Економија
Фабриката „Maya“ на тешко пристапен терен крие совршен спој на младост и искуство
Предизвик за секоја компанија е да направи совршен спој на младоста и искуството, да создаде тим што ќе внесе иновативност во процесот на работа воден од знаењето на искусните професионалци. Предизвикот станува уште покомплексен доколку тој тим треба да работи на тешко пристапен терен, далеку од урбаната средина, на локација опкружена со бујна вегетација. Токму овој предизвик успешно го совлада менаџерскиот тим на компанијата „МЛ-Гари“, компанија што ја пакува и полни водата за пиење „мaya“, позната како природна вода за пиење која се полни од еколошки најчистиот регион во Македонија и пошироко – во дебарското село Гари.
Тимот вработени во компанијата „МЛ-Гари“ го сочинуваат 30 лица, од кои најголемиот дел се вработени таму уште од самиот старт на гринфилд инвестицијата – изградба на најмодерна фабрика за полнење и пакување вода во селото Гари. Оваа фабрика е изградена на тешко пристапен терен на надморска височина од 905 метри, сместена во шумските пазуви на Стогово. Локацијата е стратешки избрана за да биде блиску до планинскиот извор на водата Maya којшто се наоѓа на 1.200 метри надморска височина. За вработените, локацијата на фабриката не е никаква пречка за да функционираат беспрекорно. Напротив, природното опкружување, модерниот објект кој е изграден од природни материјали, но и бројните удопства што им ги нуди на вработените, за нив се мотив плус при извршувањето на секојдневните работни задачи.

Од нејзиното формирање, компанијата „МЛ-Гари“ постави стратегија која се потпира на искуството на етаблирани професионалци во својата област, но истовремено им дава можност на млади кадри да го искористат своето знаење, да стекнат нови искуства, да се надградуваат, како и да напредуваат во кариерата. Денес овој тим може да се пофали дека стои зад премиум брендот Maya, препознатлив по својот квалитет и врвната технологија која се користи за оваа вода да стигне од планинскиот извор до потрошувачите.
За вработените, работењето на брендот Maya е секојдневно задоволство исполнето со многу предизвици. Методија Илиевски станал дел од тимот на Maya со веќе стекнато 15-годишно искуство работејќи во продажба за реномирани домашни компании-застапници на мултинационални брендови. Илиевски работи како директор на продажба во „МЛ-Гари“ и сето свое знаење и искуство го вложува за развој и пласман на брендот Maya.
– Понудата од менаџментот на Maya дојде во март 2017 година и со задоволство ја прифатив бидејќи сакав да дадам мој придонес во развојот на брендот, а воедно и да го збогатам моето искуство. По три години откако се појави на пазарот, поради фактот што потекнува од најчистиот регион во светот и се полни под строго контролирани услови и најмодерна технологија, Maya е единствениот македонски бренд во сегментот на води кој може да се оквалификува како премиум. Таа денес на домашниот пазар е позиционирана како премиум вода со пристапни цени до секој потрошувач – вели Илиевски.

Професионалната кариера на лабораторискиот биоинженер Стефан Костовски почнала во фабриката Maya, непосредно по неговото дипломирање на Фармацевтскиот факултет. Бидејќи Костовски потекнува од Дебар, дознал дека во близина на неговиот роден град се гради нова фабрика и својата лична биографија ја испратил до менаџментот на Maya. Кратко време после тоа, станал дел од оваа компанија, за која вели дека постојано се грижи за своите вработени, овозможувајќи им да ги надградат своите знаења и да напредуваат во кариерата работејќи во позитивна атмосфера и тимски дух.
– Покрај тоа, нашата компанија нуди и многу други поволности за своите вработени. Индустрискиот објект се наоѓа во еден од најживописните предели на земјава, на работ на националниот парк „Маврово“, сместен во пазувите на планините Бистра и Стогово. Архитектурата на објектот во кој е сместена фабриката е во хармонија со природата, при што делува многу позитивно и хармонично на секој посетител, особено на вработените. Сето тоа е надополнето со најмодерна технологија за производство и следење на квалитетот на природната, минерална вода, што несомнено претставува незаменлива инспирација за секој млад ентузијаст кој сака својата кариера да ја гради во ваков индустриски објект – вели Костовски.

Модерниот изглед, еколошките материјали и совршената вклопеност во околината беа главната причина поради која стручната архитектонска јавност ја избра зградата на фабриката Maya за најдобар архитектонски објект во 2017 година.
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Македонски производи во износ од 15,5 милиони евра извезени преку мрежата на Лидл во 2025 година
Извозот на македонски производи во 2025 година преку продажната мрежа на Лидл достигна 15,5 милиони евра, што е јасен показател за извозниот потенцијал на домашните производи и можноста за пласман на европските пазари што ја нуди Лидл. Ова претставува огромен раст, во споредба со 5 милиони евра извоз во 2024 година и 570 илјади евра во 2023 година.
Странските пазари најголем интерес покажаа за трпезното грозје, од кое беа реализирани приходи од 3,3 милиони евра, а имаше најголем пласман во Полска. Одлични резултати имаше и од извозот на јагнешко месо во Бугарија, чија продажба донесе прилив од 2,2 милиони евра.
Дека свежото овошје и зеленчук се еден од домашните извозни адути покажа податокот според кој од вкупниот износ од 15,5 милиони евра, во минатата година беше реализиран извоз од 5 милиони евра. Преку мрежата на Лидл се извезени 15 вида од овие земјоделски култури, од преку десет добавувачи. Петте најизвезувани производи беа грозје, зелка, пиперка, моркови и домати, кои одлично поминаа во Бугарија, Германија, Романија, Полска, Словачка, Србија, Чешка и други земји. Во рамки на редовниот извоз од 7 милиони евра доминираа конзервираните производи, со остварени продажби во странство од 5,8 милиони евра, по што следуваат кондиторските, млечните производи, како и виното и пијалаците.
„Постои голем потенцијал за извоз на македонските производи. За нас во Лидл е успех што можеме да ги поддржиме и да бидеме мост за македонските производи кон европските пазари. Постојано соработуваме со производители од земјава и сме особено горди што на десетици компании можеме да им помогнеме во процесите на сертификација, зголемување и унапредување на капацитетите за производство и да овозможиме извоз на европските пазари“ изјави Стефан Георгиев, комерцијален директор на Лидл Северна Македонија.
Преку иницијативата „Македонска недела“, Лидл во претходните две години организираше 22 промоции во маркетите во Бугарија, Словенија, Србија и Хрватска, со понуда на над 70 македонски производи од 17 добавувачи и над 2.200 палети производи, правејќи ги многу повидливи и препознатливи за странските потрошувачи.
Лидл се позиционира како сериозен и значаен партнер на македонската економија, со мерливи резултати во извозот на домашни производи и конкретна поддршка на домашните компании. Со отворањето на маркети низ целата земја компанијата очекува зајакната соработка со домашните производители, со цел на потрошувачите да им понуди широк спектар на квалитетни производи по пристапни цени.
(ПР)
Економија
Забрзување на енергетската транзиција: Јасен план и координиран пристап – одржан состанок на JETIP Инвестициската платформа
Денеска се одржа четвртиот координациски состанок на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција (JETIP – Just Energy Transition Investment Platform), на кој клучните актери разговараа за напредокот во политиките, планирањето и регулаторните реформи што ја поддржуваат праведната енергетска транзиција на Северна Македонија.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, г-ѓа Сања Божиновска, истакна дека во изминатиот период Министерството е фокусирано на зајакнување на политичките и планските основи неопходни за ефективна имплементација на Инвестициската платформа.
Во таа насока, подготвени се два Годишни планови за развој на енергетскиот сектор за 2025 и 2026 година, усогласени со приоритетите на праведната транзиција, кои обезбедуваат јасна краткорочна рамка за реализација на проектите и подготвеност за инвестиции.
Паралелно, Националниот план за енергија и клима ја заврши фазата на јавни консултации и влезе во завршна фаза на финализација. НЕПК ги обединува целите за декарбонизација, развојот на обновливите извори на енергија и потребите за флексибилност на енергетскиот систем, со посебен фокус на регионите погодени од транзицијата од јаглен. По неговото усвојување, Планот ќе претставува стабилна основа за јавните и приватните инвестициски одлуки.
На регулаторен план, во завршна фаза е и подготовката на Законот за обновливи извори на енергија, со чијштоo усвојување ќе се создадат услови за значително забрзување на инвестициите и исполнување на целите за декарбонизација.
Овие активности не претставуваат изолирани реформи, туку овозможувачки чекори за реализација на проектната рамка на Инвестициската платформа.
Владата уште еднаш ја потврди својата силна посветеност на праведната енергетска транзиција, поддржувајќи ја Инвестициската платформа како клучен механизам за координација, инвестиции и забрзана имплементација на реформите.
Економија
НБРМ: Усвоен Кварталниот извештај, макроекономските движења во согласност со очекувањата на Народната банка
Советот на Народната банка, на седницата одржана на 3 февруари 2026 година, го усвои Кварталниот извештај, во кој се наведува дека макроекономските показатели упатуваат на стабилни остварувања во најважните сегменти на економијата и во најголем дел се во согласност со октомвриските проекции на Народната банка. Домашната инфлација очекувано забави под влијание на забавувањето на базичната инфлација, а домашната економската активност умерено забрза. Банкарскиот сектор и натаму остварува солиден раст на депозитната база и кредитната активност, а девизните резерви се задржуваат на соодветно и сигурно ниво.
Народната банка продолжи со унапредувањето на својот оперативен инструментариум заради поддршка на ефикасното спроведување на монетарната политика. Во последниот квартал од 2025 година, таа изврши приспособување на оперативната монетарна рамка заради подобрување на управувањето со ликвидноста и зајакнување на монетарната трансмисија. Со измените се става посилен акцент на инструментите со пократок рок на достасување и на почестите операции, што овозможува поефикасно пренесување на монетарните сигнали до краткорочните каматни стапки на пазарот на пари, без да се менува поставеноста на монетарната политика.
Во Кварталниот извештај се наведува дека во четвртото тримесечје од 2025 година годишната стапка на инфлација изнесуваше 4,2%, што претставува очекувано забавување. Инфлацијата за целата 2025 година, во просек, изнесува 4,1%, што е близу до октомвриските согледувања. Според октомвриските оцени, за 2026 година и на среден рок се очекува забавување на инфлацијата и постепено враќање кон историскиот просек. Сепак, и понатаму постојат одредени ризици, при што главните извори на неизвесност се поврзани со движењата на цените на примарните производи на светските берзи, геополитичките тензии и процесите на трговска фрагментација, како и со одредени домашни фактори што влијаат врз побарувачката.
Во третиот квартал од 2025 година, реалниот годишен раст на бруто домашниот производ забрза и од 3,5% во претходното тримесечје се искачи на 3,8%, што е малку повеќе од оцената во рамките на октомврискиот циклус проекции. Според основното сценарио од октомври, за целата 2025 година се очекува забрзување на економскиот раст којшто би изнесувал 3,5% (3,0% во 2024 година), а во 2026 година, како и на среден рок дополнително би се засилил и би достигнал 4,0%.
На крајот на 2025 година, нивото на девизните резерви достигна 4.920,5 милиони евра и според сите релевантни показатели, обезбедува соодветна поддршка за одржување на стабилноста на домашната валута.
Податоците од монетарниот сектор укажуваат на натамошна солидна кредитна поддршка за економијата и зајакнување на депозитната база на банките. Во четвртиот квартал од 2025 година, годишниот раст на вкупните кредити изнесуваше 13%, при годишен раст и на депозитите од 10%, што е малку над нивото проектирано за крајот на годината.
На седницата, Советот на Народната банка разгледа и други точки поврзани со тековното работење на Банката.

