Економија
Утре почнува 14. конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура
Народната банка на Македонија и Централната банка на Холандија четиринаесетти пат ја организираат конференцијата за плаќањата и пазарната инфраструктура, со што продолжува традицијата за отворена и плодна дискусија за предизвиците и можностите што ги носи глобалниот бран на дигитализацијата за финансиските услуги. Годинава, 14. конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, на тема: „Просперитетна иднина на дигиталните плаќања“, ќе се одржи во виртуелен формат, на 4 и 5 октомври 2022 година.
Новите технологии за плаќањата предводени од финтек-компаниите, кои нудат широк опсег на платежни производи и услуги, ќе бидат главните теми на меѓународната конференција, на која носителите на политиките и експертите ќе ги споделат мислењата за потребата од отвореност на системите на банките и засилената автентикација на клиентите, како и за важноста на безбедноста на дигиталниот простор. На овој меѓународен настан, кој почнува утре, ќе ѝ се посвети внимание и на потребата и очекуваните придобивки од воведувањето на дигиталните валути на централните банки.
Воведно обраќање на конференцијата ќе имаат гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерката на Народната банка на Србија, Јоргованка Табаковиќ, и директорката на Секторот за плаќање и пазарна инфраструктура во Банката на Холандија, Инге ван Дијк, a ќе учествуваат претставници на Европската централна банка и централните банки на земјите од Европската Унија, централните банки на земјите од регионот, Меѓународниот монетарен фонд, Европската комисија, Банката за меѓународни порамнувања, амбасадите во Република Северна Македонија, домашните регулатори, домашниот банкарски сектор, како и домашните и странските небанкарски институции, кои се засегнати страни во доменот на платежните услуги.
Конференцијата за плаќањата и пазарната инфраструктура во текот на годините прерасна во платформа за размена на знаења и искуства за актуелни теми од областа на плаќањата и промовирањето нови идеи. Народната банка презема многубројни активности за поддршка на модернизација на постојната платежна инфраструктура преку примена на нови алатки на технолошкиот развој, при што посветува особено внимание на следењето на новитетите и на поттикнувањето на развојот на платежните услуги кај нас, се посочува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

