Економија
Туристичките агенции не прифаќаат кредити, бараат финансиска поддршка за плати
Туристичките агенции лути по изјавите за содржината на петтиот пакет мерки. По изјавите на вицепремиерот Битиќи и министерот за економија Бектеши дека во петтиот пакет мерки финансиската поддршка за плата ќе биде заменета со бескаматни кредити, секторот туризам остро реагира на овие одлуки.
„Како е можно кога по една година тотален колапс на туризмот, во време кога не знаеме дали во наредните 3 месеци ќе имаме егзистенција, бидејќи нема подобрување на повидок, да добиваме кредити наместо помош“, прашува секторот.
Оттаму велат дека повеќе од половина туристички агенции се одбиени во претходните објавени мерки за аплицирање за кредит, поради, како што велат, неверојатните услови кои беа поставени за нивно добивање, а сигурно исти такви услови ќе се воведат сега, додаваат тие.
„Кога треба кредитот да го добијат сите и тоа се гледа како мерка за помош, треба да се скратат условите или воопшто да ги нема освен нормално падот на прометот, кој во овој сектор е над 90%. Помош со бескаматни кредити не е помош кога има услови, и треба сите да имаат можност да го користат. Исто така, правното лице без разлика дали имало негативен исход на крајот на годината, треба да може да ја добие помошта.
Финансиската поддршка за плата се покажа како една од најдобрите мерки на државата за спас на работните места кои дадоа надеж дека ќе се преживее и со тие минимални примања, кои не се доволни за да се опстои, но сепак значеа сигурност и спокој за вработените додека да дојде момент повторно да се функционира.
„Сега туризмот е оставен на милост и немилост. Нема можност за работа, границите ни се затворени, никој воопшто не го покренува прашањето за преговори за отворање на границите до летниот период за да може секторот сам да закрепне за да не му е потребна помошта од државата.
Туристичките агенции апелираат веднаш да се врати финансиската исплата на плати во новиот пакет. Тие се задоволни од грантовите и финансиската помош во 2020 година, но тоа мора да има континуитет. Грантовите беа во вредност од 1.500 до 7.000 евра, а во просек најнискиот трошок на една туристичка агенција за режиски трошоци без покритие на плати е 18.000 евра. И доколку се навратиме на тоа дека падот на прометот е над 90%, како да се покријат овие трошоци? Грантовите помогнаа, но не можеме да кажеме дека беа доволни за овие компании сега сами да ги покриваат трошоците за плати. Наместо да се разгледува проблемот зошто одредени компании што имаа вработени на определено пример месец два и три, а истите не ги отпуштија, туку договорот им завршил и од таа причина беа изземени од помошта за плати, овој пат да бидат земени предвид за финансиска помош за плати, истата се прекинува. Доколку нема континуитет во помошта додека трае оваа ситуација, залудна е и изминатата помош, а туристичкиот сектор смета дека државата не сака да дозволи овој сектор да згасне. Кога ќе се врати ситуацијата во нормала со работа и плаќање даноци овој сектор ќе помага во полнење на буџетот, а што доколку се остави да згасне?!“ додаваат од туристичкиот сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

