Економија
Фондацијата „Трајче Мукаетов“ додели 40 нови стипендии за учебната 2022/2023

За петнаесет години постоење, Фондацијата „Трајче Мукаетов“ стипендирала 619 студенти по фармација и по медицина при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, а за досегашните активности инвестирани се близу 120 милиони денари.
Во согласност со објавениот јавен конкурс, изборот на стипендистите за учебната 2022/2023 година е усвоен од страна на Управниот одбор на Фондацијата, по предложената прелиминарна листа од kомисиите за распределба на стипендии, во чиј состав членуваа претставници од Фондацијата, од двата факултети, како и претставници од редовите на студентите.
За учебната 2022/2023 година Фондацијата „Трајче Мукаетов“ додели 40 нови стипендии, од кои 20 за студенти на Фармацевтскиот и 20 за студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје. Еднократната парична награда во висина од 1.200 евра во денарска противвредност, која ја доделува Фондацијата дванаесетта година по ред за првенците на генерациja на двата факултети, годинава им припадна на Филип Горачинов од Фармацевтскиот факултет (со просек 9,19) и на Стефан Неделкоски од Медицинскиот факултет (со просек 10,00), стипендист на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.
„Во мај 2007 година ја формиравме Фондацијата ‘Трајче Мукаетов’ со една единствена цел: да биде додадена вредност на македонското здравство и фармација. За 15 години постоење, стипендирани се 619 студенти по фармација и медицина на државниот универзитет во Скопје, доделени се 24 еднократни парични награди на првенци на генерациите на двата предметни факултети, за кои активности инвестирани се близу 120 милиони денари. До денес, 97 стипендирани студенти ги отпочнале своите кариери во фармацевтските оддели на ‘Алкалоид’. Децениските инвестиции во едукација на македонските лекари и фармацевти, програмите за практикантство, за парцијално-дуално образование и слични проекти се насочени кон подигање на квалитетот на образовниот процес, стимулирање на студентите кон повисоки достигнувања и градење на идни квалитетни и конкурентни професионалци. Нашите операции се комплексни и засновани на научни методи, а за нив потребни се стручно профилирани кадри. Благодарение на високата селективност при регрутирањето и континуираните вложувања во сферата на едукацијата, денес конкурентно и достоинствено се носиме на глобалниот фармацевтски пазар“, изјави г. Живко Мукаетов, Претседател на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и генерален директор на компанијата „Алкалоид“ АД Скопје.
Почнувајќи од 1 ноември 2022 година, во согласност со одлуката на Управниот одбор на Фондацијата „Трајче Мукаетов“, износот на стипендијата, наместо досегашните 6.500 денари, ќе изнесува 7.000 денари во текот на 12 месеци и ќе се засметува линеарно на постоечките и новите стипендисти.
Фондацијата „Трајче Мукаетов“, чиј основач е „Алкалоид“ АД Скопје, е формирана за целите на поддршка на проекти од сферата на фармацијата, медицината и науката, пред сѐ преку стипендирање млади, амбициозни кадри кои својата кариера им ја посветиле токму на овие дејности.
ПР-текст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Горан Ѓорѓиевски избран за нов претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија

Со одлука на Собранието на Сојузот на стопански комори на Македонија, за нов претседател е избран Горан Ѓорѓиевски.
„Ова е специфичен момент затоа што треба многу да се направи за брендот Сојуз на стопански комори повторно да го добие реномето од пред десетина, петнаесет години. Влегуваме во нови времиња во кои ќе придонесеме за посилно деловно застапување, дигитална трансформација, раст на продуктивноста и транспарентноста на домашните компании“, изјави новоизбраниот претседател Ѓорѓиевски.
Во својата програма тој најави неколку приоритети: унапредување на деловната клима преку континуиран дијалог со институциите, поддршка на малите и средните претпријатија, поттикнување на иновациите и дигитализацијата, јакнење на регионалната и меѓународната соработка, како и инвестирање во образование и човечки капитал.
Економија
Славески – Прескер: потврда на значењето на Народната банка за економската стабилност

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер и со економскиот советник Горан Криж.
Во разговорот беше истакната улогата на Народната банка во одржувањето на макроекономската стабилност и значењето на довербата во финансискиот систем за економскиот развој и инвестициите.
Славески ја истакна посветеноста на Народната банка кон овие принципи, додека амбасадорот Прескер ги нагласи долгогодишните добри дипломатски и економски врски помеѓу двете економии, особено во финансискиот сектор каде што активно се вклучени голем број реномирани словенечки компании.
Во однос на финансискиот сектор, Славески се осврна на заложбите на Народната банка за намалување на надоместоците на банкарските услуги, заради обезбедување подостапни финансиски услуги за сите економски субјекти. Прескер искажа задоволство од заложбите на Народната банка и ја потврди понатамошната поддршка од Словенија, вклучително и преку центарот за обуки ЦЕФ.
Средбата претставува можност за продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји и унапредување на соработката.
Економија
Ќе се олеснува кредитирањето при купување прв стан, вели Славески

Извршниот одбор на Народната банка усвои нова Одлука за макропрудентните мерки поврзани со макропрудентните инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица. Со оваа одлука се регулираат основните показатели со кои се оценува кредитоспособноста на физичките лица, кога тие бараат кредити од банките и од штедилниците. Мерките ќе се применуваат од 1 декември 2025 година.
Гувернерот д-р Трајко Славески на конференцијата за печатот објасни дека со новата одлука се олеснува кредитирањето за купување или градење прво живеалиште, односно стан или куќа наменети за сопствено живеење. Но, имајќи ги предвид условите на пазарот на недвижности, особено во главниот град, што водат кон забрзан раст на цените на становите, поради што стануваат недостапни за помладите генерации, се врши и затегнување на условите за користење кредит за станбен објект којшто не претставува примарно живеалиште за кредитобарателите.
„За сите лица со нерешено станбено прашање, коишто навистина немаат стан/куќа на свое име каде што би живееле, а се очекува дека тоа ќе бидат претежно млади лица и млади брачни парови, со новата одлука се дозволува, без да се наруши пристапот на прудентност, тие да добијат станбен кредит и со учество од 10% од вкупната вредност на објектот за живеење. Наспроти ова, за сите останати случаи, минималното сопствено учество се зголемува од постојните 15% на 25% од вредноста на станот. Исто така, за корисниците на станбени кредити наменети за купување или градење прво живеалиште, ќе останат во важност досегашните лимити на показателот ДСТИ, коишто изнесуваат 55% за изложеноста во денари и 50% за изложеноста со валутна компонента. За сите останати баратели на кредити се предвидуваат пониски нивоа за овие показатели, и тоа од 50% за изложеноста во денари и 45% за изложеноста со валутна компонента.“
Имено, олеснувањето при купување прв стан се однесува на лицата коишто навистина немаат стан или куќа на свое име и планираат да купат или да изградат дом за сопствено живеење, за што треба да исполнат одредени критериуми, а се воспоставуваат соодветни механизми за проверка и следење, коишто се детално образложени во Одлуката.
„Промените во макропрудентните мерки имаат превентивен карактер и нивната цел е да нѐ заштитат сите нас од прекумерна задолженост, што може да се одрази понатаму на способноста за редовно отплаќање на обврските, како и на вкупната стабилност на финансискиот систем. Истовремено, со овие промени внимаваме да не „ги погодиме“ оние лица кои имаат потреба да го решат своето животно, станбено прашање, овозможувајќи им поповолни критериуми и полесен пристап до кредити, во однос на останатите корисници на кредити“, посочи гувернерот Славески.
Со ваквиот пристап, Народната банка се усогласува со практиката на голем број други централни банки во светот.