Економија
Фич го потврди рејтингот на Македонија – ББ со позитивен изглед

Меѓународната агенција за кредитен рејтинг Агенцијата „Фич” го потврди рејтинг на Македонија ББ, со позитивен изглед.
Континуираната кохерентност на макроекономската и финансиската политика, кои го поддржуваат стабилниот девизен курс, влијаеа на потврдата на рејтингот ББ.
„Позитивниот изглед го одразува постабилното политичко окружување, кое резултира со повисока економска доверба, пренасочувањето на политиките кон членство во ЕУ и подобрените меѓународни односи“, нагласува Фич и во извештајот нотира дека Владата постигнала напредок во исполнувањето на заложбите од промената на власта во јуни 2017 година, вклучувајќи го и имплементирањето на итните иницијативи како дел од реформскиот „План 3-6-9“, како и прашањата на транспарентноста и независноста на јавните институции.
Напредок е нотиран и кај фискалната транспарентост, чекорите за подобрување на деловниот амбиент за малите и средните претпријатија, прашањето околу името, одлуката на Советот на ЕУ за преговори за членство во јуни 2019, како и формалната покана од НАТО за зачленувањето на Македонија по решавањето на спорот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Претседателот на Сојузот на стопанските комори избран за член на Високиот совет на Светската федерација на стопанските комори

Сојузот на стопанските комори на Македонија информира дека претседателот Трајан Ангелоски учествува на 14-тиот Светски конгрес на стопанските комори (14WCC), кој се одржува од 2 до 4 септември 2025 година во Мелбурн, Австралија.
Во рамките на овој значаен глобален настан претседателот Ангелоски беше избран за член на WCF General Council – највисокото управно и одлучувачко тело на Светската федерација на стопанските комори.
Од Сојузот велат дека ова претставува исклучително признание и голема чест за Македонија, со што нашата земја добива свое место и глас во креирањето на клучните стратегии, политики и насоки за развој на стопанските комори и деловната заедница на светско ниво.
Конгресот во Мелбурн обединува водечки претставници од сите континенти со цел унапредување на меѓународната соработка, создавање нови деловни можности и зајакнување на врските помеѓу стопанските комори и компаниите. Настанот беше свечено отворен од г. Пол Гвера, извршен директор на Victorian Chamber of Commerce & Industry и од градоначалникот на Мелбурн, Lord Mayor г. Николас Рис, кој ја поздрави меѓународната делегација и ја истакна важноста на Конгресот за глобалната бизнис-заедница.
Членството на претседателот Ангелоски во WCF General Council е силна потврда дека Македонија се позиционира како активен и влијателен партнер во глобалните економски текови обезбедувајќи нови можности за домашните компании и претприемачи.
„Ова е значаен момент и гордост за нашата држава. Со овој чекор Македонија добива право на глас во донесувањето на најважните одлуки на меѓународно ниво, а воедно и можност да го претстави својот претприемачки дух пред светот“, истакна Ангелоски.
Економија
(Видео) Лукаревска: Владата се задолжи 15 милиони евра за проект кој е 94,3% реализиран

Денес пред целата јавност, зборувавме за уште едно ново задолжување на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, од 15 милиони евра. Задолжување за проект кој, според официјалните податоци, е реализиран 94,3%. Прашањето е, зошто 15 милиони евра за само 5,7% нереализирани активности, рече пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска на денешната собраниска седница.
Таа потенцираше дека овој проект, вреден 21,5 милиони евра, беше донесен уште во декември 2020, со поддршка од мнозинството предводено од СДСМ.
„Истите тие кои денес седат во Владата, тогаш го критикуваа. Неосновано. Обвинуваа за ‘душманско трошење’, велеа ‘нов ден, ново задолжување’. А сега е исто, само износот на којшто треба да се задолжиме е различен. Дали денес ги има тие стандарди? Ги има. Новото законско решение се носи без ниту еден претставник од Министерството за образование. Владата на ВМРО-ДПМНЕ носи закон за образование без ресорниот министер , “, потенцираше Лукаревска.
Таа потсети дека во предлог-законот се задржани истите четири компоненти од првичното решение, вклучително и компонентата за консултанти и обуки, токму она што го критикуваа ДПМНЕ кога беа во опозиција.
„Што е сменето? Ништо. Освен што сега трошат уште 15 милиони евра. И ова се прави пред избори за да можат градоначалниците да се пофалат со поддршка од централната власт. Замислете, денес е втори септември, изборите се на 19 октомври“, рече Лукаревска.
Според неа, ова задолжување нема економска логика, нема образложение, нема нишка отчетност.
„Ова не е развојна инвестиција, ова е политичка злоупотреба. Постојат и други небулози кои го детерминираат ова законско решение, односно ова задолжување, како една несоодветна конзистентност во она што значи политики на една или друга политичка партија. Ако нешто се критикуваше претходно од опозицијата, што е сменето сега за да се поддржи кога сте власт? Веројатно овде ќе важи и она правило: Не ме гледај што правам, слушај ме што зборувам“, истакна Лукаревска.
Економија
(Видео) Битиќи: Нов ден, ново задолжување на владата на ДПМНЕ, граѓаните плаќаат прескапа цена

Владата на ВМРО-ДПМНЕ најави ново задолжување од 15 милиони евра преку заем од Светската банка, со образложение дека парите ќе се користат за унапредување на основното образование. Секое вложување во образованието е неопходно, но да бидеме искрени. ова не е дебата за квалитетот на образованието. Денес, гледаме уште еден пример на непромислено, нетранспарентно и лицемерно задолжување, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната собраниска седница.
Битиќи потсети дека истиот проект за унапредување на основното образование, кој сега ВМРО-ДПМНЕ го предлага преку заем, во 2021 година беше блокиран токму од нив.
„Овој проект тогаш не им беше прифатлив, а денес, истиот го претставуваат како свој успех. Што се смени? Само тоа што сега се на власт“, реагираше Битиќи.
Тој потенцираше дека Владата предлага ново задолжување во услови кога јавниот долг има засилен тренд на зголемување, а државата е турната во должничка спирала и кога истите тие што ги задолжуваат граѓаните немаат храброст да излезат пред јавноста и да кажат каде одат тие пари и под кои услови.
-Наместо конкретен план, листа на училишта или барем критериуми според кои ќе се распределуваат средствата, јавноста доби, молк. Вчера добивме 55 секунди објаснување на собраниска комисија. Денес , 3 минути и 20 секунди. Без ниту еден документ, без визија, без отчет. Само нов долг, обвиен во празни зборови“, посочи Битиќи.
Тој потсети и дека растечката задолженост е без контрола, нагласувајќи дека од 1 јули 2024 до 1 септември 2025, државата се задолжила за над 1,8 милијарди евра. Дополнително, најавени се нови 950 милиони евра преку заеми на меѓународниот пазар и 70 милиони евра од домашните банки. Со тоа, вкупниот износ на задолжување ќе надмине 2,8 милијарди евра.
-Фискалниот совет алармира дека постојат над 700 милиони евра доспеани, но неплатени обврски , тоа е 4,4% од БДП. Тој товар е скриен од граѓаните, но е реален, и еден ден ќе дојде на наплата“, истакна Битиќи.
Тој потенцираше дека јавниот долг од 56,9% од БДП во третиот квартал од 2024, пораснал на 62,4% на крајот на годината, а во првиот квартал од 2025, паднал на 57,7%, само за повторно да се зголеми на 58,5% во вториот квартал.
-Тоа значи дека јавниот долг се зголемил за 867 милиони евра од 8,8 на 9,7 милијарди евра до крајот на јуни 2025. Ова не е стабилност. Ова е должничка спирала“, нагласи Битиќи.
Остра критика упати и за, како што рече, неспособноста на Владата да ги искористи средствата од Европската Унија.
-43 милиони евра за реформска поддршка останаа неискористени. Уште 52 милиони евра аванс не се ставени во функција. Од очекуваните 17,1 милион евра, добивме само 8 милиони, затоа што оваа Влада реализирала само 40% од потребните реформи. Ова не е вина ни на Бугарија, ни на Грција, ни на СДСМ. Ова е вина исклучиво на Владата, која не го исполнила својот дел од обврските. Наместо да користи европски грантови што не мора да се враќаат, тие избираат кредити што ќе ги враќаат идните генерации!“ рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи.