Економија
ФИТР: Во тек се два јавни повици со 4,5 милиони евра и ќе се наменат за почеток на економско заздравување
Фондот за иновации и технолошки развој донесе одлука да овозможи прилагодување на веќе доставените инвестициски планови, во рамките на два тековни јавни повици објавени пред кризата, кон новонастанатите услови на пазарот.
Во рамките на јавните повици за Технолошки развој и Стартапувај 2, во различни фази на евалуација се вкупно 269 проекти од исто толку домашни микро, мали и средни компании. Вкупниот обем на финансирање под овие инструменти е 4,5 милиони евра, што сега ќе се наменат за инвестициски планови прилагодени кон потребите за брз развој и почеток на економско заздравување. Овие компании вработуваат над 1100 лица.
Во пресрет на донесување на одлуката, ФИТР спроведе истражување на ризиците и очекуваните последици врз бизнисот од актуелната криза причинета од КОВИД 19 кај домашните компании.
Истражувањето е спроведено во периодот од 10 до 15 април на група од 269 микро, мали и средни компании од Република Северна Македонија, и тоа: 66 се во фаза на финална селекција на јавниот повик за Технолшки развој по редовна постапка и 203 се во фазата на претселекција на јавниот повик Стартапувај 2. На прашалникот одговорија 248 компании кои направија самостојна проценка на ризик во однос на седум категории: проектен тим, ланец на набавка, организација на работа, користење на специфични услуги и опрема, финансиска способност и одржливост и пазар и генерирање на приходи.
Од вкупниот број на компании што доставија одговори на прашалникот, 196 или 79% процениле постоење на еден или повеќе ризици врз бизнисот. Од нив најголем дел се микро препријатија, 184 кои пријавиле и најголем степен на ризик (74%), 65 се мали претпријатија со проценка за значително помал ризик (22%), и 8 компании со средна големина кои имаа проценка за најмал ризик (8%) од кризата врз бизнисот.
Во однос на посебните ризици најголем дел, односно 59% од компаниите очекуваат потешкотии во однос на пазар и генерирање приходи, како и во однос на финансиската способност и оддржливост каде 49% од компаните очекуваат дека кризата ќе има влијание. Како најголем проблем во однос на овие ризици тие идентификуваат пад на производството и побарувачката, пад на продажбата, нестабилен пазар, намален обрт и добивка, опасност од губење на клиенти, како и тоа дека одоговлекување на кризата може да влијае врз финасиската стабилност и оддржливост. Речиси сите имаат наведено дека за нивно надминување клучно е користење на државна финансиска помош како и кратење на оперативни трошоци и изнаоѓање на алтернативни извори на финансирање.
Најмал ризик од околу 38% е идентификуван во однос на користење на специфични услуги, сервиси и опрема, проектниот тим и ланецот на набавка. Нешто повисок степен на ризик од 47% е поврзан со организација на работата. Она што е заедничко за сите овие ризици е дека компаниите справувањето со нив го гледаат во дигитализација на работните процеси и набавки, како и адаптација и користење на онлајн алатки за работа.
Конечна одлука за доделување на финансиска поддршка под Јавниот повик за Технолошки развој се очекува во првата недела од мај, додека за јавниот повик Стартапувај 2 до крајот на истиот месец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
МФ: Јавниот долг на крајот на првиот квартал 58,6% од БДП
Министерството за финансии денеска ги објави податоците за состојбата на јавниот долг заклучно со 31 март 2024 година. Согласно објавените податоци јавниот долг изнесува 8.769 милиони евра што претставува 58,6% од БДП.
„Во првиот квартал се издадени државни хартии од вредност во износ од 219,2 милиони евра, повлечени се средства во износ од 175,5 милион евра по основ на склучени кредитни аранжмани со странски кредитори, како што е повлекувањето на втората транша од ММФ од кредитната линија за претпазливост и ликвидност и 57,6 милиони евра по основ заеми за јавни претпријатија и АД основани од државата и општините, општините во градот Скопје и Градот Скопје. При тоа извршена е и исплата на обврски по основ на главнина за надворешен долг во износ од 82,7 милиони евра“, соопшти МФ.
„Министерството за финансии ја објавува состојбата на јавниот долг на квартално ниво, а при пресметката на јавениот долг во однос на БДП се користени податоци за вредноста на БДП за период 2005 – 2024 година, за 2022 година користен е податок за вредност на БДП објавен на веб страната на Државниот завод за статистика, додека податоците за 2023 се прелиминарни податоци на Државниот завод за статистика, а 2024 година е проектирана вредност на БДП на Министерство за финансии.
Исто така, денеска согласно утврдената динамика, Министерството за финансии ги објави податоците за состојбата на државниот долг кој заклучно со 31 март 2024 година изнесува 7.544 милиони евра што претставува 50,4% од БДП. Состојбата на државниот долг се објавува на месечно ниво.
Министерството за финансии транспарентно ги објавува овие податоци на својата веб-страница. Последниот податок укажува дека јавниот долг е во дефинираните граници со новиот Закон за буџети. Со новиот Закон за буџети е воспоставено правило со кое јавниот долг не треба да надминува 60% од БДП, што е согласно и со Мастришките критериуми. Министерството за финансии останува на определбата за одржување на јавниот долг на стабилно ниво и во рамки на утврдените критериуми“, се додава во соопштението на МФ.
Економија
Забележителен раст на приходите, инвестициите и добивката на Реплек во првиот квартал од 2024 година
Со раст на оперативните приходи од 25%, на обемот на инвестиции и на добивката во првото тримесечје споредено со истиот период минатата година, „Реплек АД“ продолжи со успех да го реализира бизнис планот за 2024 година и својата долгорочна развојна стратегија која се темели на зголемување на продажбата на странските и на домашниот пазар, на иновациите во портфолиото на производи, како и на значителни вложувања во технолошкиот напредок и во развојот и добросостојбата на своите вработени.
Неревидираниот консолидиран финансиски извештај за работењето на Реплек АД во првиот квартал од 2024 година покажува дека во секторот фармација компанијата остварила раст на приходите од 26,9% во однос на истиот период минатата година. Во најголем дел ваквиот раст се должи на растот на приходите од продажба на странските пазари, каде се генерираат дури 80 % од вкупните приходи и кои во овој временски период се зголемени за 23 %, надминувајќи вредност од над пет (5) милиони евра. Позитивно влијание на ваквиот раст на приходите од извоз има отворањето на новиот пазар за производите на „Реплек АД“ во Туркменистан, што се очекува да придонесе за натамошно зголемување на извозните перформанси и резултати на компанијата.
Истовремено со растот на извозот, „Реплек АД“ продолжи да ја јакне и својата позиција на домашниот пазар, каде во Q1 2024 е остварен раст на приходите од продажба од 50 %, во споредба со истиот период лани.
Значителен раст во овој период од годината е забележан и кај инвестициите кои се зголемени приближно за пет и пол пати во однос на првите три месеци од 2023 година.
„Позитивните резултати на стартот на оваа година ни влеваат дополнителна енергија и мотив да продолжиме уште посилно во остварување на целите дефинирани во деловниот план за оваа година и во нашата стратегија за долгорочен одржлив развој. Остануваме посветени на инвестирањето во натамошна технолошка модернизација, како и на иновациите кои треба дополнително да збогатат нашето портфолио на производи, коишто веруваме дека ќе ни овозможат натамошно зајакнување на нашите позиции на домашниот пазар и ќе ни отворат нови можности и перспективи на странските пазари. Паралелно продолжуваме и со вложувањата кои треба да ја гарантираат натамошната добросостојба на нашите вработени. Веруваме дека ваквите напори ќе вродат со плод, ќе придонесат за натамошен раст на компанијата и ќе донесат дополнителна вредност за сите“, изјави главниот извршен директор на „Реплек АД“, Душан Пецовски.
Инаку, растот на приходите од продажба се одрази и на растот на консолидираната добивка пред оданочување на „Реплек АД“, која за првите три месеци од оваа година бележи зголемување за 24 % во однос на истиот период од минатата година.
(ПР текст)
Економија
Финансии побара до крајот на денов да се стави во мирување поскапувањето на осигурувањето на автомобилите при регистрација
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница го разгледа доставениот извештај од Националното биро за осигурување поврзано со зголемените цени по основ на премија за вршење на дејноста на осигурување.
На состанокот Комисијата му укажа на Националното биро за осигурување и на регулаторот Агенцијата за супервизија на осигурувањето во текот на денешниот ден да им предложи на друштвата за осигурување до крајот на денешниот ден да ги стават во мирување одлуките за зголемување на трошоците и да ги вратат на ниво од пред 25 април 2024 година и да ја известат Комисијата во текот на денешниот ден. Ваквото укажување е со цел обезбедување транспарентност и предвидливост на процесите, имајќи предвид дека компаниите ниту поединечно, ниту преку Националното биро за осигурување го немаат известено регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето ниту Комисијата дека планираат да ги зголемат трошоците по основ на премијата за вршење на дејноста на осигурување, и на тој начин не е обезбеден инклузивен пристап и кооперативност со сите засегнатите страни при донесување на одлуките.
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница побара од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да изготви анализа за оправданоста и исправноста на донесените одлуки од страна на друштвата за осигурување, во насока на заштита на крајните корисници, а со цел обезбедување сеопфатна информација за донесување објективна и транспарентна одлука. Во правец на ова е укажувањето кон регулаторот за ставање во мирување на одлуката за зголемување на цената на трошоците од страна на друштвата за осигурување. Истовремено, побара од друштвата за осигурување преку Националното биро да дадат свој придонес во изготвување на анализата и предлог-заклучоци за промена на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.
На состанокот, Комисијата одлучи во најскоро време по доставување на анализата од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да свика седница и да ја разгледа доставената Информација и да донесе соодветни заклучоци.