Економија
„Фич“: Фундаментите на банкарскиот сектор и натаму се здрави

Фундаментите на банкарскиот сектор на Северна Македонија и натаму се здрави, објави агенцијата „Фич“ соопштувајќи дека го потврдува кредитниот рејтинг на нашата земја ББ+, со стабилен изглед.
Меѓу другото, агенцијата наведува дека секторот е прилично добро капитализиран и дека на крајот на вториот квартал на оваа година стапката на основен капитал достигна 15,8 отсто. Истовремено, нагласено е и дека нивото на нефункционалните кредити е умерено и дека нивната покриеност со резервации од банките е висока.
Како што соопштија од Народната банка, во контекст на позитивната оцена за банкарскиот сектор, „Фич“ се осврнува и на растот на депозитите и кредитите. Притоа, одделно е посочено зголемувањето на учеството на денарските во вкупните депозити. Кај кредитната активност в година агенцијата очекува раст од 8,5 отсто.
Инаку, за потврдувањето на кредитниот рејтинг ББ+, со стабилен изглед, „Фич“ наведува и дека првенствено се должи на кохерентноста на макроекономската и финансиската политика, која ја поддржува стратегијата на фиксен курс на денарот во однос на еврото, како и на показателите за управување, за човечки капитал и за околина за водење бизнис, кои се подобри во однос на просекотн ББ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ги привлекуваме стратешките инвеститори од Саудиска Арабија во Попова Шапка и агробизнисот, велат од „Вреди“

Министерот за економија и претставник на „Вреди“, Бесар Дурмиши во Сараево оствари средба со неговата екселенција, Абдулазиз Алсакран, информираат од оваа коалиција.
„Во рамките на успешното учество на Економскиот бизнис форум, еден од најважните регионални настани оваа година, што се одржа во Сараево, министерот за економија и претставник на „Вреди“, Бесар Дурмиши, оствари билатерална средба со неговата екселенција, Абдулазиз Алсакран, една од клучните личности во економската дипломатија на Кралството Саудиска Арабија, кој ја извршува функцијата заменик-гувернер за меѓународни односи при Генералниот орган за надворешна трговија (GAFT).
Оваа средба го означи еден од најзначајните моменти на форумот, отворајќи нови хоризонти на економска соработка и потврдувајќи ја активната позиција на Северна Македонија, преку „Вреди“, во градењето стратешки партнерства со најмоќните глобални економии“.
Двете страни, како што е соопштено го потврдиле својот заеднички интерес за зголемување на трговската размена, која моментално изнесува 44 милиони долари, со цел надминување на ова ниво преку заеднички иницијативи и конкретни развојни проекти.
На состанокот биле разгледани повеќе прашања од стратешко значење, меѓу кои:
Организирање заеднички бизнис форуми и спроведување меѓусебни посети на економски делегации. Создавање услови за саудиски инвестиции во сектори со висок приоритет за економскиот развој на земјата, како што се земјоделството, туризмот и одржливата инфраструктура. Поддршка за развој на скијачкиот центар “Попова Шапка“ во Тетово, како клучен проект за промоција на планинскиот туризам и економскиот развој на Полошкиот регион. Поттикнување на халал сертификација на локалните производи, со цел зголемување на извозот и диверзификација на меѓународните пазари.
Според „Вреди“ економијата на Северна Македонија има значителен потенцијал, а со стратешки партнери како Саудиска Арабија, овој потенцијал може да се трансформира во конкретни проекти што ќе донесат развој, вработување и благосостојба за граѓаните.
„Вреди“ останува посветен на градење одржливи мостови на меѓународна економска соработка, со јасна визија да донесе квалитетни инвестиции кои директно влијаат врз животот на граѓаните и рамномерниот развој на сите региони во земјата, нагласуваат во партиското соопштение од оваа коалиција.
Економија
Новиот Закон за енергетика објавен во „Службен весник“ – започнува официјалната примена

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека новиот Закон за енергетика е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“, со што по предвидениот рок од денот на објавувањето и официјално започнува неговата примена.
„Овој системски, реформски и европски усогласен закон беше изгласан во Собранието со силна поддршка, претставувајќи нов темел на енергетската политика во земјата – закон со кој темелно се регулира овој сектор и кој нуди визија за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина“, велат од Министерството.
Од таму велат дека со имплементацијата на новиот закон, Македонија добива јасна и стабилна рамка за: значајно зголемување на уделот на обновливи извори во финалната потрошувачка, повисока енергетска ефикасност и намалување на загубите, отворен пазар и активно учество на граѓаните како производители и потрошувачи на енергија, заштита на ранливите категории и намалување на енергетската сиромаштија и предвидлив амбиент за домашни и странски инвестиции во нови енергетски капацитети.
Законот доби поддршка и од Секретаријатот на Енергетската заедница, што, според Министерството, е силна потврда за посветеноста на нашата држава кон европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ.
„Официјалната примена на законот претставува почеток на конкретни активности за дигитализација, модернизација и зелена трансформација на енергетскиот сектор, во насока на еколошка, економска и социјална одржливост“, велат од Министерството.
Економија
Групата за соработка со пратеници од разни партии, но со ист став за зајакнато пријателство со Кина

Пратеничката група на Собранието за соработка со парламентот на Народна Република Кина се сретна со Чен Џоу, заменик-министер на Меѓународниот оддел на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина.
Претседателката на групата, Олга Лозановска, во воведното обраќање истакна дека иако сме географски оддалечени, односите меѓу двете држави се пријателски и се развиваат во духот на меѓусебното разбирање и заемното почитување. Нашата земја го афирмира ставот за постоење на една Кина, владата на НР Кина е единствената легитимна влада на кинескиот народ, а Тајван е неделив дел од кинеската територија, рече Лозановска.
Традиционалното формирање на оваа група за соработка е само показател на интересот за воспоставување, негување и продлабочување потесни меѓупарламентарни врски, кои ќе влијаат врз унапредување на севкупните политички, економски и културни односи меѓу двете држави.
Од своја страна, Чен Џоу ја сподели импресионираноста од првата посета на земјата. Кина го почитува развојниот пат на нашата земја и ги разбира и поддржува нашите напори за интегрирање во ЕУ. Заложбите на земјите за една Кина се темелни во градењето на сите односи со Кина, потенцира Чен.
Соработката со законодавниот дом и со партиите играат важна улога во градењето на билатералните односи и во таа насока радува фактот што во групата за соработка членуваат пратеници од разни партии, но со ист став за зајакнато пријателство со Кина. Во овој контекст се напорите за идно проширување на пријателските размени на Комунистичката партија на Кина со политичките партии во земјата почитувајќи ги меѓусебните разлики. Преку тие партиски канали и размена на искуства на сите нивоа ќе се придонесе кон зајакнување на севкупните билатерални односи.
Членовите на пратеничката група, Садик Сулејмани и Димитар Апасиев, исто така имаа можност да изразат чест од одржувањето на средбата. Сулејмани ги нагласи бизнис-односите и можноста за нивно олеснување, а Апасиев имаше пофални зборови за моделот на социјализмот со кинески карактеристики.
Присутните беа согласни за продлабочување на меѓусебната соработка на повеќе полиња, како економија, трговија, енергетика, бизнис, инфраструктура…, но и засилени односи во образованието, размената на млади, туризмот. Двете земји покажуваат интерес за културата, а тоа се покажува и преку постоењето и популарноста на катедрите за македонски јазик на неколку кинески универзитети.
Од двете страни беше изразена благодарност и до Амбасадата на Кина за континуираните заложби за унапредување на односите меѓу двете држави и традиционалното пријателство.