Економија
Условите за инвестирање презентирани пред чешките компании
Вицепремирот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерката за странски инвестиции, Зорица Апостолска, министерот задолжен за унапредување на правната регулатива за домашни компании, Хисен Џемаили, и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Александар Младеновски, на вториот ден од посетата на Чешка, во рамките на инжинерскиот саем во Брно, учествуваа на бизнис-форум на кој пред заинтересираните чешки компании ги презентираа условите за инвестирање во Република Северна Македонија.
Анѓушев посочи дека Владата во изминатите две и пол години посветено и напорно работеше на имплементација на економските политики, програми и мерки, а резултатот од оваа работа се рефлектира преку позитивните стапки на раст на бруто-домашниот производ, индустриското производство, странските инвестиции, бројот на вработени, растот на платите и др.
„Започнавме со негативна стапка на раст на БДП од -1.8%, односно со рецесија во 2017 година, а со имплементација на Планот за економски раст и други комплементарни програми дојдовме до раст на БДП до 4,1% во првиот квартал и 3,1% за вториот квартал од 2019 година. Очекуваме годинава да ја завршиме меѓу 3,5 и 4% раст на БДП. Минатата година имавме рекорд на СДИ во државата, приближно 6,5% од нашиот БДП, односно во бројки, повеќе од 700 милиони долари СДИ во земјата. Во изминатите две години отворени се нови 54.000 работни места, а невработеноста е намалена за над 5%. Нето-платите се зголемија во просек за околу 10%. Во нашата држава може да најдете сигурна работна сила за работа, на инженерско ниво, но и на ниво на техничари и работници. Во моментов не бараме компании кои ќе вработуваат многу луѓе, туку бараме компании кои бараат повисоко ниво на технолошки вештини и би вработиле од 300 до 500 лица, но со највисоко ниво на технолошка подготвеност“, нагласи Анѓушев.
Вицепремиерот Анѓушев ги покани чешките компании да се уверат во одличните услови за инвестирање во земјата и да го искористат позитивниот моментум во кој се наоѓа Северна Македонија.
Претставувјќи ги владините економски политики за поддршка на нови инвестиции, министерката Апостолска истакна дека Владата обезбедува значителна финансиска поддршка за реализација на инвестициски проекти преку законски, транспарентни и предвидливи процедури, без простор за каков било тип на политички волунтаризам.
„Ние развивме и имплементиравме низа комплементарни економски програми насочени кон подобрување на деловната клима во земјата и поттикнување нови инвестиции, стимулирање на претприемништво, подобрување на технолошките процеси и воведување иновации во производните процеси на компаниите“, рече министерката Апостолска.
Директорот на дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Александар Младеновски, се задржа на условите кои им се овозможуваат на компаниите кои се одлучуваат да инвестираат во некоја од зоните во земјата. Тој потенцираше дека компаниите имаат можност да добијат долготраен закуп на земјиште во зоните, за многу поволни цени, при целосно изградена инфраструктура од страна на државата, како и други видови даночни и царински олеснувања. Во изминатите две и пол години дваесетина нови проекти на странски компании од развиените земји, започнаа со реализација во зоните, а ефектите од нивната работа се очекуваат во периодот кој следи.
Државниот секретар во министерството за надворешни работи на Република Чешка, Милослав Сташек, зборувајќи на бизнис-форумот, ги потенцираше пријателските односи помеѓу двете земји. Тој нагласи дека Чешка ги поддржува евро-атлантските интеграции на нашата земја и дека Владата е подготвена да помогне во модернизација и побрз економски развој на нашата земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Зголемување од 15 проценти на откупот и продажбата на земјоделски производи во последното тримесечје, споредбено со лани
„Минатата година, следејќи ги сите тримесечја во споредба со 2024 година, и последниот извештај потврди позитивни трендови во земјоделството. Според официјалните податоци, откупот и продажбата на земјоделските производи во последното тримесечје изнесуваат 12,5 милијарди денари, што претставува раст од 15% во однос на истиот период од 2024 година“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Струмица.
Тој додаде дека растот не се однесува само на откупните и продажните цени, туку и на зголемениот квантитет на земјоделски производи.
„Според табелите објавени од Државниот завод за статистика, речиси кај сите земјоделски производи се бележи зголемување на количините. Особено се издвојуваат грозјето, пченицата и јаболката, како и производството во сточарството, особено во свињарството, овчарството и производството на говедско месо“, појасни Трипуновски.
Тој додаде дека зголемувањето на количините е забележано и кај останатите земјоделски култури, што претставува значаен показател дека 2025 година може да се оцени како успешна, со зголемен интензитет и на откупот и на извозот на земјоделски производи.
Економија
Мицкоски: Очекувам инфлацијата да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека Државниот завод за статистика излезе со извештај за инфлацијата и какви се очекувањата за оваа година, изјави:
„Во делот на храната, минатата година имаше „божиќна кошничка“, „јануарска кошничка“ и така ќе биде и во април. Инаку ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3% на ниво на годишна инфлација оваа година. Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионов. Освен во соседна Србија каде што е 2,2 – 2,3 поради тоа што они имаат мерка, онаа мерка со ограничување на цените на производите. Првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира и наеднаш ќе имаат пик, бидејќи ние тоа го видовме една година пред они тоа да го имплементираат и затоа одлучивме преку други механизми да се бориме против инфлацијата.
Инаку што се однесува до другите месеци, јас очекувам да бидат под 3%. Да речеме има држави во Европа како што е Романија, каде што инфлацијата во јануари е 9,8%, има Турција каде што е двоцифрена инфлацијата, преку 30%, соседна Бугарија, Хрватска и така натаму, да ги редам, голем број примери во Европа, каде што инфлацијата е многу поголема од таа што е кај нас. Јас очекувам кај нас инфлацијата оваа година на годишно ниво да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме.“
Економија
Дурмиши: Со системски мерки и партнерство ја намалуваме неформалната економија и го јакнеме формалниот сектор
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати на конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, посветена на системските мерки и заедничките политики за намалување на сивата економија и јакнење на формалниот сектор.
Во своето обраќање, министерот Дурмиши истакна дека неформалната економија е сложен и долгорочен предизвик кој ја нарушува конкуренцијата, ги оштетува работниците и го намалува фискалниот капацитет на државата.
Тој нагласи дека за дел од граѓаните непријавената работа не е избор, туку нужност, што бара одговор преку креирање пристојни и стабилни работни места.
„Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Затоа ни се потребни системски, конзистентни и одржливи решенија“, потенцираше министерот.

