Економија
ФИТР: Со иновативни проекти во борба против климатски промени
Седум проекти добиваат поддршка во рамките на јавниот повик за справување со климатски промени 02-2, кој Фондот за иновации и технолошки развој го реализира во соработка со Програмата за развој на ОН, УНДП, Министерството за надворешни работи на државата Израел, Министерство за животна средина и просторно планирање, како и две партнер-организации Кајама Центарот за одржлив дизајн од Израел и организацијата Македонија 2025.
Избраните компании нудат различни иновативни решенија за справување со глобалниот проблем со климатските промени и имаат за цел намалување на негативните последици по јавното здравје. Прворангираниот проект Bank of trees е иновативен начин за штедење и инвестирање средства преку креирање на првата банка базирана на дрвја. Целта на проектот е придонес кон зголемена природна апсорбција на јаглерод диоксид од атмосферата, додека во исто време се генерира добивка за нејзините корисници.
Останатите проекти предвидуваат и напредно истражување и развој на нов вид храна во сточарството што, како процес, се смета за еден од најголемите загадувачи, потоа изградба на првата концентрациона соларна електрана во Северна Македонија, развој на нов производ – биоќумур и негова употреба во земјоделие, систем за култивација на мов и производство на внатрешни и надворешни панели за природно прочистување на воздухот, преработката на опасен отпад, отпадни лушпи од јајца во додатоци во исхрана за хумана употреба, како и соларен грејач и прочистувач на воздух.
За финансирање проекти под овој повик беше износ од 5.000.000 (пет милиони) денари. Вкупниот обем на инвестици во оваа фаза е 3.700.000 денари, како и 750.000 денари учество на самите апликанти. По заклучок на Комисијата, составена од сите партнери на повикот, уште за три компани, кои добија препорака од Комисијата, е отворена можност за кофинансирање доколу се обезбедат дополнителни средства.
Дополнително, во рамки на прогрмата Start-up Nation & Mentorship пет компании ќе одат на студиско патување во Израел кое ќе вклучи можност за средба и размена на искуства со водечки компании, акцелератори и хабови во областа на високата технологија и одржливост. Наградата ја обезбедува: Кајама центарот за одржлив дизајн од Израел и Министерството за надворешни работи на Израел.
Три од избраните компани пак ќе добијат екстензивно парнерство, менторирање, консултации или друг тип на услуга за време на имплементацијата на проектот од Македонија 2025.
Проектите се оценуваа според пет критериуми: влијание на животната средина и справување со климатски промени, степен на иновативност, квалитет на предлог-проект, капацитет на проектниот тим, односно конзорциумот и потенцијал на пазарот.
Заради пандемијата со Ковид-19 и интересот да се обезбеди менторска поддршка за подготовка на апликациите, јавниот повик беше реобјавен на 2 јуни, со траење до 20 јули 2020 година. Пристигнаа вкупно 39 апликации, од кои 28 продолжија во фазата на финална селекција. Ова е втор повик на ФИТР наменет за проекти наменети за заштита на животната средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Развојната банка повлече кредитна транша од над 9 милиони евра за поддршка на 17 македонски компании
Развојната банка денеска ја повлече десетата и последна транша од ЕИБ 7 кредитната линија наменета за зелена транзиција. Вкупниот износ на оваа транша е 9.251.488 евра. Средствата од оваа транша се наменети за поддршка на 17 македонски компании кои се со претежна производствена дејност.
Со повлекување на оваа транша, Развојната банка успешно ја заврши реализацијата на седмата фаза на кредитната линија со средства од Европската инвестициона банка во износ од 100 милиони евра.
Реализацијата на седмата фаза од ЕИБ кредитната линија започна со потпишување на Финансиски договор за заем помеѓу Развојна банка на Северна Македонија и Европска Инвестициона Банка за МСП и MID-CAP компании и зелена транзиција. Кредитите се пласираа преку 5 квалификувани банки – учеснички со каматна стапка до 3,5% годишно кон крајните корисници. Рокот на отплата на кредитите е до 12 години за инвестициони кредити и Mid-cap проекти и до 3 години за кредити за обртни средства.
„Со средства од кредитната линија ЕИБ 7 поддржани се 259 проекти на македонските компании. Кредитната линија ЕИБ 7 ја оствари целта за која беше креирана: зголемување на ликвидноста на стопанството, задржување на постојните и отворање на нови работни места, зголемување на извозот, обезбедување на економски раст и конкурентност на трајна основа, како и стимулирање на компаниите во инвестиции за зелена транзиција со цел долгорочна заштеда на средства преку намалена потрошувачка на енергенси и зачувување, заштита или подобрување на животната средина“, соопшти Развојната банка.
Досега, преку Развојната банка се реализираа седум фази на кредитната линија ЕИБ во износ од 650.000.000 ЕУР. Со средства од овие кредитни линии поддржани се 2.621 проекти на домашните компании и креирани 9.260 работни места.
Економија
„Нвидиа“ купи акции на „Интел“ во вредност од пет милијарди долари
Американската технолошка компанија Нвидиа купи акции на Интел во вредност од пет милијарди долари, со што ја реализираше трансакцијата најавена во договорот од септември.
Според договорот, Нвидиа платила 23,28 долари по акција и купила повеќе од 214,7 милиони акции на Интел. Инвестицијата е одобрена од американските антимонополски институции, соопшти претходно Федералната трговска комисија на САД.
Се проценува дека уделот на Нвидиа во Интел ќе изнесува околу четири отсто, со што ќе стане еден од поголемите акционери на компанијата, наведува Ројтерс.
Претходно, во август, американската влада купи 10 отсто од Интел за 5,7 милијарди долари, а истата година компанијата обезбеди и две милијарди долари инвестиција од јапонскиот Софтбанк.
Договорот меѓу Нвидиа и Интел предвидува и заеднички развој на чипови, што би можело да ја промени конкуренцијата во индустријата и да влијае врз позициите на ТСМЦ и АМД.
Економија
„Алкалоид“ со бизнис план за 2026: продажба од 361 милион евра и раст на добивката
АЛКАЛОИД АД Скопје во својот Бизнис-план за 2026 година предвидува консолидирани приходи од продажби од околу 361 милион евра, што претставува раст од 7 отсто во однос на очекуваните резултати за 2025 година.
Според планот, 91 отсто од продажбите ќе се реализираат преку профитниот центар Фармација, додека 9 отсто ќе отпаѓаат на Хемија, козметика и билкарство. Компанијата очекува 34 отсто од приходите да бидат остварени на домашниот пазар, а 66 отсто преку извоз.
Планираните финансиски резултати предвидуваат раст од 8 отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA), како и раст на консолидираната нето-добивка од најмалку 7 отсто во однос на 2025 година.
Во делот на инвестициите, Алкалоид најавува вложувања од околу 8 отсто од консолидираните приходи, продолжувајќи ја долгорочната инвестициска стратегија, во чии рамки во изминатите две децении се инвестирани повеќе од 250 милиони евра. Фокусот и натаму останува на модернизација на производствените капацитети и усогласување со најсовремените GMP-стандарди.
Бизнис-планот за 2026 година предвидува и зголемување од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој, со цел натамошно унапредување на генеричкото и патентираното портфолио на компанијата.
Во рамки на ESG-стратегијата, Алкалоид ќе продолжи со интеграција на еколошките, социјалните и управувачките стандарди во сите сегменти од работењето. Паралелно, компанијата планира околу 50 нови вработувања во 2026 година и натамошни вложувања во човечкиот капитал.
Акциите на Алкалоид остануваат меѓу најликвидните на Македонската берза, со раст на просечната цена од 24 отсто во 2025 година, додека дивидендната политика ќе продолжи во согласност со остварените резултати и инвестициските потреби.
Бизнис-планот за 2026 година е усвоен од Управниот одбор на компанијата на седница одржана на 29 декември 2025 година.

