Економија
ФИТР: 2,35 милиони евра за поддршка на 84 микро и мали стартап-компании
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски, ги презентираа 84 стартап-компании, што ќе добијат финансиска поддршка од ФИТР на јавниот повик „Стартапувај 2“.
Државата во нив ќе вложи 2,35 милиони евра. Во рамките на овој повик, во првиот бран беа поддржани 53 компании, но поради квалитетниот број апликации по препорака на Комитетот за одобрување инвестиции, беа обезбедени дополнителни милион евра, за поддршка на уште 31 микро и мали стартап-компании. Вкупниот обем на инвестиции изнесува над 3 милиони евра, од коишто 77%, односно 2.35 милиони евра се средства што ги обезбедува Владата во соработка со Светска банка, а 23% од средствата, односно речиси 702 илјади евра се средства коишто ќе ги обезбедат самите компании.
На настанот што се одржа во Музејот на современа уметност, своите искуства и успешни приказни ги споделија Симона Николова од „Уретани“ и Игор Томовски од „Пајл Контрол“, чии компании беа избрани на првиот повик „Стартапувај“. Тие веќе успешно работат и на меѓународните пазари, а за нив поддршката од државата и Фондот била клучна за развој и напредок. Со своите говори ги мотивираа сите да се охрабрат и да аплицираат бидејќи, како што вела,т процесот е транспарентен и беспрекорен, а техничката поддршка од Фондот особено значителна.
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи е охрабрен од ваквите примери.
„Верувам дека во изминатите три години покажавме и докажавме како треба и како се поддржуваат луѓето кои имаат добри идеи. Го етаблиравме Фондот за иновации како дом за секој храбар, млад човек со конкретна идеја. Во портфолиото на Фондот, само во овие 3 години, заедно со овие кои денес ги објавуваме, поддржани се или ќе се поддржат повеќе од 500 домашни компании, во најголемиот дел станува збор за микро и мали фирми, што е навистина неспоредливо со периодот пред 2017 година, кога беа поддржани само 30-ина компании. Притоа, ова се компании кои ќе реализираат проекти во вредност од 73 милиони евра, вкупен обем на инвестиции, и влог на компаниите и поддршка од ФИТР“, рече во своето обраќање вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, најави зголемена поддршка и нови владини мерки за стартап-компаниите во иднина.
„Сакам да ви честитам за храброста во овој период да ги почнете со реализација на вашите бизниси со што секако ќе станат вредни не само во нашата држава, преку една ваква идеја со мал труд може да станете големи компании во глобални рамки. Јас сум убеден дека имаме многу млади луѓе кои имаат идеи само треба да ги охрабриме, да им дадеме можност, да не ги спречиме во исполнување на нивните идеи, а на таков начин ќе креираме и подобра економија за нашата држава, но истовремено подобар животен стандард за нашите граѓани ќе креираме подобро платени работни места, а на тој начин ќе направиме поуспешна држава за сите нас, а утре и за нашите деца“, истакна во своето обраќање министерот за економија, Крешник Бектеши.
Тој додаде дека ако пред три години државата не одвојуваше ни 1,5 милиони евра за стартап-бизниси, сега само во период од една година буџетот за оваа намена е зголемен за 10 пати. Според него, ваквите успешни приказни се поттик во иднина да се зголеми буџетот за поддршка на младите за стартап-бизниси.
„Можам да ви кажам само едно големо благодарам, дека се охрабривте и во ова време на криза решивте да инвестирате во својата иднина и развој. Токму вие млади луѓе и вашите компании сте она здраво јадро во економијата што ќе нè извлече напред. Со вас, од оваа економска криза ќе излеземе посилни. Во овие три години заедно покренавме инвестиции од над 73 милиони евра, од кои над 40% се ваш влог, на домашните компании. Сега, веќе можеме гордо да зборуваме за многу успешни приказни и резултати од работата во изминатите три години. Само во 2019 година фирмите што користат средства од Фондот уплатиле на име придонеси и данок на добивка за 3,5 милиони евра повеќе средства во буџетот отколку што Фондот исплатил кон проектите. Тоа се 3,5 милиони евра повеќе за болници, училишта, наставен кадар и медицински персонал, за пензии, социјала“, рече Деспотовски.
Тој нагласи дека охрабрува фактот што Фондот ги поттикнал младите во земјава своите бизнис-идеи да ги преточат во успешен бизнис, што го потврдува и бројката дека над 52% од овие компании се основани во последната година. Деспотовски додаде и дека со таргетирани мерки во изминативе години континуирано се работи на поддршка на стартап-заедницата.
„Со овој повик веќе семејството на ФИТР брои над 500 компании. Но речиси 55% од нив, односно 299, се токму стартап-компании. Во нив вложуваме над 17 милиони евра. За споредба до 2017 биле поддржани само 30 стартап-компании со 850.000. Успеавме и покажавме дека оваа држава може да биде водечка, и тоа во една област што е неверојатно клучна во 21 век. Престижниот ‘Фајненшал тајмс’ го рангираше токму Скопје за место со најдобра клима за почеток на стартап-бизнис. И, тоа не е случајно, туку темелно одработено со конкретни резултати кои ги покажавме особено во изминативе 3 години“, рече Деспотовски.
Инаку, стартап-компаниите избрани на овој повик ќе работат на проекти во 15 различни области, меѓу кои и во медицина, градежништво, земјоделие и ИТ-технологии. Во најголем дел се микро (75) и мали (9) компании. Со реализација на инвестициските проекти, ќе се отворат нови добро платени работни места за млади луѓе, односно овие компании кои моментално вработуваат 280 лица, ќе вработат дополнителни 246 луѓе со просечна плата речиси 600 евра.
Вкупно 235 компании аплицирале во рамките на јавниот повик „Стартапувај 2“, 203 ја поминале фазата на административна проверка, а 181 продолжиле во фазата на финална селекција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
ЕБОР одобри над 20 милиони евра кредит за модернизација на железничкиот товарен возен парк во Македонија
ЕБОР одобри 20,9 милиони евра кредит на Северна Македонија за набавка на нови електрични локомотиви и современ систем за планирање на ресурсите на претпријатието (ПРП).
Проектот, како што е наведено во информацијата, ќе ја поттикне ефикасноста , ќе ги намали емисиите на јаглероден диоксид и ќе ги подобри квалитетот и безбедноста на железничкиот сообраќај.
Проектот, според наведеното, ќе придонесе во подобрување на оперативната и финансиската одржливост на Македонски Железници Транспорт преку подготовка на корпоративен план за развој.
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го зајакнува железничкиот транспортен сектор со кредит до 20,9 милиони евра на Северна Македонија, во корист на АД Македонски Железници Транспорт Скопје (МЖТ). Со ова финансирање ќе се овозможи купување до пет електрични локомотиви и имплементација на современ систем за планирање на ресурсите во претпријатието (ПРП), што е исчекор во напорите на земјата за модернизација на работењето на железничкиот сообраќај.
Проектот е имплементиран од Министерството за транспорт, со поддршка на Министерството за финансии, и ќе овозможи МЖТ да го модернизира товарниот возниот парк, да ги зајакне ефикасноста и квалитетот на работење , и да ја подобри безбедноста на возниот парк.
Инвестицијата се очекува да донесе значајни економски и еколошки придобивки. Преку зајакнување на конкурентноста и одржливоста на железничкиот транспорт, се поддржува транзицијата кон позелен и поконкурентен транспортен систем. Дополнително, со воведување на системот за ПРП, ќе се поедностави основниот деловен процес на МЖТ, поттикнувајќи натамошна оперативна ефикасност.
Проектот има за цел да го зајакне работењето на МЖТ, преку креирање на Корпоративен План за Развој , кој ќе ја подобри ефикасноста на компанијата и нејзината финансиска одржливост. Тој ќе вклучи изработка на акционен план за ефикасност, со специфични мерки за подобрување на тарифната методологија, како и ажурирање и хармонизација на методологијата за обврските на јавниот сервис согласно барањата на Директивите на Европската Унија. Покрај технолошките подобрувања, ќе поддржи и родова еднаквост и ќе помогне во зајакнување на поинклузивна и прогресивна работна средина во МЖТ.
Фатих Туркменоглу, Претставник на ЕБОР за Северна Македонија изјави: ,, Оваа инвестиција претставува унапредување на националната транспортната железница. Преку поддршка на обновувањето на возниот парк и корпоративните подобрувања на националниот железнички оператор, ЕБОР помага во поттикнување на конкурентноста, безбедноста и одржливоста на транспортната мрежа во земјата. Проектот не само што ќе испорача видливи еколошки придобивки, туку ќе постави и нови оперативни стандарди и еднакви можности во секторот. Оваа е важна инвестиција за поддршка на извозно ориентираните бизниси во земјата, во насока на нивна интеграција кон глобалните ланци на вредност, со што ќе се зајакне конкурентноста на приватниот сектор и ќе се креираат работни места, кои последователно ќе ја поддржат земјата во справување со проблемот на одливот на населението.”
Министерката за Финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, изјави: ,,Договорот за заем што денес го потпишуваме со Европската банка за обнова и развој, во износ од 20,9 милиони евра, е резултат на интензивни и конструктивни преговори и претставува потврда за довербата што меѓународните финансиски институции ја имаат во нашите политики и во насоката во која се движи државата.
Условите под кои се обезбедени средствата – долгорочен рок на отплата, поволен грејс период и конкурентна каматна стапка – се во целосна согласност со нашата стратегија за одговорно управување со јавниот долг и обезбедување одржливи јавни финансии“, рече министерката и додаде дека Министерството за финансии, останува целосно посветено на обезбедување финансиска поддршка за проекти кои носат долгорочна економска вредност, го поттикнуваат развојот и ја подобруваат поврзаноста на државата со регионалните и европските транспортни коридори.”
Министерот за транспорт, Александар Николоски, изјави: ,,Навистина ми е драго што денес имаме можност да заокружиме еден исклучително важен процес кој ќе значи набавка на најмалку пет нови електрични локомотиви, заедно со пропратни резервни делови. Со новата флота од пет локомотиви и постојните четири понови, ќе располагаме со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго-превозот, а дел од нив да се користат и во патничкиот сообраќај.”
Проектот е целосно усогласен со Бизнис планот и Акциониот план на МЖТ, за преструктуирање и развој, и е во согласност со Реформската Агенда на ЕУ за Западен Балкан која има цел да се подобри управувањето и перформансите на државните железнички претпријатија.
ЕБОР е главен институционален инвеститор во Северна Македонија. До денес има инвестирано над 3 милијарди евра во над 200 проекти во земјата.
Економија
Николоски: Инвестираме 21 милион евра за набавка на нови пет електрични локомотиви
Инвестираме 21 милион евра за набавка на пет нови електрични локомотиви кои ќе бидат од суштинско значење за зголемување на карго-транспортот, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој денеска заедно со министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и директотот на МЖ Транспорт, Дејан Кошутиќ го потпишаа Договорот за заем од ЕБРД за набавка на нови електрични локомотиви.
Николоски кажа дека со новата флота од пет локомотиви и постојните четири кои се понови, ќе располагаме со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго-превозот, а дел од нив да се користат и во патничкиот сообраќај.
„Од постојните 11 локомотиви, четири се понови, а седум се постари. Со новата флота од пет локомотиви и постојните четири понови, ќе располагаме со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго превозот, а дел од нив да се користат и во патничкиот сообраќај. Ова е особено важно за Коридорот 10, кој треба да бележи раст во наредните години, како и за Коридорот 8, кој во моментов интензивно го развиваме преку значајни инвестиции во железничката инфраструктура“, рече Николоски.
Истовремено, додаде тој, оваа инвестиција е дел и од пошироката визија за Скопје, подобрување на квалитетот на воздухот преку воведување на градскиот воз.
„Во моментов се работи на една од трите линии во делот на инфраструктурата, а во следните две години ќе се работи и на преостанатите две. Кога целиот проект ќе биде завршен, по тие линии ќе сообраќаат исклучиво електрични возови, со јасна цел, целосно да се елиминира употребата на дизел локомотиви и дизел возови во главниот град и да се придонесе за подобар квалитет на воздухот. Сега влегуваме во потешкиот, но клучен дел, успешно спроведување на набавката. Се надевам дека до март, во соработка со ЕБРД, ќе успееме да го објавиме повикот и потоа успешно да ја реализираме испораката на новите локомотиви“, рече Николоски.
Економија
Развојната банка повлече кредитна транша од над 9 милиони евра за поддршка на 17 македонски компании
Развојната банка денеска ја повлече десетата и последна транша од ЕИБ 7 кредитната линија наменета за зелена транзиција. Вкупниот износ на оваа транша е 9.251.488 евра. Средствата од оваа транша се наменети за поддршка на 17 македонски компании кои се со претежна производствена дејност.
Со повлекување на оваа транша, Развојната банка успешно ја заврши реализацијата на седмата фаза на кредитната линија со средства од Европската инвестициона банка во износ од 100 милиони евра.
Реализацијата на седмата фаза од ЕИБ кредитната линија започна со потпишување на Финансиски договор за заем помеѓу Развојна банка на Северна Македонија и Европска Инвестициона Банка за МСП и MID-CAP компании и зелена транзиција. Кредитите се пласираа преку 5 квалификувани банки – учеснички со каматна стапка до 3,5% годишно кон крајните корисници. Рокот на отплата на кредитите е до 12 години за инвестициони кредити и Mid-cap проекти и до 3 години за кредити за обртни средства.
„Со средства од кредитната линија ЕИБ 7 поддржани се 259 проекти на македонските компании. Кредитната линија ЕИБ 7 ја оствари целта за која беше креирана: зголемување на ликвидноста на стопанството, задржување на постојните и отворање на нови работни места, зголемување на извозот, обезбедување на економски раст и конкурентност на трајна основа, како и стимулирање на компаниите во инвестиции за зелена транзиција со цел долгорочна заштеда на средства преку намалена потрошувачка на енергенси и зачувување, заштита или подобрување на животната средина“, соопшти Развојната банка.
Досега, преку Развојната банка се реализираа седум фази на кредитната линија ЕИБ во износ од 650.000.000 ЕУР. Со средства од овие кредитни линии поддржани се 2.621 проекти на домашните компании и креирани 9.260 работни места.

