Економија
Усвоен Извештајот за финансиската стабилност – банкарскиот сектор е здрав и стабилен
Советот на Народната банка одржа редовна седница на која го разгледа и го усвои Извештајот за финансиската стабилност во 2019 година. На седницата се заклучи дека во текот на минатата година, во услови на стабилен амбиент, домашниот финансиски сектор остана здрав и стабилен, а ризиците за финансиската стабилност се задржаа во умерени рамки. Анализите презентирани во Извештајот покажуваат добра подготвеност на домашниот финансиски сектор за справување со предизвиците од ковид-кризата. Едноставната структура на системот, ниската меѓусекторска поврзаност, отсуството на посложени финансиски инструменти и услуги, малата изложеност на прекугранични текови ја намалуваат веројатноста од прелевање на потенцијалните ризици помеѓу одделните сегменти од финансискиот систем.
Во извештајот се наведува дека банкарскиот сектор, кој претставува доминантен сегмент на финансискиот сектор, е здрав, стабилен и отпорен на шокови. Зајакнатите регулаторни и супервизорски барања во периодот по глобалната економска криза, во согласност со зајакнатите меѓународни и европски стандарди, придонесоа за натамошно јакнење на заштитните слоеви на капиталот и на ликвидноста на домашните банки, како основни столбови на стабилноста на секторот. Отпорноста на банкарскиот сектор на шокови се потврдува и преку спроведените стрес-тестирања, кои покажуваат добар капацитет на банките за апсорбирање шокови. Пред појавата на пандемијата домашниот банкарски сектор остваруваше стабилен и одржлив кредитен раст што се согледува и преку падот на стапката на нефункционални кредити, која се сведе на историски најниско ниво во 2019 година, и која продолжи да се намалува и во 2020 година. Внимателниот пристап на банките при управувањето со кредитниот ризик во согласност со прудентната регулатива, овозможуваат висока покриеност на нефункционалните кредити со исправка на вредноста и ограничување на потенцијалните негативни ефекти врз солвентноста на банките од нивна евентуална целосна ненаплатливост.
Капитално финансираното приватно пензиско осигурување е вториот сегмент според големината на активата во рамки на финанскиот систем, но значително помал во споредба со банкарскиот сектор. Приватните пензиски фондови сѐ уште се во фаза на акумулирање средства, имаат релативно младо членство, мали одливи на парични средства за исплата на пензии и долг инвестициски хоризонт, што засега ја намалува изложеноста на пензиските фондови на ликвидносниот ризик, но и на клучните ризици за остварувањата на пензиските фондови – кредитниот ризик и ризикот од промената на цените на странските сопственички инструменти.
Осигурителниот сектор, како трет сегмент според големината во домашниот финансиски сектор ја задржа стабилноста и сигурноста во работењето, со што придонесe кон одржувањето на финансиската стабилност. Во основата на неговата стабилност се наоѓа соодветната солвентна позиција, којашто неколкукратно го надминува пропишаниот регулаторен минимум. Исто така, за стабилноста на овој сегмент придонесува и соодветното управување со средствата кои главно се вложуваат во ликвидни и помалку ризични инструменти, што ја ограничува изложеноста на ризици од променливоста на финансиските пазари, што е особено значајно во тековните услови на пандемијата. Домашниот осигурителен сектор сѐ уште е мал и има значителен простор за негов натамошен раст и развој, особено во поглед на поголема застапеност на осигурувањето на живот и на незадолжителните сегменти од неживотното осигурување.
Останатите финансиски институции (штедилниците, друштвата за лизинг, инвестициските фондови и финансиските друштва), со својот ограничен обем на активности, засега не претставуваат ризик за финансиската стабилност. Домаќинствата и корпоративниот сектор имаат пласирано средства кај дел од овие институции (штедилниците и инвестициските фондови), но нивната застапеност во вкупната финансиска актива на овие сектори е сосема мала, што засега го ограничува нивното значење како можен извор на ризици за финансиската стабилност на нефинансискиот сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.