Економија
ФЕРОИНВЕСТ на ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2024: развиваме енергетски решенија за по 5 години
Сопственикот на Фероинвест, Кочо Анѓушев вели дека компанијата Фероинвест на годинешниот саем ЕНЕРГО ТЕХНОМА во Скопје ќе претстави решенија за проблемот со вишокот електрична енергија од фотоволтаици, што е главен проблем во моментот, но дека нивните инженери веќе работат на енергетски решенија кои ќе се бараат по 5 или 6 години.
1. Феро Инвест ќе се претстави на претстојниот саем Енерго Технома 2024? Зошто оваа манифестација е важна за вашата компанија?
Нашата компанија е една од водечките компании во техничката сфера во Македонија, особено во инжинерството, а посебно во еден дел и во енергетиката. Во таа смисла, цениме дека како една македонска компанија треба да дадеме придонес и да бидеме дел од секој вид ваква манифестација која што се случува во нашата држава и се однесува на развојот на нашата држава, а е поврзано со енергетиката, машинството, односно техниката генерално.
2. Кои се клучните производи и решенија што ќе ги презентира Феро Инвест на годинашниот саем?
Фероинвест е компанија која што е пионер во енергетската транзиција, обновливи извори на ернергија и зелената енергија. Во таа смисла, започна пред 20-тина години со своите дејности во сите области на обновливи извори на енергетија, тргнувајќи со хидро електрани, биогас, фотоволтаици, проектирање од физибилити студија, изведување, мониторинг, одржување, па и откуп на електричната енергија, што значи едно вертикално интегриран систем.
Точно тој вертикално интегриран систем ние ќе го претставиме на саемот. Ќе ги претставиме најновите трендови во енергетиката во обновливи извори, а тоа се трендовите на интегрирани системи каде што ќе може да се презентираат и новите батериски системи кои што служат за складирање на енергијата. Тоа енергијата од обновливите извори ќе ја направи попредвидлива и ќе направи таа да може да се искористи тогаш кога ќе биде потребна, односно не само во моментот на нејзиното произведување, туку и подоцна.
Точно тоа како модел и концептуално решение ќе го презентираме на овој саем.

3. Кој е вашиот пристап во однос на иновациите во областа на енергетиката и технолошките решенија? На кој начин се обидувате да бидете чекор пред конкуренцијата?
Јас сум инженер, и во мојата работа секогаш го комбинирам инженерско знаење, мојата страст за иновации и страст да изнаоѓам нови решенија, и многу важно-ја согледувам големата слика, бидејќи ништо не важи само за една земја, особено во енергетиката .
За да бидете чекор пред сите треба да ги предвидувате работите, а да ги предвидувате работите треба да имате широка анализа и знаење за состојбите бидејќи енергетиката не е локална работа која што се случува само во Македонија. Таа е работа која што е, јас би рекол, и континентална, зборувам за Европа, и во таа смисла морате да можете да ги предвидите трендовите.
Ние уште пред две години почнавме да работиме на батериските системи кои што сега стануваат актуелни.
А уште од сега најавуваме дека во иднина, во следните 5 – 6 години ќе треба да се размислува на интегрирани, вертикални, компактни енергетски решенија. Кога тоа го зборувам, значи да се размислува на повеќе начини. Да речеме на закуп на складирање, закуп на фотоволтаици, на виртуелни производители, виртуелни електрани, сето тоа може да звучи малку апстрактно, но ние во Фероинвест сме поприлично сигурни дека работата ќе оди во тој правец, како што и бевме сигурни и пред 2 – 3 години дека батериските системи ќе бидат решение за одржлива енергетска транзиција.
4. Еден од фокусите на саемот е одржливата енергија. Кои се најновите проекти на Феро Инвест поврзани со обновливите извори на енергија?
Најновиот проект кој што ќе биде, во главно, доминантно претставен на овогодишниот саем ќе бидат батериските системи за складирање на електрична енергија, и тоа на четири нивоа. Едно ниво за домаќинства, оние домаќинства кои што трошат во четвртата група каде цените се највисоки, а тоа се поголеми куќи, поголеми објекти. Втората група се фабрики, кои што имаат поставени фотоволтаици, или пак се уште немаат, но тие својата потрошувачка на електрична енергија ја оптимираат по цена и количина. Понатаму, станува збор за фотоволтаични електрани изградени на земја, па да се надградат со батериски системи, или веднаш новите електрани што се градат да се изведуваат веќе со батериски системи во нив, и тоа е третата група. И последно, да се прават само сториџи, односно клиентот да прави енергетски сториџ (склад) за свои потреби. Тоа е контејнерски систем на сториџи за електрична енергија со поголем капацитет.
Сите овие четири типови на проекти како наши производи, односно како наши интегрирани инжинерски решенија, ќе бидат претставени на саемот.

5. Како ја гледате иднината на енергетската индустрија во Македонија? Каде гледате потенцијал за раст и подобрување, особено во контекст на иновации и нови технологии?
Енергетиката како и секогаш досега треба да се гледа 5 – 10 години однапред. Се разбира, ние како Македонија немаме големи ресурси во делот на природни ресурси во смисла на јаглен, нафта, гас, па да очекуваме дека од тоа би произведувале електрична енергија. Јагленот е веќе скоро исцрпен, останува хидро потенцијалот каде има некои претстојни и помали и поголеми проекти, биогасните електрани кои не се едноставна технологија, и остануваат обновливите извори за енергија кои се непредвидливи во производството, сонце и ветер. Меѓутоа, повторно ќе кажам дека обновливите извори за енергија или така наречената енергетска транзиција никако не може да биде одржлива доколку не се мисли и на балансирањето на таа енергија односно, на складирањето на енергијата во целина.
6. Кои се вашите очекувања од саемот Енерго Технома 2024 во однос на нови деловни можности и проширување на вашата мрежа на контакти?
Во Македонија ние сите се познаваме и знаеме кој и што работи и клиентите добро не познаваат, меѓутоа е добро што ќе има едно место и еден простор на кој што сите кои што се заинтересирани ќе може да дојдат и да ги видат нашите производи кои што погоре ги објаснив, а тука ќе биде интересно да видиме и да размениме искуства со фирмите кои што се слични на нашата кои што ги работат истите области.
Така што, очекуваме Енерго Технома 2024 да биде една добра можност за контактирање со сродни компании и со клиенти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“
Економија
Комисија за заштита на конкуренцијата: Лани се изречени казни во вредност од над 53 милиони денари
Комисијата за заштита на конкуренцијата информира дека во текот на 2025 година се изречени казни за повреди на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата и за повреди на одредбите од Законот за забрана на нефер трговски практики, во вкупна вредност од 53.044.555,00 денари.
„Со овие санкции, Комисијата испраќа јасна и недвосмислена порака дека картелските договори, забранетите договори, злоупотребата на доминантна позиција, непријавените концентрации и нефер трговските практики нема да се толерираат. Казните имаат изразена превентивна улога и претставуваат ефикасен механизам за одвраќање од идни повреди на пазарните правила“, велат од Комисијата.
Од таму најавуваат дека ќе продолжат со активен надзор и доследна примена на законските овластувања, со цел обезбедување фер и транспарентни пазарни услови, еднаков третман на економските оператори и ефективна заштита на конкуренцијата и интересите на потрошувачите.
Економија
Македонија2025 објави повик за компании: Аплицирајте за користење на бесплатна експертска поддршка од канадски советници
Македонија2025 објавува повик за апликации од македонски компании за Битов – Програмата за претприемачи.
Битов – Програмата за претприемачи е основана во соработка со Catalyste+ (поранешна CESO – Canadian Executive Service Organization). Catalyste+ е канадска организација со 50 годишнo искуство во меѓународниот економски развој. Организацијата работи на развој на приватниот сектор односно бизниси кои ќе просперираат на национално и меѓународно ниво.
Македонија2025 има заедничка мисија со Catalyste+ да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании и ја спроведува оваа програма во Македонија од 2018 година. Досега, преку оваа програма се поддржани над 30 македонски компании. Советниците на Catalyste+, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе ја донесат својата експертиза директно во Македонија, и ќе работат на конкретни предизвици со кои се соочуваат македонските компании, согласно нивните барања и потреби.
Македонија2025 целосно ја покрива тарифата за советникот, како и доаѓањето до Македонија. Компаниите имаат обврска да обезбедат сместување, оброци и локален транспорт за советникот (доколку е потребно).
Кој може да се пријави?
Програмата е наменета за микро, мали и средни компании* кои ги исполнуваат следните услови:
· Минимум една година од постоење на компанијата;
· Сопственик и управител на компанијата е македонски државјанин и жител;
· Лице од компанијата кое ќе биде постојано достапно на консултантот, најтесно ќе соработува со него за време на посетата и има добро познавање на англиски јазик;
· Високо ниво на посветеност од страна на менаџментот на компанијата;
· Во добра финансиска состојба (има можност за спроведување на промените и препораките од консултантот);
· Ги исполнуваат критериумите за микро, мали и средни компании.
По можност да работат во следните дејности: туризам и угостителство, финансии, агро-бизнис, ИКТ, менаџмент на природни ресурси, обновливи извори на енергија, прехранбена индустрија итн.
*Предност ќе имаат компании кои се извозно ориентирани и нудат иновативни решенија.
Повеќе за програмата, начинот на аплицирање и потребна документација ќе ги најдете ТУКА.
За искуствата, и придобивките на компаниите кои учествувале во програмата погледнете ТУКА.
Краен рок за пријавување: 15.03.2026 год.

