Економија
Фатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје
Д-р Фатих Шахбаз е назначен за нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје. По успешно спроведените законски и регулаторни процедури, Народната банка даде одобрение за назначување на новиот ГИД, кој банката ќе ја води во следниот период. Со оваа одлука Халкбанк продолжува со стратегиски ориентиран и стабилен развој под раководство на искусен професионалец, кој зад себе има повеќе од две децении богато искуство во банкарскиот сектор.
Д-р Шахбаз својата кариера ја градел во рамките на Türkiye Halk Bankası A.Ş., каде последователно извршувал различни значајни функции, од специјалист, внатрешен инспектор, директор и раководител на филијала, до менаџер на оддел и директор на група. На 1 декември 2022 година бил назначен за заменик генерален директор задолжен за Управување со човечки ресурси и Секторот за поддршка, а од 17 јули 2025 година ја извршувал функцијата заменик генерален директор задолжен за Управување со поддршка и Дигитална трансформација.

Неговото академско образование, богато професионално портфолио и долгогодишната експертиза како и искуството во менаџирање со клучни сегменти од банкарското работење, претставуваат силна основа во понатамошниот развој и водење на Халкбанк во Македонија.
Халкбанк АД Скопје е стабилна и високо позиционирана банка на македонскиот пазар, еден од најзначајните двигатели на економијата во државата и стабилен партнер на македонските компании и граѓани, со континуиран раст и силни финансиски показатели. Банката ја заврши 2024 година со актива од 1,852 милијарди евра, кредитно портфолио од 1,17 милијарди евра, депозитна база од 1,325 милијарди евра и нето добивка од над 30 милиони евра. Веќе во вториот квартал од 2025 година активата порасна на 1.922 милиони евра, што е раст за шест месеци од речиси 71 милион евра, депозитната база достигна 1.443 милиони евра, додека кредитирањето вкупно се зголеми за речиси 158 милиони евра, резултати кои ја потврдуваат довербата на клиентите, професионалноста на тимот и стабилната улога на Банката во економијата.
Со поставувањето на Д-р Фатих Шахбаз за Главен извршен директор, Банката продолжува со јасна визија, стратегиски развој и посветеност во унапредувањето на финансиските услуги, дигиталните решенија и поддршката на економскиот раст и развојот на македонскиот пазар.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“
Економија
Комисија за заштита на конкуренцијата: Лани се изречени казни во вредност од над 53 милиони денари
Комисијата за заштита на конкуренцијата информира дека во текот на 2025 година се изречени казни за повреди на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата и за повреди на одредбите од Законот за забрана на нефер трговски практики, во вкупна вредност од 53.044.555,00 денари.
„Со овие санкции, Комисијата испраќа јасна и недвосмислена порака дека картелските договори, забранетите договори, злоупотребата на доминантна позиција, непријавените концентрации и нефер трговските практики нема да се толерираат. Казните имаат изразена превентивна улога и претставуваат ефикасен механизам за одвраќање од идни повреди на пазарните правила“, велат од Комисијата.
Од таму најавуваат дека ќе продолжат со активен надзор и доследна примена на законските овластувања, со цел обезбедување фер и транспарентни пазарни услови, еднаков третман на економските оператори и ефективна заштита на конкуренцијата и интересите на потрошувачите.
Економија
Македонија2025 објави повик за компании: Аплицирајте за користење на бесплатна експертска поддршка од канадски советници
Македонија2025 објавува повик за апликации од македонски компании за Битов – Програмата за претприемачи.
Битов – Програмата за претприемачи е основана во соработка со Catalyste+ (поранешна CESO – Canadian Executive Service Organization). Catalyste+ е канадска организација со 50 годишнo искуство во меѓународниот економски развој. Организацијата работи на развој на приватниот сектор односно бизниси кои ќе просперираат на национално и меѓународно ниво.
Македонија2025 има заедничка мисија со Catalyste+ да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании и ја спроведува оваа програма во Македонија од 2018 година. Досега, преку оваа програма се поддржани над 30 македонски компании. Советниците на Catalyste+, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе ја донесат својата експертиза директно во Македонија, и ќе работат на конкретни предизвици со кои се соочуваат македонските компании, согласно нивните барања и потреби.
Македонија2025 целосно ја покрива тарифата за советникот, како и доаѓањето до Македонија. Компаниите имаат обврска да обезбедат сместување, оброци и локален транспорт за советникот (доколку е потребно).
Кој може да се пријави?
Програмата е наменета за микро, мали и средни компании* кои ги исполнуваат следните услови:
· Минимум една година од постоење на компанијата;
· Сопственик и управител на компанијата е македонски државјанин и жител;
· Лице од компанијата кое ќе биде постојано достапно на консултантот, најтесно ќе соработува со него за време на посетата и има добро познавање на англиски јазик;
· Високо ниво на посветеност од страна на менаџментот на компанијата;
· Во добра финансиска состојба (има можност за спроведување на промените и препораките од консултантот);
· Ги исполнуваат критериумите за микро, мали и средни компании.
По можност да работат во следните дејности: туризам и угостителство, финансии, агро-бизнис, ИКТ, менаџмент на природни ресурси, обновливи извори на енергија, прехранбена индустрија итн.
*Предност ќе имаат компании кои се извозно ориентирани и нудат иновативни решенија.
Повеќе за програмата, начинот на аплицирање и потребна документација ќе ги најдете ТУКА.
За искуствата, и придобивките на компаниите кои учествувале во програмата погледнете ТУКА.
Краен рок за пријавување: 15.03.2026 год.

