа додаде дека и покрај тоа што владеачкото мнозинство при ребалност вети дека ова нема да случи.
Кога со ребаланост се намалија средствата рековме дека нема да дозволиме тој да не профункцира, за потоа да донесете измени во законот со кои инспекторатот се намали на ниво на одделение, отсек во министерството за култура, за сега да добие 91% намален буџет, нагласи Костадиновска Стојчевска, додавајќи дека и нема услови за работа на инспекторатот, а нема ниту огласи за вработување лектори.
Костадиновска Стојчевска истакна дека не се доделени никакви средства адаптација на основното училиште во Љубојно во центар за промоција на македонски јазик, каде нема никакво придлижување.
Буџетот за реконструкцијата на објектот Музеј на Македонија е намален 33%, а да ве потсетам таму се на ревитализација иконите вратени по првата реституција, и тоа 21 икона украдени во 2013 година, а откако ќе се ревитилазираат треба да бидат изложени во тој музеј, рече Костадиновска Стојчевска.
Тоа кажува за приоритетите на министерството за култура, рече пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска пред собраниската комисија за финансирање.
Економија
Попов: Инвестираме во младите, конечно ќе се финализираат зградите на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура
На денешната комисиска расправа за Предлог – буџетот за 2026 година се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов кој истакна дека буџетот е уште еден доказ за посветеноста на Владата кон младите, со реализација на клучни проекти, реконструкција на студентски домови и мерки за самовработување наменети за сите млади.
„Буџетот е уште еден доказ за посветеноста кон младите на оваа Влада. И повторно тоа не се празни зборови како што бевме навикнати во минатото, напротив резултатите се видливи и опипливи. Насекаде во државата се реализираат проекти кои се од младинско значење, после 7 години конечно се реконструираат студентски домови и за брзо од денес ќе заминат во историја оние денови кога студентите ги сместувавме во домови кои личеа на концентрациони логори, оперативните планови за вработувања и мерки за самовработувања не се само на хартија и наменети за привилегираните, туку тие се за сите. Нема општина каде не се гради нов спортски терен или комплекс, нема место каде не се гради нова градинка или училиште“, рече Попов.
Пратеникот Попов се осврна на делот од Предлог – буџетот кој е од младинско значење потенцирајќи ги зголемените средствата кои ќе значат подобра и поквалитетна настава за студентите во Македонија, можноста научно и интелектуално да се реализираат младите, како и создавањето на инклузивно средно образование.
„Имено во овој буџет имаме 32,5 милиони денари за изградба на најпопуларниот факултет во нашата држава ФИНКИ и секако Факултетот за физичка култура. Во високото образование имаме зголемување од 2,8 проценти и тоа се средства кои ќе ги добие УКИМ, универзитетот во Тетово, УКЛО, Универзитетот Гоце Делчев во Штип. Зголемување од 25% за наука, на тој начин се спречува одлевањето на младите мозоци. Не се заборавени ниту средношколците, во средното образование имаме зголемување од 5,2%, за училишни спортски сали имаме зголемување од 363,6 милиони денари, јасен сигнал дека оваа Влада работи на создавање на здрава младина“, вели Попов.

