Економија
Финансиска и енергетска стабилност како приоритет – средба на министерката Божиновска со гувернерот Славески
На работната средба на министерката за енергетика, Сања Божиновска, со гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, се разговараше за тековните енергетски проекти и нивните финансиски импликации врз компаниите и економијата.
Во фокусот на разговорот беа влијанијата на новите регулативи за декарбонизација и зелената енергетска транзиција на Европската Унија, кои носат значајни предизвици, но и можности за развој на обновливите извори на енергија во нашата земја, како и нивното значење за домашните компании и целокупната економија. Беше нагласено дека за компаниите е потребна поддршка во приспособувањето кон овие промени, за да се намалат финансиските оптоварувања и да се зачува конкурентноста на домашниот пазар.
Гувернерот Славески и министерката Божиновска се согласија дека финансискиот сектор е главен поддржувач на транзицијата кон поголема енергетска одржливост, соодветно соработката помеѓу Министерството за енергетика и Народната банка е значајна за креирање на мерки кои ќе ја поддржат економијата во целина, особено во услови на глобални економски предизвици.
На средбата беше истакнато дека развојот на енергетскиот и рударскиот сектор е од клучно значење за зајакнување на финансиската независност на земјата и обезбедување енергетска стабилност која ќе ги штити интересите на граѓаните и компаниите и ќе обезбеди отпорност на земјата кон надворешни економски шокови.
Во наредниот период ќе се работи на конкретни иницијативи и политики за олеснување на пристапот до финансиски средства за инвестиции во зелена енергија и технолошки модернизации, со цел да се поддржи економскиот раст и одржливоста, но за да се обезбедат ефективни решенија кои ќе ги поддржат компаниите во процесот на прилагодување, како и стабилноста на националната економија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

